Словенечкиот театар е добро примен во балканските држави, но недоволно во европските

Јуре Новак, словенечки режисер и поет

Јуре Новак е режисер, поет и директор на „Прешерновиот театар“ во Крањ и на театарскиот фестивал „Недела на словенечката драма“, кој по педесет и втор пат се одржува во Крањ, Словенија.

Фестивалот „Недела на словенечката драма“ пред две години ја доживеа петтата деценија од својот развој. Како гледате на стилските промени на претставите наназад?
– Словенечкиот театар е жив театар. Тоа значи дека е отворен кон странските земји и дека го следиме она што се случува во светот, а во исто време и самите избираме нови начини на продукциски модели и естетски иновации, така што и покрај тоа што не знам што се случувало во 49-те години пред мене, тоа е актуелен театар, селекторски фестивал и ние го имаме она што е најдобро во регионот. Тоа значи дека доаѓаат претстави од словенечки автори и од други држави. Селекторите имаат мандат од една до две години и тоа се главно познавачи на театарот. Селекторот гледа 60-90 претстави и од нив селектира десет. Селектор за оваа година беше Рок Андрес, драматург, а за следната година ќе биде Рок Бозовичар, исто драматург. Овој фестивал секогаш е одраз на она што се случува во театарот.
Словенечката драматургија е извонредно комплексна и многу интересна. Кои теми и мотиви се најчесто во делата на словенечките драматичари и каде е нивното интересирање во овој 21 век?
– Не знам, мислам дека не е можен еднозначен одговор. Во своите 20 години во театарот сум прочитал многу словенечки драмски дела. Можам да кажам што нема.Нема крими, нема СФ, нема трилери, но има драма, комедија, има многу историски теми. Кога ќе ја видиме класиката, можеме да кажеме дека преовладуваат општествено-политичките теми и лично-експресивните. Во последните неколку години има малку големи и историски теми, а повеќе општествено-критички и современо-интимни теми. Секоја година имаме два конкурса: еден за Грумовата награда за етаблиран автор и еден за млад автор до 35 години. Добиваме навистина интересни текстови. Се работи многу.
Како режисер, кои се словенечките пиеси што ве допреле најмногу и кои се интересирањата на словенечката публика кога зборуваме за тематиката на словенечката драма?
– Како режисер, во овој момент сум сигурен дека најдобар драматург е Симона Семенич. Нејзините драми ги работам со задоволство затоа што се предизвик, а во исто време се одлично напишани. Како директор се обидувам да одберам теми што одѕвонуваат во општеството и тука повторно имам голем избор. Наклонет сум кон ангажираните текстови и како директор и како режисер. Секогаш се прашувам за кого и зошто го правам тоа и зошто сега во овој миг во оваа сезона во Крањ. Ако имам одговор го правам тоа, а ако немам, одам понатаму.
Дали словенечката драма е доволно поставена на сцените во другите држави и дали на тоа влијае и Грумовата награда што се доделува повеќе од 40 години?
– Не, и недоволно, но работиме на тоа. Минатата година го издадовме целиот Цанкар на англиски јазик и сега имаме кампања во врска со тоа. Една од целите на „Неделата на словенечката драма“ е да ја промовира во странство.
На пример, сега сме во разговори со фестивалот „Нова германска драма“ во Грац да започнеме со размени, но тоа се долги постапки и ни требаат време и многу работа, но тоа ми е еден од фокусите на мандатот. Вистина е дека досега во Словенија тоа не се правело системски на ниво на министерство. Секако дека еден фестивал може да го направи тоа, но не може само тој. Тоа треба да се направи на ниво на целата земја – министерството, дипломатијата итн.
Македонската сцена ги памети големите претстави по делата на Душан Јовановиќ, Иван Цанкар, Драго Јанчар… Колкав е вашиот интерес да поставите словенечки драматург на македонската сцена?
– Мојата генерација пораснала врз упропастените односи на југословенските народи и не е чудо што споменатите автори се работеле во Македонија. Во деведесеттите години сѐ се променило. Мислам дека е одговорност на мојата генерација да се постигнат нови односи затоа што имаме слична душа и за да можат словенечките текстови да прозвучат на македонски јазик и vice versa.
Како го опишувате словенечкиот театар во европскиот контекст?
– Сигурен сум дека имаме добар театар. Посебно во балканските држави сме добро примени, но недоволно во европскиот контекст. Ја имаме Матеја Колежник, која е меѓу петте најдобри режисери, добитничка на наградата „Нестрој“, Мартин Кушеј, Себастијан Хорват и уште некои. Но, во суштина, немаме платформа што доследно би ги промовирала на долги патеки словенечките театарски уметници со предупредување дека тоа многу подобро го прави неинституционалниот театар, особено модерниот театар. Словенечките драматурзи се многу малку играни во странство. Ги има неколку, но на лично ниво.
Кажете ни нешто за репертоарската политика на „Прешерновиот театар“ во Крањ. Интенциите, намерите, соработките…
– Наесен започнува мојата прва сезона. Досега е направен избор по мое мислење на најдобрите режисери и заедно побаравме текстови што се најдобри за нив. Би се пофалил дека во оваа сезона од пет проекти имам четири режисерки и само еден режисер и три авторки и двајца автори. Ги покривам сите генерации од најмладите до високоетаблираните. И така ќе продолжам. Ќе направам две копродукции со странски земји. Тука се обраќам и на Балканот. Во сезоната што доаѓа за режисери ќе ги имаме Нина Раиќ Крањац, Себастијан Хорват, Анѓелка Николиќ.

Сашо Огненовски