Младиот Огнен Малешевски од Делчево со својата постапка покажа дека чесноста и одговорноста кон заедницата сè уште се вистински вредности. За време на викендот, тој на јавна површина пронашол поголема сума пари, која веднаш ја пријавил кај надлежните органи, со цел да биде вратена кај сопственикот.

За неговиот пример денеска беше упатена јавна пофалба од градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, кој го прими Огнен и му оддаде признание за неговата постапка.
– Денешниот работен ден го започнав со прием на нашиот тивок херој Огнен Малешевски. Момчето кое со својот пример ја восхити целокупната јавност без да побара грам внимание за својот подвиг – наведе Гоцевски.
Тој посочи дека постапката на Огнен претставува пример за граѓанска одговорност и однесување кое заслужува почит и охрабрување.
Од Општина Делчево оценуваат дека ваквите примери имаат особено значење за локалната заедница, бидејќи покажуваат дека чесноста, совесноста и почитувањето на туѓото се вредности кои се пренесуваат преку личен пример.
– Капка пример вреди повеќе од река совети – порача градоначалникот Гоцевски, нагласувајќи дека примерот на Огнен испраќа убава порака за Делчево и неговите граѓани.
































