Вистинскиот патриотизам не се мери со контраизјави на бугарските или некои други политичари, туку со работа во полза на својата земја и својот народ. За тоа не е никогаш доцна и луѓе што сакаат искрено да го прават тоа, ниту ќе ги интересира што велат политичарите од Софија, уште помалку тие од Атина, ќе се оглушат и на платформите од Тирана, проекциите на Белград, „храбрењата“ од Брисел, строгоста на Вашингтон, но и од советите од каде било. Секој треба да си го гледа сопствениот двор, па така и ние нашиот
Почнува кулминацијата на сагата наречена македонско-бугарски односи, кои се чини не само што го допреа дното туку потонаа под тињата и уште повеќе пропаѓаат, без никаква надеж дека конечно ќе наидат на некакво цврсто тло на кое ќе се потпрат.
Нема никаква дилема дека сè започна од несреќното потпишување на таканаречениот Договор за пријателство и соработка со Бугарија, со кој на Софија по толку децении мечтаење ѝ се овозможи конечно да загосподари со Македонија со полн капацитет, буквално во сите сфери на општественото функционирање. Како што некои градоначалници им го подаруваат клучот на градот на видни светски личности, така ние на Бугарија ѝ го подаривме клучот за Македонија.
Неодамнешните „патриотски“ изблици на овдешните политичари и покажување некаков пркос кон пораките што доаѓаат од бугарска страна се само за домашна употреба и служат колку за мала козметичка корекција на имиџот на сервилност што го стекна државава низ годините. За жал, под шминката и натаму е истото лице, на понизност и наведната глава. Затоа првиот (и главен) играч на бугарската политичка сцена Румен Радев може да се потсмева и да провоцира, велејќи дека „сонародниците на Гоце Делчев треба да бидат внесени во македонскиот устав“. Радев знае точно што зборува и веќе го навестува решението за уставните измени. Кај нас јавноста може само да се замајува со семантиката сонародници наследници, кој како „им спуштил“ на Бугарите и слично. Пораката од Софија е јасна, работната група за уставни измени во Скопје може да се расправа колку сака на седниците, да бара разни креативни решенија, да се заканува дека ќе прекине со работа ако не се дискутира за тие фамозни „20 отсто“, на крајот сите ќе си земат дебел хонорар, а решението за тоа како ќе бидат впишани Бугарите во македонскиот устав е веќе стокмено во Софија и се чека кога тоа ќе им биде испорачано на македонските власти.
Исто како „францускиот предлог“. Најверојатно ќе го донесе некој меѓународен посредник, Борел, евентуално Фон дер Лејен, кои како по обичај ќе истакнат колку е ова европско решение и колку со него се цементира македонскиот идентитет. Можеби и навистина се цементира, никогаш повеќе да не излезе од под бетонот.
А народот овде го виде „патриотизмот“ на сите политички гарнитури во земјава сиве овие 30 години, кои се исклучително „патриотски“ настроени и консензуални кога треба да си ги покачат платите, да лапнат понекој тендер, некоја провизија и слично, да се изземат од одговорност, да не одговараат пред никого, судските предмети да им застаруваат, а истите тие на граѓаните ќе им мачкаат очи кој посилно им вратил на Радев и на другите бугарски европратеници (европратеници само по функција, но не и по однесување и личен демократски капацитет и сфаќања).
Очигледно предизборните ѕвона почнаа да чукаат и кај нас, па партиите се растрчаа низ цела земја едни да им објаснуваат на граѓаните колку убаво живеат, другите колку ќе им биде подобро со нив, а сите убаво дотерани, намирисани, стокмени, небаре секој ден е Велигден. До душа, со онолкави плати, за нив секој ден е Велигден.
И така разбусани, со полни гради му плескаат во лице на Радев што сакаат, „да види дека и во Македонија има луѓе со му.., мудрост де, да не помисли некој на нешто друго непристојно“. Ама овој народ, колку некој и да го прави прост, гледа оти по свадба не биваат тапани. Џабе е, невестата си замина, сега тропајте во тапаните колку што сакате.
Пораката од Софија е јасна, работната група за уставни измени во Скопје може да се расправа колку сака на седниците, на крајот сите ќе си земат дебел хонорар, а решението за тоа како ќе бидат впишани Бугарите во македонскиот устав е веќе стокмено во Софија и се чека кога тоа ќе им биде соопштено на македонските власти. Веројатно ќе го донесе некој меѓународен посредник, кој, како по обичај, ќе истакне колку е важен тој чекор за европската иднина на Македонија
Вистинскиот патриотизам не се мери со контраизјави кон бугарските или некои други политичари, туку со работа во полза на својата земја и својот народ. За тоа не е никогаш доцна и луѓе што сакаат искрено да го прават тоа, ниту ќе ги интересира што велат политичарите од Софија, уште помалку тие од Атина, ќе се оглушат и на платформите од Тирана, проекциите на Белград, „храбрењата“ од Брисел, строгоста на Вашингтон, но и од „пријателските“ совети од каде било. Секој треба да си го гледа сопствениот двор, па така и ние нашиот.
Тоа значи работното тело за уставни измени уште веднаш куртоазно да се заблагодари на укажаната доверба и јасно да каже дека не е негова надлежност да носи решенија и понатаму надлежните да ги упати во Собранието, од каде што всушност треба да потекне секоја иницијатива за уставни измени. Така треба да биде по „пе-ес“, а сè друго е импровизација и туркање на мускули на некакви наводни решенија, кои на крајот повторно Софија ќе ги одобрува и ќе кажува што може, а што не.
Ако веќе во Собранието се иницираат уставни измени, тогаш треба да се отвори една широка општествена дебата, да се вклучат сите уставни експерти во земјава (а ги имаме за среќа), па може и со некој странски експерт да се направат консултации и од сето тоа да се направи едно издржано решение. Низ таа широка дебата треба да се утврди дали е потребно и натаму да се крпи ова што го нарекуваме устав, оти крпеното кога тогаш пак ќе попушти. Можеби најмудро е да се донесе нов највисок правен акт што конечно ќе ги постави работите на вистинско место, оти вака не само што се целосно изместени од колосекот туку ја туркаат државата во амбис.
Вака крпениот устав желботека не е добар за Македонија и тоа се покажа во неколку наврати, па затоа е потребно да се врати достоинството на македонскиот народ и по сите понижувања барем да почувствува дека е почитуван и респектиран макар од сопствените сограѓани, ако не од другите, на кои отворено им ги дал сите можни малцински права и многу повеќе над тоа. Но некому очигледно ниту тоа не му е доволно, па бара уште и повторно од македонскиот народ. Таа етничка група не е подготвена да поднесе никаква жртва кога станува збор за нејзините интереси, но инсистира другите да се жртвуваат и да прават отстапки, без оглед колку и да се болни. Едноставно се водат од максимата „Едно општество за нас“. И не само тоа, ловат во матно, со инсистирање на дополнителни уставни измени со кои се демонтира Македонија како унитарна држава.
Од тие причини, со нов устав ќе се избегне замката во која ја втурнаа земјава политичарите на кои им беше поважно добро да изгледаат во очите на странците отколку во очите на сопствениот народ. Со нов устав ќе се избегне и подаништвото кон Бугарија. И не треба да се измислува топла вода, нека се пресликаат уставите на одделни земји-членки на ЕУ, при што македонскиот народ ќе го добие највисокото државотворно место, а сите други највисоки права и граѓански слободи. Ако ЕУ во свое друштво прифатила земји со такви устави и ги оценила како демократски, нема зошто да има забелешки и за еден таков демократски устав на Македонија.
Овој народ со својата вековна борба без никакви дилеми заслужил да има почесно место во македонскиот устав оти Македонија е неговата една и единствена матична држава, друга нема, за разлика од сите други што се испишани во преамбулата, небаре таа е регистар на народи на Обединетите нации. Ако го снема македонскиот народ во оваа Македонија, ќе го снема секаде, како никогаш да не постоел. А работите со уставните измени се тргнати во таа насока.
Затоа крајно време е да се престане со патриотски игри и тие да се заменат со вистински патриотизам, таков во кој искрено се сакаат својата земја и својот народ. Една народна вели „Кучињата лаат, карванот си врви“, па така нека продолжат да „лаат“ сите од секаде, а ние да си ја тераме работата дома, домаќински, како што треба. Да не се обѕираме наоколу кој што кажал, туку да си го направиме ова мало парче земја во срцето на Балканот, не пристојно, туку прекрасно место за живеење за сите.