Детската литература денес е во подем и прекрасен лет. Денес ликовите имаат пошироки прашања, поголема свесност за светот и неговите промени, не се само во книгите туку и во дигитални форми, се прелеваат во играчките, во игрите. Важно е дека пренесуваат едукативни пораки и го формираат светогледот на децата, вели Голејшка Џикова

Ана Голејшка Џикова, поетеса и авторка на сликовници

Детската литература е во силен цут, нови автори, сѐ повеќе нови наслови, сѐ повеќе издавачки куќи заинтересирани за публикации за најмалата публика… На што се должи овој прогрес во детската литература?
– Уживам кога ќе влезам во книжарница и се насладувам на македонски наслови од наши домашни автори за деца. Немерливо богатство, затоа што сите убавини на овој свет почнуваат и завршуваат со моќта на јазикот и комуникацијата. А кога тоа е на македонски, се радувам. Моето дете и детето во мене заслужуваат да читаат домашна детска литература. Некако, како да ни недостигаше тоа на книжевната сцена и самите си го креиравме. Знам дека барем јас сум под силно влијание на старите добри писателски имиња, од Стојан Тарапуза до Бистрица Миркуловска, Ненад Џамбазов, Ката Мисиркова Руменова, Јадранка Владова… И секогаш сакав да бидам како нив. И изгледа станувам.
Ако децата пред десетина години уште растеа со Црвенкапа, Снежана, трите прасиња, сега опсегот на ликовите и приказните е многу поширок, изборот е голем. Како ја оценувате детската литература денес?
– Во подем и прекрасен лет. Денес ликовите имаат пошироки прашања, поголема свесност за светот и неговите промени, не се само во книгите туку и во дигитални форми, се прелеваат во играчките, во игрите. Важно е дека пренесуваат едукативни пораки и го формираат светогледот на децата. Традиционалните ликови се бастионот, корените кои сега добија разгрането дрвце и од него излегуваат птици полни со нови приказни, еве вака метафорично да „нацртам“. Значи, одличен пет!
Како се роди вашата последна сликовница „Лисицата Плетачка“?
– Се роди кога веќе се роди и мојата желба да продолжам да пишувам за деца. Во 2019 година излезе мојата прва сликовница „Веселата зграда“, во издание на „Арс ламина“, и тоа беше мојот официјален обид за пишување детска литература. Година потоа, во пандемиски услови, пишував неуморно песнички за деца, а „Лисичката“ се изнедри однекаде длабоко во мојот свет, каде што плетењето е всушност раскажување светови за децата. Книгата излезе во 2020 година преку издавачката куќа „Едиција Светулка“.

Каква приказна сплете оваа сликовница?
– Топла како шалчето од баба, како ракавичките што фрлаат снежни топки, како капчињата со ѕвонци и туфни. Приказна за секое дете, за една специфична лисица што не е итра во пејоративна смисла туку е вистинска другарка. Сака да ја стопли целата шума на прагот на зимата и да ги облече сите шумски животинки. Приказна за солидарноста, за желбата да сме тука за нашите другари, нашите блиски. За наоѓање решение преку фантазијата. Тука многу помогна визуелната реализација, илустрациите на Иванка Ниба беа целосно погодени и ја комплетираа приказната.
Пишувате приказни низ стих, дали сметате дека така полесно се впиваат зборовите и што најсилно го привлекува вниманието на детето?
– Римата е музика, а јас обожавам музика, таа ми е крвна подлога. Така и пишувам, тоа се неодвоиви елементи во мојот стил. Во поезијата, музикалноста е нешто што никогаш формално не сум го размислувала, тоа ми се подразбира. Во детските песнички гледам да е тоа вешто, едноставно, да вклучува понекое ново или архаично зборче, за да им биде привлечно на децата кога родителите ќе им го читаат. Игра, сѐ треба да биде игра, децата се совршени во тоа, пробувам чесно и лесно да им се приближам токму на тој начин.
Срцевината на една детска приказна е пораката што ја впишува во детските глави, па каква поука носи вашата најнова приказна?
– Најнова приказна што допрва ќе ја објавам е всушност расказ низ разговор со мојата ќерка. Станува збор за свет на едни чудесни Наџуџиња (збороигра од џуџиња и прекарот на Надја, Наџуџу), кои имаат различни карактеристики и способности, и секое е важно за овој свет да биде подобар и разновиден. Пораката е дека детето треба да прави сѐ што му ја развива фантазијата и да верува дека сѐ е можно кога си играш со зборовите.