Кому му се брза сега да го втурне Западен Балкан во ЕУ?

Се чини дека идејата на европските претставници е во оваа седмица да зашеметат (но не и да отепаат) две-три муви со еден удар. Односно да извршат „притисок со убедување“ Македонија да започне со процесот на реализација на францускиот предлог, Србија и Косово да се согласат на француско-германскиот предлог, а посетата на Албанија овој пат беше повеќе за уметнички впечаток на европските заложби за целиот регион

Македонија од денеска, па во наредните два-три дена, повторно може да ѝ се препушти на себеперцепцијата, па макар и да е илузија, дека е „центар на светот“. Или барем центар на овој „ќош“ од светот, кој ЕУ и меѓународната заедница го нарекуваат Западен Балкан. Таков амбиент на имагинативна факторизација од глобален карактер обично се создава кога во земјава доаѓаат високи претставници на меѓународни организации, дипломати и лидери на земји со население кое вообичаено нема ни теоретска просторна ориентација, па не умее да се снајде на географска карта да ја пронајде ниту Македонија, а ниту Западен Балкан. Навистина, олеснителен аргумент за просторната (не)ориентираност на народот/населението на земјите од каде што доаѓаат високите меѓународни претставници, за пронаоѓањето на Западен Балкан на географска карта е тоа што всушност тоа и не е географски регион, туку политичко-територијален поим со кој се означуваат шест земји од Балканот, кои имаат долгогодишни аспирации да бидат дел од Европската Унија.
Овој пат причината за Македонија да влезе (не, сѐ уште не во ЕУ) во модот на виртуелна реалност за центар на светот е посетата на високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел. Во официјалните соопштенија, причината за доаѓањето на Борел во Македонија е 16-от состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Македонија, кој ќе се одржи в петок, на 17 март. Со Борел доаѓа и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, кој всушност ќе ја претставува ЕУ на состанокот. Ден-два претходно, со иста цел, оваа европска двојка беше во посета на Албанија, а по завршувањето на работниот дел во Скопје и билатералните средби со македонскиот политички врв и претставници на невладиниот сектор, европската двојка ќе замине за Охрид, на уште една рунда преговори на 18 март, но со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и косовскиот премиер Албин Курти.

Високата концентрација на европски и регионални политичари и лидери на македонско тло освен што може да создаде самозалажување во македонскиот политички простор дека сме „центар на светот“, многу пореално создава впечаток дека во ЕУ решиле токму во овие два-три дена да ги затворат сите отворени прашања и спорови (што во голема мера и самите ги создадоа) во земјите од Западен Балкан и да го придвижат процесот на нивните евроинтеграции. Се чини дека идејата на европските претставници е во оваа седмица да зашеметат (но не и да отепаат) две-три муви со еден удар. Односно да извршат „притисок со убедување“ Македонија да започне со процесот на реализација на францускиот предлог, Србија и Косово да се согласат на француско-германскиот предлог, а посетата на Албанија овој пат беше повеќе за уметнички впечаток на европските заложби за целиот регион.
Само не толку дамнешните искуства од ревијата низ Македонија на европски политичари од тешка категорија, со убедувачка и ветувачка мисија за прифаќање на Преспанскиот договор, се доволно предупредување за намерите на сегашните посетители. На македонската јавност ѝ е сосема јасно дека „честа“ што ја укажуваат европските политичари е во функција на забрзување на уставните измени за внесување на Бугарите во македонскиот конститутивен акт, како услов од т.н. француски предлог за ефективен почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, односно за отворање на поглавјата. Познати и веќе слушнати се и аргументите за императивноста на отстапките што мора да ги направи Македонија, без оглед на цената за националните идентитетско-историски атрибути, кои ќе бидат ставени во заложништво на бугарските национални аспирации и без оглед на фактот што со тие аргументи ЕУ ги погазува сопствените принципи и вредности, како и оние на меѓународното право. Можеби изгледа зачудувачки пресвртот во иницијативноста на ЕУ, одеднаш и прекутрупа да го забрза процесот на евроинтеграциите на Македонија и на регионот наречен Западен Балкан, имајќи предвид дека досега покажуваше исклучителна креативност во пронаоѓање изговори, креирање услови и ситуации за закочување на процесот на проширување. Македонија и Македонците сѐ уште не можат да си дојдат при себе од настојувањата на меѓународната заедница за нивно идентитетско предефинирање и покрај неисполнетите ветувања и опструкции за почеток на преговорите со ЕУ, а веќе се ставени под нови непринципиелни притисоци.
Дипломатските претставници во Македонија истакнуваат дека во новиот меѓународен контекст, создаден со војната во Украина, стратегискиот интерес за Западен Балкан е зголемен.

Габриел Ескобар, помошник на заменик-државниот секретар на САД, неодамна кажа дека ЕУ и САД не можат да го трошат нивниот пропусен опсег на конфликти внатре, во територијата на Европа, додека се соочуваат со безбедносни закани надвор од континентот, надвор од трансатлантскиот простор. Овие искажани позиции отприлика водат кон одговорот зошто одеднаш европските функционери тргнаа во мисија да ги затворат набрзина и прекутрупа прашањата и споровите на Западен Балкан, без оглед на последиците.
Поговорки за резултати од секоја брзо завршена работа постојат речиси на сите јазици. Пораката на сите поговорки, на сите јазици, е дека крајниот ефект е непосакувано и краткотрајно решение, кое пак ако се изнудува со притисок, може да создаде уште поголеми неволји. Залажувањето дека Македонија е „центар на светот“ за два-три дена воопшто не е компензација за идентитетското прегазување на Македонците, но и за прегазувањето на принципите на меѓународното право, како и основното човеково право на слобода на (национално) изразување.