Американскиот претседател Доналд Трамп повторно го критикуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјавувајќи дека е „време некој друг да преговара во име на Украина“, пишува „Еуроњуз“.
Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот изјави дека е подготвен да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг во Кина следниот месец, потврдувајќи ги медиумските извештаи дека тројцата лидери би можеле да одржат средба на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во Шенжен.
Трамп изјави дека главна тема на таквата средба би била нуклеарната демилитаризација, но дека би можело да се разговара и за војната во Украина.
На новинарско прашање дали би учествувал на средба со Путин и Си за да разговараат за Украина, Трамп истакна дека тоа не би била главната причина за состанокот.
– Би го направил тоа, но не толку поради Украина, бидејќи Русија, искрено, се однесува добро во однос на Украина. Тие не прават многу. Би се сретнале за да разговараме за нуклеарното оружје и нуклеарното разоружување – рече Трамп.
На дополнителното прашање дали Украина сепак би била тема на разговорите со двајцата лидери, Трамп одговори дека ќе направи „сè што е во негова моќ за да ја заврши војната“.
Пекинг нема информации за средбата, Киев инсистира на свое учество
Претходно, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека можноста за ваква средба веќе била спомената.
– Со оглед на тоа што сите тројца шефови на држави потенцијално би можеле да присуствуваат на самитот во Кина, темата за таква хипотетичка средба навистина беше спомената – изјави Песков.
Самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) треба да се одржи на 18 и 19 ноември во кинескиот град Шенжен. Кина, Русија и Соединетите Американски Држави се членки на оваа организација.
Сепак, Песков нагласи дека засега не постојат конкретни договори.
– Никој не доставил ниту разгледувал конкретни предлози или договори, ниту во врска со самата средба, ниту во однос на нејзината можна агенда и содржина“, додаде тој.
Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг – изјави дека нема информации за евентуалната средба.
Во меѓувреме, украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, остро реагираше на можноста тројцата лидери да разговараат без учество на Киев.
– Трилатералната средба меѓу лидерите на Русија, Кина и САД би го постигнала токму спротивното: би го охрабрила Путин да ја продолжи оваа војна – изјави Сибиха.
Тој на социјалните мрежи нагласи дека Путин „не е светски лидер, туку воен злосторник“.
Портпаролот на Кремљ, Песков, од своја страна, изјави дека „конечен договор е невозможен без учество на некој од Киев кој е подготвен да ја преземе одговорноста“.
Сепак, Путин повеќепати ја отфрли можноста за средба со Зеленски пред да биде подготвен конечен мировен договор. Тој, исто така, повеќепати го доведе во прашање овластувањето на Зеленски да потпише таков договор, бидејќи неговиот петгодишен претседателски мандат истече во услови на воена состојба.
Трамп повторно го нападна Зеленски: „Време е некој друг да преговара во име на Украина“
Трамп, кој во последните денови повторно упати критики кон украинскиот претседател Володимир Зеленски, во понеделникот изјави дека е време некој друг да ги води преговорите во име на Украина.
– Зеленски не знае што зборува – рече Трамп, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со изјавите на украинскиот претседател.
Тој истакна дека време е друг да преговара во име на Украина.
– Да бидам искрен, мислам дека е време некој друг да преговара во име на Украина – додаде американскиот претседател.
































