Заедно со честитките за педесеттиот роденден, на ЗЕЛС ѝ посакуваме во иднина и поголема видливост и уште поголема активност за надминување на сите барања и потреби на граѓаните. Зашто единствено преку реализација на огромниот број локални проекти, кои се од круцијална важност за граѓаните и локалното население, ќе се остават силен печат и белег и за ефикасноста на локалната самоуправа и на ЗЕЛС.
Или, со други зборови, Заедницата на единиците на локалната самоуправа ќе стане на некој начин и заедница во интерес на граѓаните
Заедницата на единиците на локалната самоуправа, попозната како ЗЕЛС, вчера прослави 50 години од своето постоење. Навистина голем јубилеј, достоен за почит, но истовремено и повод за анализа на досега сработеното и поттик за поуспешно работење во иднина во интерес на граѓаните. Зашто ЗЕЛС ги обединува сите 80 општини во Република Македонија и Град Скопје како нејзини членки. Како Заедница на единиците на локалната самоуправа, оваа институција третира прашања и проблеми што се во тесна корелација со функционирањето и успешноста на локалната самоуправа, која, пак, е најблискиот лост до граѓаните. Затоа, по повод големиот јубилеј и 50-годишнината, треба да се види како функционира таа спрега ЗЕЛС – општини – граѓани и колкава е крајната бенефиција за граѓаните, за чии потреби и за кои всушност е замислено и функционирањето на локалната самоуправа, но и на ЗЕЛС како таква. Или, со други зборови, дали и колку ЗЕЛС е и заедница што работи во интерес на граѓаните. Со децентрализацијата на власта, граѓаните сѐ повеќе стануваат свесни за огромната важност на локалната власт во секојдневното живеење и задоволување на потребите на населението. Факт е дека со децентрализацијата и со давањето власт на локално ниво, сите проекти што се реализираат треба и мора да доаѓаат од локалното население, бидејќи локалните избраници се одбрани токму заради тоа – да ги претставуваат интересите и да ги решаваат проблемите со кои секојдневно се соочуваат граѓаните.
ЗЕЛС ги обединува сите 80 општини во државата и Град Скопје како нејзини членки. За реализација на целите, кои недвосмислено се единствени, ЗЕЛС пронајде механизми за активно вклучување на сите интелектуални и технички капацитети на општините формирајќи посебни комисии, кои ги опфаќаат сите сфери на децентрализацијата.
Значи, заедничките проблеми и предизвици со кои секојдневно се соочуваат сите, или барем мнозинството од општините, со помош и поддршка на ЗЕЛС, се претставуваат пред централната власт, каде што се бараат начини за нивно решавање.
Тоа значи дека ЗЕЛС, како застапник на сите општини, треба да се бори рака под рака за правата на локалната власт и за потребите на граѓаните. Инаку, ЗЕЛС е непрофитна организација и единствена национална асоцијација, во која на доброволна основа членуваат сите 80 општини и Град Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа. И сега, по повод големиот јубилеј, многумина граѓани веројатно се прашуваат зошто оваа организација била безгласна, анемична и непрепознатлива претходно. Едноставно се добива впечаток како да не постои. Кога изминатиот период сме слушнале дека постои оваа организација на здружени општини што се борат за решавање на проблемите на граѓаните?
Ретко, да не кажеме никогаш.
Од друга страна, многу жители на различни општини се соочуваат со исти или слични проблеми. Па, така, Скопје и другите општини, Битола, Тетово, Гостивар и многу други, постојано се соочуваат со загаден воздух. Тоа е голем проблем, за кој изминатиот период постојано слушаме оправдувања од типот „не е во наша надлежност“. Никој не ја презема работата во свои раце за да пристапи кон нејзино решавање. Се добива впечаток како да нема здружена координација на заедничко ниво на сите општини за здружен одговор за надминување на овој проблем. Нели е и ова во делокругот на интерес на ЗЕЛС?
Да пристапи кон активно учество во решавање на проблемите на општините, кои плаќаат членарина од џебот на граѓаните. Ако веќе плаќаме како граѓани, треба да видиме и како оние што ги трошат парите на граѓаните се борат за подобар и поквалитетен живот. А меѓу нив, секако, се и локалната самоуправа и ЗЕЛС како нејзин застапник.
За постоењето на ЗЕЛС слушнавме неодамна, кога покачувањето на сметките за електрична енергија им пристигна на општините. Тогаш, заеднички сите општини застанаа и од Владата бараа пари за да успеат да ги платат сметките.
Но се чини она што недостига е нивни посилен и поенергичен настап во интерес на граѓаните. Тоа нека биде и поттик за понатаму и порака од оваа годишнина. Конечно да профункционираат локалните власти и ЗЕЛС заедно со нив, во полн капацитет, со цел остварување на сите планирани проекти и обезбедување подобри услуги и поквалитетен живот за граѓаните.
Па, оттука, се поставува прашањето зошто ЗЕЛС не настапи заеднички кога треба да се реши проблемот со загадениот воздух, кога голем број општини имаат проблем со хаотичен сообраќај, кога многу општини имаат проблем со недостиг од канализациска мрежа.
Каде се граѓаните во целиот овој систем? Народот треба да види како функционира тоа тројство помеѓу локалната самоуправа, ЗЕЛС и Владата.
Потребна е вистинска и суштинска децентрализација, а не постојано префрлање на топката и одговорноста од едно на друго место.
Македонија располага со 80 општини, општини со различни потреби, трошоци, желби и цели. Додека на некои жители проблем им се малиот број детски игралишта, на други проблем им е недостигот од канализациски мрежи.
Добро е што постои ваква организација, на тој начин граѓаните знаат дека некој се грижи за нивните права, дека некој ги застапува и се бори за нивна реализација. Затоа, заедно со честитките за педесеттиот роденден, на ЗЕЛС ѝ посакуваме во иднина и поголема видливост и уште поголема активност за решавање на барањата и потребите на граѓаните. Зашто единствено преку реализација на огромниот број проекти, кои се од круцијална важност за граѓаните и локалното население, ќе се остават силен печат и белег и за ефикасноста на локалната самоуправа и на ЗЕЛС.