Да се биде хуман не само што е добро туку е и потребно. Тоа, во најмала рака, е човечно. Во ова време-невреме, во кое живееме, хуманоста се чини дека треба да биде и начин на наше однесување, зашто човек никогаш не знае кога ќе му бидат потребни помош и хуманост. И добро е што Македонија како држава ги негува тие доблести, на хуманост и солидарност. Во изминатиот период Македонија како држава во безброј наврати ја покажа својата хуманост. Но во ситуација кога македонското здравство хронично страда од беспарица и кога Фондот за здравство нема средства да ги покрие основните потреби на здравството, мислам дека преголема храброст е да им се нудат здравствен третман, лекување и рехабилитација на ранетите украински војници, кога македонското здравство кубури не само со пари туку и со средства да ги покрие основните трошоци во лекувањето на своите граѓани
Во деновите кога македонските граѓани погодени од несреќната животна судбина на младиот Леонид, кој пред повеќе од еден месец доживеа тешки повреди на третиот, четвртиот и петтиот пршлен, собираат доброволни прилози за негово лекување во Виена, Австрија, и кога луѓето од Фондот за здравство креваат раменици и велат дека немаат пари да платат за лекувањето или рехабилитацијата на Лео во Виена и бараат тој да се врати назад во земјава, како гром од ведро небо одекна веста од Министерството за одбрана дека во наредниот период не се исклучува можноста да се стават на располагање расположливите капацитети на државата за лекување ранети војници од Украина.
За идејата да се отвори прифатен центар за рехабилитација на ранети и повредени украински војници на Балканот, украинскиот претседател Володимир Зеленски разговарал со претседателот на државата Стево Пендаровски, кој, како и министерката за одбрана Славјанка Петровска, наводно ја поддржал идејата ранети украински војници да се лекуваат во Македонија и изјавил дека Македонија има капацитет да ги згрижи на лекување и на рехабилитација украинските војници.
Петровска рече дека во рамките на Министерството за одбрана постојат капацитети што можат соодветно да бидат ставени на располагање и дека Министерството за одбрана и армијата се подготвени и брзо и веднаш да реагираат.
Повикувајќи се на искуството со тренинзите спроведени на крајот на минатата година, кога околу 120 припадници на украинската армија беа обучувани на тренинг-центарот Криволак, Петровска вели дека Македонија има капацитет и Министерството за одбрана би можело да ја поддржи идејата.
Да се биде хуман не само што е добро туку е и потребно. Тоа, во најмала рака, е човечно. Во ова време-невреме, во кое живееме, хуманоста се чини дека треба да биде и начин на наше однесување, зашто човек никогаш не знае кога ќе му бидат потребни помош и хуманост. И добро е што Македонија како држава ги негува тие доблести, на хуманост и солидарност. Во изминатиот период Македонија како држава во безброј наврати ја покажа својата хуманост.
Да се потсетиме само на бегалската криза по бомбардирањето на НАТО на Србија, кога стотици илјади бегалци од Косово својот спас од бомбардирањето и режимот на Милошевиќ го најдоа со бегство во Македонија и кога не само Стенковец туку и државата „стенкаше“ од напливот на над 300.000 бегалци во Македонија.
Македонската држава испраќала голем број хумани мисии како помош на настраданите во разни природни и елементарни катастрофи: земјотреси, поплави, несреќи… Многубројни се примерите кога македонски граѓани ризикувајќи ги своите животи без да размислуваат се вклучувале во хумани мисии да спасат туѓи животи.
Иако со оглед на економската состојба во која се наоѓа и лимитираните економски можности што ги има државата, Македонија сепак секогаш меѓу првите се пријавува(ла) каде што им е потребна помош на други.
Но во ситуација кога македонското здравство хронично страда од беспарица и кога Фондот за здравство нема средства да ги покрие основните потреби на здравството, мислам дека преголема храброст е да им се нудат здравствен третман, лекување и рехабилитација на ранетите украински војници, кога македонското здравство кубури не само со пари туку и со средства да ги покрие основните трошоци во лекувањето на своите граѓани.
Ако на тоа се додаде дека по масовното заминување на здравствените работници на печалба во странство, најголемиот број здравствени установи и болници кубурат со недостиг од медицински кадар и дека некои служби се буквално без лекари и медицински персонал, тогаш се поставува прашањето како македонското здравство ќе се грижи за лекувањето на украинските војници кога не може соодветно медицински да ги третира своите граѓани.
Хроничната беспарица и празниот Фонд за здравство во последно време ги извадија луѓето со бели мантили на улични протести и тие со право се закануваат дека немаат намера и натаму да работат за мизерни плати и нерешен статус и најавуваат заминување од државата. Немањето соодветен медицински кадар, квалитетна здравствена услуга и исправни медицински апарати во голема мера ги принудува македонските граѓани и здравствени осигуреници да се лекуваат во приватните болници на своја сметка.
Во Битола, само како пример што ја отсликува состојбата во земјава генерално, покрај недостигот од квалитетен медицински кадар, со години стојат надвор од употреба голем број медицински апарати, кои се неисправни и амортизирани. Во очајна состојба се најголемиот дел од одделенијата, кои кубурат со кадар, опрема, медицински материјали. Некои дури поради недостиг од кадар се затворија или се пред затворање. Слична, ако не и полоша, е состојбата и во другите болници низ земјава, а и на скопските клиники, кои исто така се соочуваат со истите проблеми.
Поради недостиг од средства не можат да се вработат голем број здравствени работници, медицински сестри, техничари, помошен персонал. Како и нивните колеги, и тие постојано се закануваат дека ќе ја напуштаат државата незадоволни од третманот.
Токму затоа, кога во Македонија со децении не можат да се (до)изградат клиничките центри во Скопје, Штип, Охрид и кога најголемиот број граѓани се лекуваат со молитви и народни лекарства и кога илјадници пензионери своите скромни пензии ги трошат за купување лекарства, се чини дека не е најдобар момент Македонија да се става на располагање за лекување на украинските војници. Таков потег во овој момент би бил непотребен луксуз.
Оттаму, сѐ ми се чини дека ветувањето медицинска помош и згрижување на ранетите украински војници е не само избрзан туку, најблаго речено, необмислен потег. При давањето на таквото ветување требаше да се направат добри и соодветни анализи за можностите, како финансиски, така и кадровски на македонското, како цивилно, така и воено здравство за третманот на ранетите украински војници.
На граѓаните на Македонија сѐ уште им се свежи сликите кога поради пандемијата на ковид болните од коронавирусот буквално плачеа и молеа да бидат згрижени во клиниките и кои поради напливот на инфицирани и немањето доволно сместувачки капацитети умираа на скалите или тревниците.
И уште нешто. Украина во војната со Русија во изминатите две години ја има целосната поддршка буквално на целиот западен свет, кој за помош на Украина и украинскиот народ издвојува стотици милијарди евра и долари. Како полноправна членка на НАТО, Македонија има и обврски што произлегуваат од членството. Сигурно една од обврските на колективната безбедност е таа што во овој момент НАТО ја покажува кон Украина да ѝ се помогне во војната со Русија. За разлика од Франција, која се пофали дека ќе испрати свои војници во Украина, Македонија можеби презеде обврски да лекува дел од ранетите војници на Украина. Но за преземањето на таквата обврска македонската јавност треба и мора да има навремена и вистинска информација. Тоа не значи дека ако, не дај боже, Украина својот спас за своите војници го побара од Македонија, ние треба да им затвориме врата.
Напротив, нас нѐ учеле дека секогаш треба да им се најдеме на сите кога се во неволја. Но најмалку е добар моментот сега, кога Фондот за здравство нема пари да ги плаќа сметките за лекување на своите граѓани, да се грижи за лекување на ранетите војници од Украина. Моментот за преземање таква обврска не е најдобар.