ОКТА АД – Скопје воведува привремен попуст од два денари по литар дизел-гориво, кој ќе важи од денеска, 20 октомври, до 2 ноември 2026 година. Мерката доаѓа како одговор на најновите случувања и нестабилноста на меѓународните пазари на горива.
Попустот ќе се однесува на дизел-горивото што ОКТА им го испорачува на трговците на големо и мало. Од компанијата посочуваат дека трговците и понатаму самостојно ќе ги формираат конечните малопродажни цени, согласно сопствените комерцијални политики и актуелните пазарни услови.
Оваа мерка е дел од серијата таргетирани иницијативи за поддршка што ОКТА ги спроведува од март 2026 година, со цел да се ублажат последиците од нестабилноста на меѓународните пазари и да се придонесе кон стабилноста и конкурентноста на домашниот пазар на горива – велат од компанијата.
Со најновиот попуст, вкупната вредност на поддршката што компанијата ја обезбедува за домашниот пазар од март годинава се очекува да достигне приближно 8 милиони евра.
Од ОКТА наведуваат дека со оваа иницијатива уште еднаш ја потврдуваат посветеноста на поддршката на потрошувачите, бизнисите и пошироката економија во периоди на зголемена нестабилност на пазарите.
































