Според препораките на мешаната историска комисија, во насловот мора да се спомне средновековна бугарска држава

Забележувам, многумина го користат името Нордистан, кое го смислив за да не мора да го употребувам она одвратно Северна Македонија, оти е име на окупацијата наметната од западниот варваризам и нивните тукашни полтрони. Ако, користете го, јас веќе и роман пишувам со наслов „Нордистан“ што многу ќе ве расположи.
А сега… иднина.
Од мои извори, кладенци и врутоци сместени на територија на некогашната средновековна бугарска држава, добив извештај од иднината што ја чекаме и чествуваме заедно со бугарскиот народ. Овој извештај е поврзан со идната средба на мешаната нордистанско-бугарска историска комисија, која ќе се одржи во еден град, кој во одреден временски период му припаѓал на средновековното Бугарско Царство. Според извештајот, мешаната комисија ќе разгледува и ќе донесе заклучоци за неколку историски прашања.
Најпрво ќе разгледуваат кој е најстар занает на светот. До комисијата ќе стигне и жалба од синдикатот на проститутки, но Европската Унија како посредник во нордистанско-бугарските односи ќе ги одбие со образложение дека, сепак, макроата ја пишуваат историјата. По неколкудневни тензични дебати ќе биде донесен заклучок дека најстар занает на светот е билатералната комисиска историографија, но попат ќе го зачнат и проблемот што е постаро, кокошката или јајцето. На крајот, сепак, ќе најдат заеднички јазик и хонорар, па ќе заклучат дека кокошката родена на територија на средновековната бугарска држава е постара од јајцето снесено на територијата Македонија, која, секако, им припаѓа на античките грчки петли. Овој заклучок е поткрепен со фактот дека бугарската космичка кокошка е далеку постара од пекиншката патка, шредингеровата мачка и брзата кучка што слепи кучиња раѓа.
Втората тема што мешаната историска комисија ќе ја обработи и ќе донесе заклучоци на идниот состанок е Охридскиот пливачки маратон. Во извештајот од иднината што го добив, пишува дека членовите на комисијата донеле три заклучоци:
1. Охридско Езеро е езеро. Езера има секаде во светот, вклучувајќи и на територијата на некогашното средновековното Бугарско Царство. На брегот на Охридско Езеро се наоѓа градот Охрид, кој е духовен центар на Словените, кои поголем дел од своето слободно време го поминале во или во близината на средновековната бугарска држава.
2. Маратон е поле. По него трчал некој Хелен. Хелен, Хелена или Елена се чести женски имиња. Многу Бугарки, како во средновековна Бугарија така и во денешната бугарска република, се викаат Елена.
3. Следствено на првите два заклучока, Охридскиот пливачки маратон на кој сигурно пливала или сакала да плива некоја Елена од Бугарија е бугарска духовна традиција за правилен развој на телото, но бидејќи Охрид, сосем случајно и погрешно, се наоѓа во Нордистан, одлучивме дека најдобро е двата братски народа заеднички да го чествуваат пливајќи во плиткото.

Третиот проблем околу кој ќе дискутира мешаната историска комисија и ќе донесе заклучоци е најсуштински. Во извештајот од иднината што го добив, пишува: „Приемот на Нордистан во ЕУ, кој од гледна точка на денешната иднина требаше да се случи во минатото, ама не бидна затоа што нордистанците сакаа да ја прескокнат сегашноста, е заслуга на Бугарија, затоа што Европската Унија, која денес се протега и на некогашната територија на средновековната бугарска држава, се збогати со нова членка, Нордистан, држава што, исто така, се наоѓа на територија на некогашното Бугарско Царство, а денес се граничи со Република Бугарија. Ова се случи откако нордистанците како дел од пакетот мерки за штедење спроведоа исклучување на македонскиот идентитет, кој им трошеше најмногу енергија и се приклучија на бесплатниот бугарски штекер што грее, бања и милува, како што името Нордистан ги плаќа сметките.“
Откако ќе ги донесе овие заклучоци, мешаната историска комисија ќе започне со промена на учебниците по географија и запознавање на природата. Во учебниците по географија ќе се додаде дека сите оние планини, реки, езера, шуми и друго што биле дел од некогашното бугарско средновековно царство биле дел од некогашното бугарско средновековно царство.
Постојат три агрегатни состојби: цврста, течна и гасовита. Најчесто имаме четири годишни времиња: пролет, лето, есен и зима. Има четири основни елементи: вода, воздух, земја и оган. Вакви информации има во учебниците по запознавање на природата. Тоа се штури информации. Еве, како ќе пишува во новите учебници. Водата е еден од четирите елементи. Таа, кога ќе дојде годишното време зима, знае да прејде во тврда агрегатна состојба, односно да замрзне. Сето ова многу често се случувало и за време на постоењето на средновековното Бугарско Царство, така што агрегатните состојби, годишните времиња и четирите елементи треба секогаш да ги споменуваме во контекст на Бугарија и нејзината територија сеедно како се менувала низ историјата.
Колумната ја потрошив на комисиската историја како најстар занает во младиот Нордистан на чија територија некогаш имало средновековна бугарска држава, но тоа е од особено значење за образованието на вашите деца, кои до вчера живееја во лагата Македонија, а денес радосно растат во нордистанската вистина.

Но многумина почнаа да шират лаги и манипулации дека образованието ни е катастрофа поради фактот што УКИМ го нема веќе на Шангајската листа. Патем, според најновите податоци на мешаната комисија, зградата на денешниот универзитет се наоѓа на некогашниот имот на некојси потомок на ханот Аспарух во средновековна Бугарија. Да се вратиме на УКИМ и Шангајската листа. Шангај е во Кина, држава непријател на САД, а непријателот на нашиот пријател е наш непријател како што рекол бугарскиот народен мудрец од средновековната бугарска цивилизација. Тоа што УКИМ го нема на Шангајската листа не е поради неквалитет, туку е мерка за штедење. Присуството на УКИМ на Шангајската листа одзема многу енергија кај академската фела, а доаѓа зима. Има недостиг од енергенти зашто Русија ја губи војната освојувајќи ја украинската територија. Затоа и запаѓа во дефлација, за разлика од ЕУ, која сѐ повеќе влегува во инфлација. Сите знаеме дека инфлацијата многу грее и радува, што значи трошиме позитивна енергија. Оттука, по примерот на штедливите ханови од протобугарската империја, мораме да штедиме, па УКИМ, како водечка интелектуална институција во Нордистан, се исклучи од Шангајската листа за неговата мудрост, во време на студ и сиромаштија да нè грее и разнежнува.