Фото: „Нова Македонија“

Придобивките, според зборовите на Коѕијас, се контрола на воздушниот простор над Македонија за да не може тој да потпадне под надлежност на Турција или, пак, на Италија… Водејќи се според парадигмата дека тој што го контролира небото ја контролира и земјата, Коѕијас логично прашува зошто грчката влада со упорното одбивање да ги ратификува трите меморандуми ги доведува во опасност сите придобивки за Грција од Преспанската спогодба, кои се однесуваат на контрола на воздушниот простор, копното, енергентите, економијата и на образованието (јазикот, историјата), како клучни работи од кои зависи одржливоста на една суверена земја и народ. Имено, да биде киднапирана сувереноста на Македонија, по сите претходно споменати основи…

Поранешниот шеф на грчката дипломатија ги открива вистинските намери на нашиот јужен сосед и стратегиската визија за Договорот од Нивици

Актуелната криза во државата поврзана со промената на личните документи на македонските граѓани поради преземените обврски од Преспанската спогодба, повторно го актуализира прашањето дали земјава со потпишувањето на договорот во Нивици всушност го стави во заложништво сопствениот суверенитет и ги доведе под прашалник сопствените стратегиски интереси.
Познавачите на меѓународното право се категорични во својот став дека Преспанската спогодба не е потпишана врз принципот бона фиде, односно со добра волја, туку крајната цел е остварување на стратегиските цели на Грција!

Прв приоритет на Грција: Контрола на македонскиот воздушен простор

Потврда дека тоа е така стигна неодамна од поранешниот грчки министер за надворешни работи Никос Коѕијас, кој, говорејќи на панел-дискусијата посветена на надворешната политика на конференцијата на „Катимерини“ по повод 50-годишнината од обновувањето на демократијата во земјата, истакна дека сѐ уште „Грција не ги остварила планираните придобивки од Преспанската спогодба“ онака како што планирала!
– Жал ми е многу што Владата на Нова демократија продолжува да го третира случајот со Преспа како внатрепартиски проблем. Односно, постојат трите протоколи, едниот протокол вели дека ние ќе го контролираме воздушниот простор на С. Македонија. И ова не го носи во парламентот. Зошто? Кој ќе биде против? И сега воздушниот простор преку НАТО го преземаат Италијанците, а за кратко ќе видиме што ќе прави и Турција. И, се прашувам, која е придобивката? Која е целта? – праша Коѕијас.
Според него, актуелната грчка влада ги распушти комисиите што постоеја за образовните прашања и за трговските ознаки, формира нови, но не постои напредок.
Излагањето на поранешниот грчки шеф на дипломатијата е директна потврда дека зад грчката неколкудецениска блокада на Македонија, во пакет со одземањето на името, кое се користело како алатка од грчката официјална политика, биле планирани и други стратегиски цели и придобивки во однос на Македонија.
А придобивките, според зборовите на Коѕијас, се контрола на воздушниот простор над Македонија за да не може тој да потпадне под надлежност на Италија или на Турција.
Водејќи се според парадигмата дека тој што го контролира небото ја контролира и земјата, Коѕијас логично прашува зошто грчката влада со упорното одбивање да ги ратификува трите меморандуми ги доведува во опасност сите придобивки за Грција од Преспанската спогодба, кои се однесуваат на контрола на воздушниот простор, копното, енергентите, економијата и на образованието (јазикот, историјата), како клучни работи од кои зависи одржливоста на една суверена земја и народ. Имено, да биде киднапирана сувереноста на Македонија, по сите претходно споменати основи…
Со Спогодбата од Нивици веќе се ограничи опсегот на македонскиот јазик, се интервенираше во историјата со наметнување на задолжителната додавка на секој споменик дека е „дел од хеленското културно наследство“, без оглед што спомениците се откриваат на територијата на Република Македонија и над кои државата има право да гради сопствен историски наратив.

Преговори со визија и јасни стратегиски цели

Она што Коѕијас јасно го истакна во повеќе наврати е дека грчката страна при преговорите со Македонија околу разликите за името имала јасна визија точно што сака и како да го оствари тоа. Токму затоа во грчкиот преговарачки тим имаше над четириесетина лица, пред сѐ експерти од сите области, додека од македонска страна преговараа најмногу тројца луѓе. Постоењето визија и крајна цел ја доведе Грција до целосен триумф со потпишувањето на Преспанската спогодба, но сега Коѕијас гледа закана од актуелните грчки политичари, кои со своето недејствување го доведуваат под прашалник остварувањето на придобивките од договорот и крајните цели.
Со ставот на Коѕијас во однос на доцнењето на ратификацијата на меморандумите и ситуацијата со комисиите, „апсолутно се согласува“ и поранешниот министер и поранешен лидер на ПАСОК, Евангелос Венизелос.
– Договорот од Преспа е придонес на Владата на СИРИЗА и Независни Грци и на Никос Коѕијас и на тогашниот премиер, бидејќи и покрај проблемите, кои според мене можеше да се намалат, сепак е договор што го почитуваме и се придржуваме кон него и треба да бараме не само да се спроведува туку и да биде над Уставот на соседната земја – рече Венизелос, со што јасно потврди дека работите од договорот треба да бидат над Уставот на Македонија, односно посилни од највисокиот правен акт во државава.

Атина го сака целиот пакет и нема да отстапи од тоа

Поранешни дипломати, дел од нив запознаени со преговарачкиот процес околу разликите за името со Грција, немаат никаква дилема дека официјална Атина го сакаше целиот колач кога станува збор за Македонија.
– Тие беа решени да одат докрај и ништо немаше да ги поколеба во тоа. Па во 2008 година му се спротивставија на поранешниот американски претседател Џорџ Буш Помладиот и не дозволија прием на земјава во НАТО под привремената референца, оти знаеја дека на тој начин нема да ја постигнат главната цел, целосно да ја стават под своја контрола државава. Коѕијас, Венизелос, па и Бакојани, јасно кажуваат дека нивните цели не се остварени. Бакојани вели дека за неа не е спорно новото име на државата, туку спорни се идентитетот и јазикот. Тоа значи дека за нив „северномакедонски“ за јазикот и „северномакедонци“ за народот ќе биде постигање на целта и не е исклучено да работата на тоа. Не случајно повеќе европски политичари пуштија таков пробен балон, кога и Макрон и Фон дер Лејен нѐ нарекоа „северномакедонци“, чисто за да ја видат нашата реакција и да го напипаат пулсот. Не се тоа луѓе што тукутака кажуваат лапсуси. Коѕијас ја сака контролата на воздушниот простор бидејќи контролата на економијата и на енергентите веќе е остварена, така што сака да го искористи моментот за заокружување на придобивките од договорот – велат соговорниците.
Според нив, со самото тоа што Коѕијас јавно истапува и прашува кои се придобивките од блокадата на меморандумите, де факто признава дека постои скриена агенда.
– Придобивките ги сакаат 100 отсто и веднаш, без одложување за да не се појави друг што ќе посака од колачот, на пример Бугарија, која, поучена од грчкото искуство, и самата почна да го прави она што официјална Атина го правеше со децении. Зошто инаку ќе им беше толку проблематично да дозволат флексибилен технички период од дополнителни девет месеци за да се избегне кризата со замената на личните документи во земјава? Коѕијас не крие дека има заднина и стратегиски придобивки за Грција со Преспанската спогодба, а не за Македонија. Нему му е јасно дека целта не им е исполнета и притиска, оти утре можеби некој и од македонска страна ќе каже „стоп“, што не би било поволно за грчките стратегиски цели, кои не се реализирани во целост – појаснуваат соговорниците.

Грција по никоја цена нема да се откаже од контролата на воздушниот простор

Нивно мислење е дека притисокот врз грчката влада за ратификација на меморандумите ќе се засили и во периодот што следува.
– И владата на Мицотакис е свесна за придобивките од Преспанската спогодба за грчката страна и во никој случај нема да го загрози тоа. Сега тактизираат само за да не испадне дека толку се противеле на Преспанската спогодба, а сега го спроведуваат она на што претходно печалеле поени кај гласачите. Нема Грција да дозволи никој да го контролира македонското небо, освен грчкото воено воздухопловство, а веќе имаа и два-три демонстративни лета над нашата територија, со што јасно им ставија до знаење на сојузниците дека тоа е „нивен плен“. Сега не брзаат оти гледаат дека Македонија не ги почнува преговорите со ЕУ, но кога ќе почне отворањето на поглавјата, тогаш и заедничките комисии ќе почнат да работат, тогаш ќе се притиска и за трговските марки, ќе се притиска и за поголема грчка инволвираност во енергетскиот сектор, едноставно сето тоа им го нуди Преспанската спогодба. Ако ништо друго, Коѕијас, барем јасно кажа дека придобивките и целите во овој момент не се остварени и дека грчката влада треба да работи на тоа што поскоро – заклучуваат соговорниците, дел од нив поранешни дипломати.