Патриотизмот не се мери во проценти

И покрај сите фактори, кои со години дејствуваат подривачки на самодовербата и градењето на чувството на патриотизам кај македонските граѓани, сакањето на татковината останува прашање на емоциите и вредностите, а не на некаква гола статистика. Македонија и Македонците треба да одговорат секогаш на предизвикот да го одбранат своето постоење. Сега дури и многу повеќе од кога и да е претходно

Предрасудите за статистиката како строго аналитичка вештина (и наука), која констатира бројки без влијание на емоциите, сѐ почесто се покажуваат како „неосновани“ во современите општества, зашто токму постигнувањето одредени статистички вредности се претвора во легитимна цел за освојување и докажување на различни општествени групации и амбициозни индивидуалци. Подготвеноста за борба од каков било вид (од најбазичната – физичка, преку интелектуална или политичка) секогаш во себе го содржи предусловот на акумулирани емоции насочени за постигнување на целта. Ако, пак, целта е исполнување некаков статистички предизвик, колку и да е неверојатно, се создава значителна концентрација на емоции. Во прилог на „тезата“ за поврзаноста на статистиката и емоциите би била по малку романтичарската мисла дека „во статистиката зад бројките се скриени многу лични и општествени драми“.
Една интересна анкета спроведена и објавена деновиве од Европската комисија со голема сериозност настојува да ја измери вредноста на едно општествено чувство, кое кога се афирмираше преку уметнички форми најчесто се дискредитираше како популизам, идеолошка индокринација, па и како национализам. Станува збор за мерење на патриотизмот кај жителите на државите во Југоисточна Европа. Всушност, преку сосема конкретно анкетно прашање до машката популација во земјите од овој регион: „Доколку избие војна, дали сте подготвени да ја браните вашата татковина?“, во истражувањето што завршило оваа година се добиени интересни резултати, за кои во Македонија веројатно сите се свесни и тие се очекувани, но се сметаше дека е политички некоректно гласно да се изговорат.
Според анкетните анализи што ги објави Европската комисија, македонските граѓани се најмалку подготвени од целиот Балкан да се борат за својата земја. Само 55 отсто (поточно 55,4) од граѓаните во Македонија се подготвени да се борат ако е загрозена државата.
На првото место во регионот со 87,9 отсто е Грција, а следуваат со 87,5 отсто Словенија и со 85 отсто Албанија. Понатаму се Турција со 83 проценти подготвеност за одбрана на татковината, Бугарија со 75,5 отсто, Хрватска со 74,2, Романија со 68,2, Србија со 65,9, Црна Гора со 61,1 и БИХ со 59,5.

Потребата за одбрана на државата во услови на воена закана со сили регрутирани од сопственото население, сѐ уште се темели на идејата за идентификување на поимот држава со татковина, во која сите што живеат во неа ги поврзува некакво заедништво (интерес, соживот, корени, традиција, имот…) и се подготвени да го бранат. Едноставно кажано, граѓаните треба да ја чувствуваат државата како заеднички дом, во кој на сите еднакво им е овозможен просперитетен живот, кој вреди да се зачува и брани.
Статистиката од анкетната анализа на Европската комисија за подготвеноста на македонските граѓани да се борат за Македонија изгледа поразително, во контекст на најмалку изразениот патриотизам од сите други држави на Балканот, но, за жал, не предизвика големо изненадување во македонската јавност. Можеби досега без статистички доказ, но во македонското општество и секојдневие одамна е изразено присутна разочараноста на граѓаните од состојбите во кои постојано се судираат со нееднаквиот третман во државата: било на социјален, економски, административен, па и на етнички план. Секој има своја приказна за сопственото чувство за онеправданост, со што државата во овие триесетина години не успеа политички и преку легислативата да се справи, обезбедувајќи еднакви можности за сите граѓани. Наместо благосостојбата на граѓаните, постојаниот приоритет на политичките елити што се создадоа по независноста на Македонија, беше обезбедување (по можност) неприкосновен пристап до власта, како предуслов за неограничен пристап до економските ресурси и финансиски потенцијали на земјата. Со слична логика и мотивација, политичките елити во Македонија пристапија кон решавање на предизвиците на државата на меѓународен план, распродавајќи го и она малку национално достоинство и чувство на поврзаност на граѓаните со државата што се нарекува(ше) Македонија. Потклекнувањето на владејачката елита под меѓународниот притисок: прво за менување на името на државата, што, секако, ја растркала лавината на национално-идентитетски оспорувања, за сега да се доведат во прашање историските корени на постоењето на македонскиот народ…, доведува до психолошка неизбежност на преиспитување на смислата на патриотизмот, односно на потребата да се брани она што е сведено на теориска компонента (на која ѝ се одземени емотивните нишки) – татковината.

Секако, не е без влијание и дејството на долгогодишната континуирана (ин)дискретна кампања за изедначување на патриотизмот (најчесто македонскиот) со национализам, што, секако, има негативна историско-идеолошка конотација.
И покрај сите овие фактори, кои со години дејствуваат подривачки на самодовербата и градењето на чувството на патриотизам кај македонските граѓани, констатираниот процент на оние што сѐ уште се подготвени да ја бранат Македонија како сопствена татковина – и не е толку лош. Барем за неколку процентни поени е поголема од потребен цензус за успешност на референдум, како демократска алатка, на пример. Но и понатаму, колку и да изгледа мерливо, патриотизмот и сакањето на татковината остануваат прашање на емоциите, а не на статистиката. Македонија и Македонците треба да одговорат секогаш на предизвикот да го одбранат своето постоење, и тоа не само во состојба на војна.