Фото: СДСМ

Балканскиот криминален октопод се руши, по Вучиќ и Орбан следен ќе биде Мицкоски, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес – конференција. Филипче посочи дека промените во регионот означуваат крај на политичките и бизнис-спреги што ги одржуваат авторитарните и коруптивни режими на Балканот. Тој посочи дека падот на Виктор Орбан во Унгарија и политичките промени во Србија се сигнал дека системот на поврзаност меѓу власта, бизнисот и медиумите постепено се распаѓа.

– Некој ќе коментира зошто славиме и дали славиме туѓи избори. Не. Туку го славиме доаѓањето на демократскиот бран тука во регионот. Затоа што тие бизнис, политички и медиумски спрегi на Александар Вучиќ и до пред некое време на Виктор Орбан, се спрегите кои што го хранат, го хранеа режимот наш тука на Христијан Мицкоски. Нè држат во заробена држава, медиумски мрак и силен коруптивен режим – рече Филипче.

Тој потсети дека СДСМ подолго време предупредува за поврзаноста на власта на Мицкоски со политичките и бизнис-структури во регионот, додавајќи дека „ВМРО го следи моделот на Српската напредна странка, а Александар Вучиќ е политичкиот ментор на Мицкоски“.

– Сега, на тоа постепено му доаѓа крајот. Ние го најавивме. И со падот на Орбан, и сега со паѓањето на Александар Вучиќ во Србија. Практично, ВМРО е помалата привезок партија на нивната сестринска СНС од Србија. Александар Вучиќ му беше менторот, командантот, тој кој што даваше насоки како да функционира Христијан Мицкоски, тука, кај нас. И тој систем, многу добро, за жал, го имплементираше во наша земја – рече Филипче.

Според него, зад ваквиот модел стојат бизнис-интереси, особено во енергетиката, трговијата со електрична енергија и финансискиот сектор. Тој посочи на врски со „компанијата Руднап, министерката Сања Божиновска и Душан Адамовиќ, влезот на Алта банка, поврзаноста на луѓе од српската власт со наркобизнисот и релациите со компании во Македонија“.

– Пет тони дрога во „Скај“ преписките, пред некое време, излезе дека сите од власта во Србија биле вовлечени во наркобизнисот. Од највисокиот врв, преку директорите на БИА и Гашиќ и Вулин. Луѓето кои што тука имаа средби и со Христијан Мицкоски и со Максим Димитриевски. Пет тони дрога кои што директно водат до овие луѓе во Србија, а компаниите овде кај нас имаат директна релација со фирми блиски до премиерот Христијан Мицкоски – рече Филипче.

Во делот на медиумите, Филипче нагласи дека на медиумскиот пазар во Македонија, власта овозможи влез на српските медиуми „Алo“ и „Еуроњуз“,  без соодветна регистрација и тие, како што наведе, служат за ширење пропаганда и дискредитирање на политичките противници.

– Српски медиуми, кои што не се никаде регистрирани, добиле тука, спротивно на законот, дозвола да работат. А кои луѓе? Се знае. Луѓето кои што испорачуваат тука тоа што Александар Вучиќ нарачуваше. Латас и неговата компанија. Дискредитираше, лажеше, ширеше лажни вести. Се служеше со секакви механизми. Мене лично ми дискредитираа. Убиец сум бил на деца, доктор Менгеле, згради во Дубаи и така натаму. Со години на нас ни рушеа кредибилитет, незаслужено, и за тоа да знаат дека ќе одговараат, ќе дојде денот кога ќе одговараат за тоа. Влезот на „Ало“ медиумите, влезот на „Еуроњуз“, тие луѓе работат тука, новинари, а немаат лиценца за работа. Сакаа, како последен чекор, свесни дека им се руши балканскиот октопод, авторитарен и криминален, како последен чекор да ги внесат тие медиуми тука кај нас – рече Филипче, пренесува МИА.