• Тридневната „Studia Classica Anniversaria“ ќе обедини 58 истражувачи со теми што ја поврзуваат антиката со современиот свет, а ќе биде промовирано и дополнетото издание на библиографијата на Институтот

Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет во Скопје организира тридневна меѓународна научна конференција „Studia Classica Anniversaria“, посветена на јубилејот – 80 години од неговото основање и континуирана дејност. Свеченото отворање ќе се одржи на 29 октомври, со почеток во 9.30 часот, во Свечената сала на Филозофскиот факултет.

На конференцијата ќе учествуваат 58 научници и истражувачи од Македонија, Бугарија, Грција, Полска, Словенија, Србија, Хрватска и Шпанија. Во текот на трите конференциски денови тие ќе ги презентираат своите истражувања во Свечената сала и во Амфитеатарот бр. 4 на факултетот.

Програмата опфаќа широк круг теми што ја поврзуваат антиката со современиот свет. Научните излагања ќе се однесуваат на македонскиот, старогрчкиот, латинскиот, српскиот и новогрчкиот јазик, како и на античката, средновековната, нововековната и современата книжевност.

Покрај јазичните и книжевните истражувања, ќе бидат застапени и теми од културата, историјата, философијата, уметноста, лингвистиката, реториката и преводот. Дел од рефератите ќе бидат посветени на теологијата, епистолографијата, односно пишувањето писма, секојдневниот живот, древните технологии и ботаниката. Со ваквиот тематски опфат, конференцијата ќе отвори простор за размена на истражувања од различни области и историски периоди.

Посебен настан на вториот конференциски ден ќе биде промоцијата на второто, дополнето издание на „Библиографијата на вработените и дипломираните на Институтот за класични студии“. Изданието го документира долгогодишниот научен и образовен придонес на Институтот, преку трудовите на неговите вработени и дипломирани студенти.

Библиографијата веќе е достапна во дигитална форма на веб-страницата на „Систасис“ и на веб-страницата на конференцијата, каде што се објавени и повеќе информации за настанот.

Од Организацискиот одбор ги покануваат научниците, студентите, претставниците на медиумите и љубителите на класичната култура да присуствуваат на конференциските настани и да се вклучат во одбележувањето на осумдеценискиот јубилеј на Институтот.