Писмениот дел од правосудниот испит треба да се полага на јазикот на кој кандидатите го завршиле високото образование, додека усниот дел, кој опфаќа симулација на граѓански и кривичен спор, треба да се одвива на македонски јазик. Ова е ставот на Владата што денеска го повтори премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за барањата на студентите за полагање на правосудниот испит на албански јазик.
Мицкоски рече дека правото на високо образование на мајчин јазик не е спорно, но нагласи дека треба да се прави разлика меѓу јазикот на образованието и функционирањето на правосудниот систем.
– Никој не го спори правото да се заврши високо образование на јазик на којшто државата го овозможила – изјави премиерот, посочувајќи дека правните факултети во земјава овозможуваат образование и на јазици различни од македонскиот.
Според него, логично е писмениот дел од испитот да се полага на јазикот на кој кандидатот студирал, додека усниот дел треба да се одвива на македонски, бидејќи преку симулацијата на граѓански и кривичен спор се проверува подготвеноста за работа во правосудниот систем.
Мицкоски се повика на принципот франка лингва, односно употребата на заеднички јазик во одреден систем, нагласувајќи дека во македонскиот правосуден систем таа улога ја има македонскиот јазик. Воедно, се повика и на препораките на Венециската комисија во врска со Законот за употреба на јазиците, посочувајќи дека треба да се земаат предвид мислењата на меѓународните институции.
Премиерот се осврна и на реакциите на опозицијата во врска со законското решение за административните службеници, за кое опозициските партии предупредуваат дека може да се користи за политички реваншизам.
Мицкоски ги отфрли овие обвинувања, наведувајќи дека законот е дел од реформската агенда, бил подготвуван со експерти од Европската Унија и е прифатен од Унијата.
Тој додаде дека реформската агенда била создадена во периодот кога опозицијата била на власт и оцени дека нема основа за загриженост во врска со законското решение.
Во однос на најавените промени во координацијата на безбедносните служби и можноста за нивно спојување, Мицкоски потврди дека се работи на реформи во оваа област.
Тој посочи дека процесот се одвива согласно законските процедури и најави дека пред почетокот на спроведувањето ќе се отвори јавна дебата.
– Кога ќе отпочне, ќе има јавна дебата. Тој процес ќе трае со месеци, нема ништо да биде скриено од јавноста – изјави премиерот.
Изјавите Мицкоски ги даде на настанот за промоција на проектот за набавка на 100 нови амбулантни возила за Итната медицинска помош.

































