Еден асистираше, друг постигна гол вивнувајќи се во стилот на прославените центарфори, трет ја потврди капитенската класа, а сите заедно уште еднаш го свртеа вниманието локално, во земјите каде што играат, но и пошироко. И ова се само тројца од најдобрите амбасадори, спортистите, кои блеснаа минатата недела, а секоја седмица, неуморно, тие и многу други го привлекуваат вниманието кон себе и кон Македонија. Ако, пак, се погледне статистиката на пребарувачот Гугл, на пример, може да се забележи дека меѓународните спортски дострели на македонските спортисти, веројатно, често се причината некој во светот засилено да пребарува за
Македонија. Ако сево ова е вака, тогаш спортските амбасадори треба да добијат уште поголем третман, но уште повеќе базата, од која тие, спортските амбасадори, доаѓаат. И во спортот ништо не доаѓа прекуноќ, па, така, ништо нема случајно во успесите. Талентите мора да бидат чувани како капка вода на дланка, а нивната работа и воопшто нивната успешна спортска приказна можат да бидат патоказ за креирање спортски замав, инспирација, можат да бидат катализатори за толку важната поголема спортска база…, реклама, која ја прават успешните, за спортот и за Македонија. Патем, сето тоа ќе донесе спортот да остане најдобриот амбасадор
Ако како пример го земеме само изминатиов викенд, со три нови блесоци македонски спортисти уште еднаш ја потврдија теоријата дека тие, спортистите, се најдобрите амбасадори. Еден асистираше, друг постигна гол вивнувајќи се во стилот на прославените центарфори, трет ја потврди капитенската класа, а сите заедно уште еднаш го свртеа вниманието локално, во земјите каде што играат, но и пошироко.
Елиф Елмас одново блесна во дресот на Наполи, а по неговиот центаршут тимот од Неапол постигна гол за победа и дојде на само чекор до третата титула во Италија, прва од ерата на славниот Аргентинец Диего Марадона, со која македонскиот репрезентативец ќе стане само вториот македонски фудбалер со освоена титула во некое од најсилните пет европски фудбалски првенства. Универзалниот фудбалер сезонава има серија блескави изданија во Италија и на меѓународната сцена, зачинети досега со шест гола и три асистенции за Наполи во првенството, добивајќи патем постојани пофалби од тренерот, од медиумите…
Бојан Миовски, пак, го постигна 16-от гол во фудбалското првенство на Шкотска во дресот на Абердин (има и две асистенции), на спектакуларен начин, со висок лет по кој со удар со глава ја затресе мрежата на славниот Глазгов ренџерс, погодок што некои го споредија со голот на Холанѓанецот Робин ван Перси на Светското првенство во 2014 година во Бразил, одново предизвикувајќи големо внимание во Шкотска (во некои медиуми е наречен македонска голгетерска машина), но и во соседството, во Англија. А Абердин плови кон европските води.
Никола Ѓоргиев, капитенот на македонската одбојкарска репрезентација, како и лани, одново освои тројна круна со АЦХ волеј од Љубљана, предводејќи го тимот како капитен до 19-та титула во земјата чија репрезентација на две европски првенства во низа, тие во 2019 и во 2021 година, ги освои сребрените медали. Покрај пехарот за титулата, Ѓоргиев сезонава, како и минатата година, ги крена и трофеите во Купот на Словенија и во Регионалната лига, играна во конкуренција на тимови од Словенија, Хрватска, Австрија и од Словачка. Сезона без пораз. Згора, одбојкарите предводени од Ѓоргиев одиграа одлични мечеви и во Лигата на шампионите.
И ова се само тројца од најдобрите амбасадори, спортистите, кои блеснаа минатата недела, а секоја седмица, неуморно, тие и многу други го привлекуваат вниманието кон себе и кон Македонија.
Ако, пак, се погледне статистиката на пребарувачот Гугл, на пример, може да се забележи дека меѓународните спортски дострели на македонските спортисти, веројатно, често се причината некој во светот засилено да пребарува за Македонија. Така, според податоците достапни на „Гугл“, поголем интерес и пребарување за Македонија имало, на пример, во март 2021 година, кога, случајно или не, фудбалската репрезентација на Македонија ја победи на гости селекцијата на Германија во квалификацискиот натпревар за пласман на Светското првенство во Катар лани, потоа неколку месеци подоцна, во јуни, кога, случајно или не, црвено-жолтите дебитираа на Европското фудбалско првенство, потоа во март 2022 година, кога, случајно или не, Македонија токму тогаш на гости ја победи репрезентацијата на Италија и закажа дуел со селекцијата на Португалија, во баражот за пласман на Светското фудбалско првенство. Случајно? Или не?
Ако сево ова е вака, тогаш спортските амбасадори треба да добијат уште поголем третман, но уште повеќе базата, од која тие, спортските амбасадори, доаѓаат, со инвестирање во инфраструктурата, во тренерската и организациска надградба… Воопшто, со инвестирање и во рекреативниот, аматерскиот и во професионалниот спорт, оти сите заедно изнедруваат нови спортски амбасадори, наедно носат придобивки за општото физичко и ментално здравје, а спортските успеси им носат радост на илјадници луѓе, зајакнувајќи ја и својата обединувачка моќ…
И во спортот ништо не доаѓа прекуноќ, па, така, ништо нема случајно во успесите. Талентите мора да бидат чувани како капка вода на дланка, а нивната работа и воопшто нивната успешна спортска приказна можат да бидат патоказ за креирање спортски замав, инспирација, можат да бидат катализатори за толку важната поголема спортска база…, реклама, која ја прават успешните, за спортот и за Македонија. Патем, сето тоа ќе донесе спортот да остане најдобриот амбасадор.