Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против Ј.М., поранешен генерален директор на АД „Пошта на Македонија“ и претседател на Управниот одбор, поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување.
Според Финансиската полиција, пријавениот во периодот од 2021 до 2022 година не постапил согласно Статутот на друштвото и Законот за трговските друштва, односно не ги реализирал одлуките и заклучоците на Управниот одбор за исплата на обврски кон две правни лица во вкупен износ од 19.292.984 денари.
Иако му била доставена потребната документација за исплата, поранешниот директор не ја потпишал спогодбата за подмирување на долгот, не ги потврдил фактурите и не ги потпишал налозите за плаќање, соопшти Финансиската полиција.
Поради непостапувањето, против „Пошта на Македонија“ биле поведени судски постапки, по што со судски пресуди биле утврдени обврски за исплата на казнена камата.
Од Финансиската полиција наведуваат дека со ваквото постапување на државното акционерско друштво му била предизвикана штета од 10.968.483 денари по основ на казнена камата.
Кривичната пријава е поднесена поради постоење основи на сомнение за кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 од Кривичниот законик.



































