Цела држава клекнала на колена, ги прелепува регистарските таблички. Се разбира, во слободно време, додека не чека на ред за сликање или за издавање нови лични документи. И еве го, кај и да е, ќе стигне датумот за кој дадовме чесен пионерски збор дека ќе смениме сѐ што можеме да смениме. И нормално, да бидеме во готовност, оти можеби власта, за да покаже добра волја, ќе смисли уште некој бонус што ќе треба да го направиме за да ги одоброволиме нашите мили и драги соседи
Легендата вели дека пред десетина (а можеби и повеќе?) години во чудесната земја Македонија дошол некој меѓународен емисар, олеснувач, советник или којзнае што од Финска. Така вели легендата. И тој фин Финец, седел, дремел, шетал и откако се изнауживал, решил да им помогне на напатените Македонци, кои ги гледал како немоќно се врткаат не можејќи да ја оправат татковината им. Затоа се одлучил за најумниот совет што го имал: „Зошто вие возите со исклучени светла на автомобилите прекуден? Зарем не знаете дека со тоа ја загрозувате безбедноста во сообраќајот? Еве, кај нас во Финска возиме со вклучени светла на возилата… всушност само на тој начин возиме“.
Неговите домаќини, страдни за некој добар совет, му ги потфатиле зборовите уште во лет. Не биле мрзливи, туку за да му удоволат на гостинот, кој ете сакал и да помогне со мудар совет, бргу-бргу склепаа закон за задолжително користење светлосна сигнализација и прекуден за сите возила во земјата Македонија.
Така ние исчекоривме уште еден значаен чекор на доближување кон светлата европска иднина со осветлени автомобили.
На оваа генијална постапка на нашите климоглави политичари се потсетувам деновиве додека ја следам разврската околу фамозните етикети (!?) со ознаката НМК, со кои ќе треба да се накитат регистарските таблички на нашите автомобили. Се разбира, исто како и новите пасоши, лични карти и возачки дозволи, сето тоа се прави само и само да не ги налутиме нашите јужни соседи и да не нѐ погледнат случајно попреку, па половина држава да настине или, не дај боже, да фати корона.
Кој феномен сме ние. Една најобична лепенка на табличките ја издигнавме на пиедестал на највисоко национално значење. Кој нема лепенка, не смее да вози по беспрекорните патишта на земјата НМК.
Патем, ќе се најде ли маж во државава да објасни што значи НМК? Ало, мајстори, иноватори? Ќе гукне ли некој или и натаму ќе молчиме, да не случајно некој ни приговори дека не се придржуваме до договорите (и јужниот и источниот), кои другите страни не ги есапат, а ние и последната запирка ја почитуваме како да е излезена од Библијата.
Значи, НМК. Да не навлегувам сега во толкувањето на англиските верзии на тоа несреќно северно чудесие. Пред сѐ, ако веќе ни беше укажувано од нашите мудри преговарачи дека го заштитиле кодот МКД, чуму сега нова направија, наречена НМК? НМК не значи НИШТО. Ако веќе сакале да се додворуваат за да го добијат тоа што сакаат, најмногу што можеле да си дозволат било НМЦ иако и тоа е срамно. Срамно е затоа што, да повторам, за случајно ако некој заборавил, нашите преговарачи гордо истакнуваа во секоја пригода дека дотогашниот код МКД го заштитиле како бетон.
Иако не сакам да навлегувам во англиските верзии, сепак мора да објаснам. Бидејќи во меѓународната комуникација земјава се пишува Macedonia, значи со буквата Ц на латиница, па кога веќе го накалемивме напред тоа Н, логично би било новиот наметнат код да биде НМЦ, но кои сме ние да судиме. Експертите за оваа област убаво објаснуваат дека кратенките се изведуваат од именката, а не од придавката, ама кој ќе му ја мисли на такви ситници, кога сме седнале на истата маса со претставници на Европската Унија, си помислиле нашите преговарачи. Дај да ја завршиме побргу работава, ако сме кооперативни, можеби ќе ни ги подарат овие пенкалава со кои треба да потпишеме. А тоа К, Ц, исто му се фаќа. Да не бидеме ситничари, да не ги налутиме.
И така, тогаш прифатиле, сега има да се лепи. Цела држава клекнала на колена, ги прелепува регистарските таблички. Се разбира, во слободно време, додека не чека на ред за сликање или за издавање нови лични документи.
И еве го, кај и да е, ќе стигне датумот за кој дадовме чесен пионерски збор дека ќе смениме сѐ што можеме да смениме. И нормално, да бидеме во готовност, оти можеби власта, за да покаже добра волја, ќе смисли уште некој бонус што ќе треба да го направиме за да ги одоброволиме нашите мили и драги соседи. Да можеме уште нешто да им „учиниме“, да видат тие какви добри соседи имаат, какви топли души од оваа страна на границата седат и чекаат да покажат колку им значи нивното намигнување дека зад свиокот нѐ чека посветла, еееј, европска иднина.