Во голем дел нереформираните, од поранешната држава само преземени регулатива, критериуми и постапки, поврзани со пазарот на трудот и неговата константна партизација, резултираа со состојба обременета со апсурди, неприфатливи за повеќето припадници на генерациите што успешно владеат со странски јазици и со современите информатички технологии. А најголемиот од многубројните апсурди е тоа што, и покрај сите декларирани структурни промени и трансформации, работникот во Македонија, освен во навистина ретки случаи, никако да почне да се третира како дел од човечкиот капитал
Во исчекување некој да го расплетка или да го пресече со децении заплеткуваниот Гордиев јазол на пазарот на трудот во Македонија, голем дел од субјектите што директно или индиректно се вклучени или засегнати од приказната во која властите се фалат со константно намалување на невработеноста, работодавците, како никогаш претходно, преку огласи, па дури и билборди бараат работници, а официјалните бројки, иако очигледно во добар дел штимувани, а можеби и сосема паушално исфрлени, како и состојбата на теренот, покажуваат нешто сосема трето, сѐ уште се залажуваат дека сето тоа е ефект на пандемијата, на војната во Украина, на миграциите, на објавата што вонземјаните ја испратиле до Кинезите… Не дека одреден ефект од планетарните, па, ако некој сака, и меѓупланетарните случувања не е присутен, но мора да се каже оти голема илузија е да се верува оти сите досега воочени нелогичности на македонскиот пазар на трудот се резултат на пред неколку години започнатите големи турбуленции на глобално ниво.
Во голем дел нереформираните, од поранешната држава само преземени регулатива, критериуми и постапки, поврзани со пазарот на трудот и неговата константна партизација, резултираа со состојба обременета со апсурди, неприфатливи за повеќето припадници на генерациите што успешно владеат со странски јазици и со современите информатички технологии. А најголемиот од многубројните апсурди е тоа што, и покрај сите декларирани структурни промени и трансформации, работникот во Македонија, освен во навистина ретки случаи, никако да почне да се третира како дел од човечкиот капитал. И тоа не само во смисла на неговиот третман како работник туку и генерално, од спроведувањето на политиките за зголемување на наталитетот, преку условите за сместување на децата во предучилишните установи, елементарното образование и стручното оспособување и надградба, здравствената и социјалната заштита, правната сигурност, инфраструктурата…, па до барем минимална извесност и предвидливост на животот на старечката популација. Сето тоа би требало да бидат политики што визионерски ги креира и доследно ги спроведува државата, а стопанството во чекор ги следи без веќе познатите саботажи и опструкции, затоа што потоа заедно ги собираат плодовите. А во кој сразмер ќе ги поделат, тоа веќе зависи од висината на нивните влогови и од нивните преговарачки способности.
Но тоа што со децении целиот овој природен редослед на нештата упорно се извртуваше и се карикираше и од страна на државата и од страна на стопанството, сега доаѓа на наплата. Глобалните неповолности само го забрзаа процесот. И доколку ги немаше пандемијата, миграциите, војната во Украина…, ова што сега се случува сигурно ќе се случеше за некоја година, што значи дека активностите за воспоставување на вистинскиот пазар, современа берза на трудот, требаше да започнат уште вчера. Поточно, со добивањето на првите резултати од есенскиот попис на населението, кој, меѓу другото, покажа дека во земјава има стотици работоспособни луѓе што воопшто не ни бараат работа. Дали тие се дел од сивата економија, дали, поради многу често чудни критериуми, едноставно се откажале од барање работа или им се потребни само малку преквалификација и доквалификација? Треба да се утврди и што е со оние што не можат работно да се ангажираат поради проблеми со сместување на нивните деца во градинка или родители во старечки дом или кои поради одредени здравствени проблеми или проблеми со превоз, на пример, тешко наоѓаат соодветна работа.
А тие што долго време биле пријавени во Заводот за вработување, сигурно можат да посведочат дека никогаш никој оттаму не се заинтересирал за нивните повеќе или помалку специфични „недостатоци“, кои со малку напор и помош од системот би можеле да бидат надминати, па дури, во одредени случаи, и претворени во предност. Онака како што гледаме во американските филмови, кога службениците од бироата за вработување навистина се ангажираат и посредуваат во спојување на работодавците и работниците наместо само да ги исполнуваат партиските директиви и да чекаат прв погрешен чекор на барателите на работа за да ги избришат од евиденцијата.
Но, за да се случи тоа, некој веројатно треба прво да им објасни кој е точно нивниот интерес во една таква „зделка“, дека со секое ново вработување се зголемуваат фондовите од кои се издвојува за нивните плати, а подоцна и за пензии. Има уште некои работи што треба да им се објаснат, но за тоа им се организираат голем број работилници, семинари на кои можат да одат кога не се презафатени со приватните и со партиските ангажмани.