Лојалност

Поранешен премиер на Македонија деновиве, во навредливо обраќање преку социјалните мрежи, обвини новинар на „Нова Македонија“ за „одржување омраза кон Бугарија“, доведувајќи го во прашање патриотизмот на нашиот колега!? Истовремено се обиде да „коригира“ историски факти што не му се допаѓаат, вмешувајќи две соседни држави и историска тематика, што само по себе е запалива комбинација на овие простори, па на неговата објава создаде погодно тло за ширење навреди и омраза кон „Нова Македонија“ и нејзините новинари, но и кон него самиот. Од поранешен носител на највисока државна функција се очекува да ги застапува државните и интересите на народот што своевремено му дал доверба и по завршувањето на мандатот, па нека му служи на чест што не чувствува ваква потреба и одговорност

Лојалност. Збор со силно значење и голема тежина, објаснет со повеќе дефиниции во кои се спомнуваат поврзаност, преданост, искреност, верност, посветеност, коректност… во односот кон некого или кон нешто, кон државата, семејството, пријателите, фирмата… Всушност, како и да се дефинира, лојалноста во пракса се сведува на дела и дејствување, бидејќи единствено така се докажува.
Лојалноста кон државата се покажува и преку подготвеноста да се поднесе жртва за нејзиниот опстанок, добросостојба и иднина. Но да се биде лојален граѓанин, првенствено значи да се почитува државата каде што се живее, односно да се почитуваат нејзините закони, да се плаќаат давачки и да се живее во мир, добри односи и со меѓусебна почит со сите нејзини жители. Сето тоа со цел да се изгради стабилна и функционална држава за благосостојба на сите во неа. Токму затоа лојалноста се смета за една од двете најважни состојки во градењето на нациите, заедно со патриотизмот, иако честопати се запоставува под притисок на глобализацијата во денешната модерна доба.
А лојалноста на сите граѓани токму сега ѝ е потребна на Македонија, во ситуација кога народот и државата се соочуваат со отворени атаки од повеќе правци, насочени против македонскиот идентитет, јазик, култура, историја… Но дел од нападите доаѓаат и однатре, од поединци, кои не само што не чувствуваат никаква лојалност кон земјава и нејзиниот народ туку служат за туѓи интереси, под превезот на лажниот патриотизам, што не успева да ги скрие нивните вистински намери.
Ова се однесува на поранешен премиер на Македонија, кој деновиве, во навредливо обраќање преку социјалните мрежи, обвини новинар на „Нова Македонија“ за „одржување омраза кон Бугарија“, доведувајќи го во прашање патриотизмот на нашиот колега!? Истовремено се обиде да „коригира“ историски факти што не му се допаѓаат, вмешувајќи две соседни држави и историска тематика, што само по себе е запалива комбинација на овие простори, па на неговата објава создаде погодно тло за ширење навреди и омраза кон „Нова Македонија“ и нејзините новинари, но и кон него самиот. Од поранешен носител на највисока државна функција се очекува да ги застапува државните и интересите на народот што своевремено му дал доверба и по завршувањето на мандатот, па нека му служи на чест што не чувствува ваква потреба и одговорност. Без разлика што тој и неговата партија не се релевантни на политичката сцена, па се принудени преку Фејсбук да ги искажуваат своите ставови.
„Нова Македонија“ нема потреба да се брани од ваквиот беспредметен напад, нашите читатели ја знаат и ја чувствуваат определбата на весникот и на сите негови вработени, но не пречи да потсетиме на нашата лојалност кон државата, народот и кон националните интереси, вградена и во нашата уредувачка политика преку принципите на новинарството. Прва одговорност на новинарството е вистината, а прва лојалност е онаа кон граѓаните! Тоа се првите два од деветте принципи на новинарството што станаа основа за книгата „Елементи на новинарството“, а кои се видно истакнати низ просториите на „Нова Македонија“. Токму затоа гордо истакнуваме дека сме весник во кој лојалноста кон граѓаните и кон јавниот интерес се тежиштен принцип во работењето.

Придржувањето кон тие принципи овозможува да се одржува сјајот на весникот со најдолга традиција во Македонија, вграден во темелите на македонската државност, преку кој македонските граѓани ги осознаа своите корени, азбука, јазик и култура. Битието на „Нова Македонија“ се совпаѓа со битието на народот и токму тука е прикажана нашата лојалност кон најсветлите национални идеали. Низ призмата на професионалноста и принципот на легалитет ги штитиме националните и државните интереси и претставуваме главен противник на поделбите.
„Нова Македонија“ никогаш не поттикнувала омраза, иако во неколку наврати се соочивме со злонамерни, но јалови обиди за ширење вакви неосновани тврдења. Напротив, ние ја подигаме културата на дијалогот со амбиција да го цивилизираме политичкиот и јавниот медиумски простор и отворени сме кон сите политички опции. На нашите страници полемизираат, дебатираат и нудат решенија претставници и приврзаници и од власта и од опозицијата. Затоа што нашиот весник се залага за владеење на правото, за човековите права и слободи, за достоен живот и почит меѓу луѓето. Сето тоа можеби му пречи некому, но нема да нѐ поколеба нас.