Финалната серија по системот 2-2-1 ќе се игра до три победи, а првите два меча и евентуално петтиот ќе се играат во Скопје

КОШАРКА – ПОЗНАТИ ФИНАЛИСТИТЕ ВО ПРВАТА МАКЕДОНСКА ЛИГА

Деветкратниот кошаркарски шампион на Македонија, МЗТ Скопје, и битолски Пелистер ќе играат во финалето за шампионската титула во Првата македонска машка кошаркарска лига, што всушност претставува реприза од ланското финале, во кое славеа „металците“, кои, пак, по 17-ти пат ќе бидат дел од вакво финале. Тоа е епилогот по одиграните полуфинални дуели во плејофот, во кој по двете победи на МЗТ Скопје над вечниот ривал Работнички (82-71 и 73-62), истото го стори и Пелистер, кој по првата победа (100-80) ја забележа и втората над ТФТ Моцарт, но овој пат на гостински терен во Скопје и минимално (84-82), што беше доволно да се добие серијата прв до две победи, односно условот за влез во финалето.
Најефикасен во победничкиот состав беше Андреј Маслинко со 23 поени и 11 скока, а добро одиграа уште Кени Карпентер со 20 и Донтеј Карутерс со 17 коша. Кај поразениот тим, прв стрелец беше Дупри Мекбраер, кој уфрли 17 коша, но мораше пред време да го напушти натпреварот поради техничка и неспортска лична грешка.
Финалната серија по системот 2-2-1 ќе се игра до три победи, а според календарот на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), предвидено е да почне на 27 мај. Првите два натпревара ќе се играат во Скопје, следните два во Битола, а ако резултатот биде нерешен, ќе следува решавачкиот, петти дуел повторно во Скопје. Г.И.