- Неодамна државниот секретар Марко Рубио ја објави националната стратегија за борба со тероризмот, во која сега е вклучена и борбата против радикалната левица. Таа е назначена за опасна исто како и исламскиот џихад. И ова е процес на глобално идеолошко прочистување без пардон, особено на европска почва
- Ова што сега е почеток на една „крстоносна војна“ со радикалната левица, или како што некои рекоа „комунизмот“, веќе доби свој одговор во Словенија. За македонската десница што е на власт, пак, ова е шанса на една генерација да ја врати битката за името онака како што треба. Трамп ни мести волеј, ние (тие) треба да шутираме. Ако не сега, не знам кога
Можеби наликува на американска фаза „лов на вештерки 2.0“, но тој термин не е најсоодветен затоа што комунизмот постои изгледа само на хартија и во архивите. Во реалноста тој се самоуништи, особено (за жал) по Советскиот Сојуз. Она што денес е комунистичка Кина не гарантира дека е токму таков систем според учебниците. Како и да е, американската администрација на Доналд Трамп најави глобален фронт против радикалната левица (можеби тука можеме да фрлиме црвена боја), означувајќи ја како опасно и големо зло против човештвото, а особено против американскиот систем на вредности. Таа глобална антилевичарска акција е почната. Светот, сакале ние да го признаеме тоа или не, независно дали го сакаме, го мразиме или го потценуваме Трамп, влегува во таква фаза – требење на радикалната левица, која, според Вашингтон, е на исто рамниште со исламскиот џихад. Американскиот претседател го кажа тоа во еден многу важен говор, но тоа не беше пренесувано на националните ТВ-мрежи во САД. Зошто? Зарем навистина револуцијата нема да оди на телевизија, како што предвиде Гил Скот-Херон, американски џезист, еден од втемелувачите на есид-џезот и поет?!
Но да ја поставиме оваа политичка машина за мелење на наш поблизок терен, за да видиме што во моментов се случува. Дали ние овде можеме да ја препознаеме оваа идеолошка конфронтација, која не знаеме каде ќе го однесе светот. Зошто таква скепса? Затоа што радикална левица е глобален феномен и честопати таа е затскриена зад маските на слободата на говор и човековите права, либерални вредности… Но Трамп вика гласно – откриени сте, демаскирани сте! Па, да видиме што се случуваше деновиве во нашата блиска Словенија. Кусото сценарио вели дека Тања Фајон, политичарка со голем стаж и искуство во високите политички ешалони, до скоро и министерка за надворешни работи, беше блокирана за местото ЕУ-амбасадор во Африка. Блокадата дојде од самата словенечка влада на десничарот Јанез Јанша. Толку од африканската кариера на Фајон. Таму ќе оди дипломат од Данска. Фајон припаѓа на левиот центар, значи не е ни во графата на радикалната левица, но и тоа беше доволно десничарите во Словенија да искажат незадоволство од нејзината улога како словенечки дипломат. Ова е јасен сигнал дека идеолошкото пургаторио (како чистилиштето на Данте) на светско ниво е во тек. Фајон не беше омилена политичарка ни кај македонската десница, значи ВМРО-ДПМНЕ, затоа што беше премногу блиска со СДСМ, особено во времето под лидерството на Заев и кога се одвиваше проектот како да се сменат името и идентитетот на една држава и нација. Во тој проект се вмешани, охо и тоа како, и прстите на американското левичарење. Па, не сме со кусо паметење!
Ако сакаме сега оваа идеолошка филтрација да ја примениме кај нас во Македонија, тогаш во секој случај многу интересно за подлабока анализа е дали македонската десница требаше да постапи исто како Јанша сега со номинацијата на Радмила Шекеринска за местото заменик-генерален секретар на НАТО? Ќе речете – е, па тоа е позиција на Македонија. Истото тоа го тврдат и во Словенија, па и таму се истакнува дека Словенија водела битка против Словенија. Но во политиката каде што се судираат различни, а понекогаш и крајно различни идеологии и ставови, ваквите потези имаат смисла. Ова се виде со една силна диоптрија кога се менуваше историското име на Македонија, кога се договараше капитулацијата од Бугарија, па затоа десницата сега има право на свој одговор. Во тоа е смислата на изборните циклуси – демократска промена на владите, а тоа значи дека и победникот на крајот спроведува своја програма. Тоа се вика демократија. Можеби нема да се согласиме, но тоа е една приближна дефиниција.
Сега е доцна да бараме одговори зошто сме ја поддржале Шекеринска и каков капитал ѝ носи таа на државата Македонија со нејзиниот избор на таа висока позиција. Има надлежни институции, невладини и не знам што ти не, па можат да излезат со една анализичка што добивме со тоа ако добивме. Од аспект на идеолошкото прочистување, па дури и отворена пресметка со левицата, Македонија пропуштила една голема можност да го фати моментот. Добро, на секој рибар му избегала понекоја риба. Но да се потсетиме на делот од оваа игра кога Вашингтон ги објави проектите на радикалната левица поврзана со изборните циклуси во Македонија, со финансирање проекти што не биле од интерес за Америка, на Соросовата мрежа што ја однесе Македонија на ќор-сокак, но тогаш рековме „ЦИА ни телефонираше, кој ќе ја крене слушалката во Македонија“? ЦИА ја тргна тајноста од некои досиеја каде што се наведува дека Грција му нудела поткуп на претседателот Киро Глигоров за промена на името, но тој тогаш одбил. Пак ќе прашаме – кој ќе ја крене слушалката сега? Еве, сега е тој клучен момент кога треба да се потврди тоа стратегиско партнерство со Америка – да се расчисти со радикалната левица и во Македонија. Ова е прашање на една генерација што сега има голема можност да ги отвори картите токму со еден од најзлокобните политички процеси во вој дел од светот, а тоа е промената на името на Македонија. И врапците сега веќе знаат дека тој десант врз Македонија е извршен со притисоци, корупција, нелегално, шверцерски и најважното – не по волјата на мнозинството од нацијата. Ова беше потврдено на неуспешниот референдум. Дали првиот амандман е светост за Американците? Да немате дилеми. Па зошто ние би биле исклучок? Затоа мора да се почитува волјата на народот, а не волјата на тие што ја убија таа (не)слободно изразена волја. Ако не сега, кога? Можеби никогаш или некогаш, ама којзнае кога е тоа. Сега ова е можност за една генерација!
Кога оваа глобална американска акција неодамна ја најави државниот секретар Марко Рубио, тој истакна дека американската антитерористичка доктрина била слепа за насилството на политичката левица. „Денес ние сме соочени од нов бран на овој стар злосторник. Овде во САД нападите на левичарските терористи и заговори достигнаа ниво невидено во последните децении“. Кога ова се чита, тогаш не можеме да не ја видиме сликата на безредијата што ги направи „шарената револуција“, ниту, пак, да го одминеме заговорот против Македонија.
Акцијата на специјалниот тим на САД ќе биде фокусирана пред сѐ дома, во Америка, но и на „другарите“ од Европа, кои постојано им даваат поддршка. Ќе бидат опфатени и невладини организации и финансиски институции, за да се спречи ширењето на она што се нарекува зло и кое ги уништува американските вредности. Тој процес веќе е во тек. Македонија доцни. Зошто? Сепак, може да се фати возот ако се има волја и чувство дека сега е времето на промените.































