Уметност со потенцијал да направи промена

Уметничките дела, за разлика од медиумските извештаи, кога зборуваат на болни општествени теми, како бегалската криза на пример, ја носат емотивната, искрена и хумана димензија. За нив „оние зад жиците“ не се бројки, туку се луѓе, јадни, сироти, избезумени, во шок и неверица. И додека светот расправа која земја е подобар менаџер на бегалската криза, а медиумите се занимаваат со тоа колку бегалците трошат, колку чинат и дали се заразни, без трошка емпатија за нивната несреќна судбина, уметниците успеваат вистински да нѐ внесат во судбината на овие очајници и потенцијално да направат промена

„Ако сакаш да ја разбереш културата, слушај ги приказните, ама ако сакаш да ја промениш културата, смени ги приказните“, вака модераторката на ексклузивниот настан „Лајтс камера импакт“ во рамките на престижниот Филмски фестивал во Венеција ја најави нашата филмска режисерка Тамара Котевска, која е првиот автор од државава што беше поканет да одржи говор на овој настан за филмовите што имаат моќно социјално влијание и прават општествена промена. Таа притоа официјално ја најави премиерата на нејзиниот нов долгометражен документарен филм на темата бегалци со наслов „Патешествието“. Фестивалот секоја година кани три светски реномирани автори чие последователно творештво се филмови што имаат потенцијал да влијаат на општеството и да ја менуваат свеста на луѓето за одредени важни социјални теми. „Патешествието“ е посветен на судбините на бегалците, посветен на проблематиката на социјалната правда и вклученост. Тоа е документарец за глобалната сензација, малата Амал (12-метарската кукла, поточно конструкција на дете, бегалче од Сирија, која го обиколила светот подигнувајќи ја свеста за бегалците).

Некако во ист период, уметницата Тања Балаќ ја отвора својата самостојна изложба со наслов „Раселени“ во Музејот на Македонија, на која се претставува со 27 слики, своевидно дополнување на нејзиниот претходен циклус започнат некаде во 2017 година под влијание на големата бегалска криза. Дела од овој циклус беа претставени на нејзините изложби во Скопје, Белград, Загреб… И на оваа изложба авторката се занимава со темите за бегалската и мигрантската криза, осврнувајќи се на ксенофобичната реторика присутна во многу мејнстрим-медиуми. Во обидот да создаде сеопфатна слика за овој глобален проблем, таа отвора многу прашања, но истовремено ја повикува и јавноста на заедничка потрага по можното решение. По затворањето на поставката во Музејот на Македонија, „Раселени“ ќе патува во Стразбур, каде што ќе биде изложена во „Арт клуб Амикале“ на Советот на Европа.

Уметничките дела, за разлика од медиумските извештаи, кога зборуваат на вакви теми ја носат емотивната, искрена и хумана димензија. За нив „оние зад жиците“ не се бројки, туку се луѓе, јадни, сироти, избезумени, во шок и неверица. И додека светот расправа која земја е подобар менаџер на бегалската криза, тие зборуваат за луѓето преплашени како зајаци што поминуваат илјадници километри во потрагата по среќа. Додека медиумите се занимаваат со тоа колку бегалците трошат, колку чинат и дали се заразни, без трошка емпатија за нивната несреќна судбина, без нималку хуман пристап, уметниците успеваат вистински да нѐ внесат во судбината на овие очајници што се обидуваат да ги прескокнат жиците, да ги препливаат морињата, да ги изодат шумите…

Тамара и Тања, освен што имаат иста почетна буква во имињата, имаат и нешто друго заедничко, многу посуштествено, а тоа е силниот творечки порив да проговори, иако во различни области на уметноста (едната во филмската, другата во ликовната), за актуелни и болни теми, ставајќи ја креативноста во служба на важните општествени прашања. Со тоа покажуваат дека уметноста има моќ да се пробие низ нерешливите проблеми и да нè поврзе сите во изнаоѓањето на некои можни решенија. Тоа се авторки што го менуваат начинот на кој го гледаме светот, а фактот што нивните дела се претставуваат на важни светски настани (Венеција и Стразбур) покажува дека имаат влијание и на глобално ниво, дека имаат потенцијал да прават промена. Ваквите успеси од светски рамки се пример дека и Македонија има автори чии дела се занимаваат со актуелни, горливи теми, автори што успеваат на некој начин да влијаат на општеството, да го направат подобро место за живеење. А што друго е впрочем целта на уметноста?