„Златна бубамара на популарноста“ да добие орден за заслуги за народот и државата

Кога нашиот весник „Нова Македонија“ повторно би доделувал плакети „личности и настани на годината“, овој пат „Златна бубамара на популарноста“ би добила признание за најпатриотска манифестација, која на површина ги вади носителите на мисловниот и творечкиот потенцијал од нашата Македонија, демонстрирајќи вистински универзални вредности во повеќе области на општествениот живот и покажувајќи дека постојат висококвалитетни личности и проекти што овој народ и држава ги држат во живот и покрај сите премрежиња, а на пошироката јавност ѝ покажуваат дека пламенот на древната култура во Македонија не е згариште и пепел, туку дека од него како од искра, повторно ќе вивне пламен

По завчерашното емитување на „Златната бубамара на популарноста“, македонската јавност сѐ уште ги собира импресиите од неколкучасовното шоу, кое од година на година му посветува сѐ поголемо внимание на квалитетот во одредени општествени сфери и го издвојува, истакнува и наградува, а сето тоа низ призмата на македонизмот, патриотизмот, на културните вредности, на историјата и на наследството што им го оставаме на младите генерации.
Минатата година најголем печат на единствениот културен настан за кој се бара карта повеќе, огромен печат остави изведбата на „Ми заплакало селото Ваташа“, од страна на маестралните Андријана Јаневска и Игор Џамбазов, а годинава печатот дефинитивно го остави Џамбазов со рецитирањето на „Т’га за југ“ и со говорот за сите иселени Македонци низ светот.
Тоа, во најмала рака, предизвика морници кај сите што го следеа шоуто, кај многумина имаше и понекоја солза, бидејќи речиси сите ние имаме некој наш што заминал во „пустата туѓина“, а тоа, за жал, е исто така дел од нашата традиција.
Оваа манифестација успешно, низ забава, го проткајува она што од година на година ни бледнее, а тоа е чувството за патриотизам и традиција, која е клучна нишка за нашето постоење и битисување.
Тука, и покрај сите комични моменти на кои со солзи се смееме, секако на сопствена сметка, она што најмногу импресионира е неприкосновеното внимание што им се посветува на македонските вредности, на културата, традицијата, обичаите…
Не е малку да кажам дека „Златна бубамара“ е чиста емоција, вистинско уживање за сите возрасти, извор на неверојатни спомени и зародок на патриотизмот, онаа мала искра во душата на секој Македонец што е подзгасната сѐ додека некој одново не ја разгори…

Кога нашиот весник „Нова Македонија“ повторно би доделувал плакети „личности и настани на годината“, овој пат „Златна бубамара на популарноста“ би добила признание за најпатриотска манифестација, која на површина ги вади носителите на мисловниот и творечкиот потенцијал од нашата Македонија, демонстрирајќи вистински универзални вредности во повеќе области на општествениот живот и покажувајќи дека постојат висококвалитетни личности и проекти што овој народ и држава ги држат во живот и покрај сите премрежиња, а на пошироката јавност ѝ покажуваат дека пламенот на древната култура во Македонија не е згариште и пепел, туку дека од него како од искра, повторно ќе вивне пламен.
Лично, можам слободно да кажам со гордост дека и нашиот весник е еден од ретките што се залагаат за негување и промоција на патриотизмот. Ние, како во минатото, така и денес, сме биле и ќе бидеме буквар, читанка за македонските работи. Она што од нас, исто како и од „Бубамара“, им се пренесува на помладите генерации, кои сѐ помалку знаат за историското минато, за вековната борба да се дојде до сопствена држава, е наследството од нашите предци, кое никако не смееме да дозволиме да замине во историјата и да падне во сенката на заборавот.
Токму затоа ние сме силни поддржувачи на оваа манифестација, бидејќи бремето што таа го носи на грбот е навистина големо како карпа. Македонија е колепка на универзалните вредности: морални, етички, верски, образовни, историски… Тоа не се продава. Ниту, пак, народот што е носител и пренесувач на ваквите вредност може да биде сотрен… Може да биде предаден, излажан…, може да го натераат да скршне од својот пат, но историјата покажува дека тој воскреснува. Токму тие гореспоменати вредности се длабоко засадени во македонската почва и во душата на македонскиот народ, така што никулците повторно и повторно изртуваат.

Да се опстои во ова време на глобализација, да се преживее под налетот на сѐ поголемите влијанија од западните земји, практично е борба со змејови, но со сила предводена од едно чисто чувство, како што е патриотизмот, се надеваме дека „Бубамара“ ќе живее уште долги години, и тоа не само за да нѐ засмејува туку да ни го визуализира и на големата сцена да го каже она што сме го изумиле, убаво да нѐ протресе и да нѐ освести дека никој не може повеќе да ја сака Македонија од нас самите.
Од срце ѝ благодарам на „Златна бубамара на популарноста“ за емоциите што ги разбуди, и не само кај мене туку кај сите нас. Им посакувам уште долги години да постојат и да истраат, иако од година на година нѐ има сѐ помалку за сметка на тоа што нѐ има сѐ повеќе низ белиот свет.
Капа долу, „Бубамаро“!

[email protected]