Магдалена Стојмановиќ-Константинов
Човекот има природно тежиште кон среќа и среќен живот. Но научната фантастика ја става под прашалник човечката желба за среќен живот, кој преку via negativa се дефинира како отсуство на страв, болка, несреќа, несигурност. Во „Храбар нов свет“, Олдус Хаксли го презентира апсурдот на сценариото што произлегува од мисловен експеримент на истражувачкото прашање „Што доколку во светот завладеат целосна среќа и удобност?“, „Како ќе изгледаат луѓето во свет во кој се отстранети сите можности за болка, страв и несигурност?“
Хаксли ја развива тезата дека човекот, дури и во општество без страдање – каде што секоја акутна состојба на болка, страв или несигурност се решава со магичната пилула „сома“ – сепак би избрал да избега во реалниот свет, каде што луѓето не се лишени од ниту едно автентично човечко искуство. Доколку постои физичко разграничување на утописко општество, создадено по сите стандарди за достигнување на најмногу среќа кај луѓето и нормално општество, сепак помеѓу луѓето, па макар и да е поединец ќе се јави желбата да го живее животот што не е лишен од ниту едно искуство.
Криминолозите и психолозите објаснуваат дека трилерот и крими-жанровите се особено популарни помеѓу публиката токму поради фактот што човечката љубопитност е голема да го искуси барем посредно, негативното, лошото и темното во човечката природа и дека токму стравот е најсилната емоција кај човекот. Постојат психолози што тврдат дека децата се раѓаат како емоционално празни, но, постојат само два вродени страва, а тоа се страв од паѓање и страв од врева. Во основата на човечкото битие, според нив, е токму стравот.
Дарвин, пак, вели дека во сите култури се препознаваат шест доминантни емоции без разлика на нивниот степен на развој и сите исто се покажуваат. Но тој не го дава одговорот дали нивната природа е вродена или сепак постојат социјални механизми на стекнување и учење.
Роберт Нозик го поставува мисловниот експеримент за „машината на искуство“. Тој вели дека доколку постои машина што ќе создаде совршено удобен живот исполнет со љубов, успех, среќа и задоволство, луѓето сепак ќе имаат дилема дали да се приклучат на неа засекогаш. А зошто? Затоа што луѓето сакаат да имаат автентични искуства и да веруваат дека нешто навистина тие ексклузивно преживеале и искусиле, одошто да живеат во симулација на среќа. Со тој мисловен експеримент тој повлекува јасна разлика помеѓу среќен живот и симулација на среќа. Ова идеја на Нозик не е нова и таа има потекло во античката филозофија. Аристотел, на пример, прави јасна разлика помеѓу среќа, како минливо и моментално задоволство, на пример да отидете на масажа во современ контекст, и среќа како евдајмонија, односно како среќен живот што произлегува од односот на човекот кон она што тој го прави и го постигнува, односно дејствува.
Среќниот живот, според Аристотел, е односот кон целината на човечкото свесно дејствување, а не момент што може да се измери во конкретни примери. Џон Стјуард Мил, говорејќи за среќата, поентира дека подобро е незадоволен човек отколку задоволна свиња, што е во директен судир на повисоките задоволства кон кои се стреми човечкото суштество. Според Мил, идејата на човечкото постоење не е само да ги задоволува нагоните и страстите, туку да наоѓа смисла во работите што ги прави. Со тоа, дури и незадоволството е многу поприродна состојба на човечкото суштество отколку постојаното задоволство што произлегува од трка по ниски страсти.
Човекот не е само она што го јаде, пие и искусува како телесна удобност, туку и неговата макотрпна потрага по сопственото место во свет, кој постојано го поставува пред прашалници. На крајот, научната фантастика го поставува прашањето дали навистина опозитот на среќата е токму несреќниот живот? Што доколку утопизмот и среќниот живот како во „Храбар нов свет“ изродат армија рамнодушници? Што ако опозит на несреќата е токму рамнодушноста? Ако ги отстраниме сите болки, ризици, загуби и стравови, дали ќе создадеме среќен човек или суштество што повеќе нема да има причини да бара одговори и смисла на својот живот? На крајот, што ако среќата не е отсуство на болка, туку способност да се прифати болката како составен дел од животот? Односно дали животот што го замислуваме како идеален, навистина го посакуваме? Или токму овој свет, таков каков што е, е идеалното место човекот да ја создава сопствената среќа? Можеби среќата не се наоѓа во светот што го ослободил човекот од страдањето, туку во човекот што, и покрај страдањето, не се откажал од потрагата по смислата на сопственото постоење.































