Слушајќи деновиве некои политичари кога ќе се соочат со судот на јавноста, или со државните органи и правосудните институции, најчестиот одговор со кој се бранат им е дека тие исклучиво го почитуваат и ценат само судот на партијата или на партискиот лидер, со чиј благослов, наводно, дошле на државната функција што ја вршат.
Таквата нивна „одбрана“ некако ме враќа далеку во минатото, во 1928 година, во времето кога поранешниот претседател на Југославија, Јосип Броз Тито, на добро познатото негово судење во „Бомбашкиот процес“, на прашањето на судијата дали се чувствува виновен ја даде познатата негова изјава, која генерации и генерации ученици ја научија и со децении ја знаеја напамет дека тој не го признава тој суд, туку исклучиво го почитува судот на партијата. Но само изреката е иста, односно изразот на непочитувањето на институциите е идентичен. Политичкиот контекст е сосема различен, бидејќи тој исказ, таа фраза означувала тогаш и израз на непочитување на институциите што не биле демократски, кои не почитувале индивидуални и колективни права (вклучувајќи ги и македонскиот идентитет и народ), тоа било израз на пркос кон диктатурата што државата ја спроведувала кон одредени припадници на идеологии, кон припадници на етникуми што живееле на одредени територии, што не биле столбови на тогашната ројалистичка власт. Демократските принципи на владеење биле малку подалечни за тој државен ентитет, па таквиот изразен јавен отпор бил невообичаен и храбар за поединец.
Сега, тоа е сосема нешто друго. Контекстот и принципите се различни. Таквиот израз искажан јавно, против демократски избрани институции и против институт каков што е премиер или претседател, на една демократска суверена држава и субјект на меѓународно право по сите највисоки узанси (за разлика од претходниот пример), значи дека тоа повлекува сериозна одговорност.
И иако од тогаш помина еден век и дури 43 години од смртта на Тито, неговата изјава дека за него најважен е судот на партијата, сегашните политичари, чии не само родители туку можеби и дедовци не беа ни родени во тоа време, постојано кога ќе се соочат со својата (не)одговорност и бидат исправени пред судот на јавноста, или судските институции, постојано, како Тито се повикуваат на судот на партијата!? Неосновано! Сега повторно судот на партијата, или на лидерот стана единствено меродавен за најголемиот број денешни политичари?!
А обвиненијата и пресудите на судовите, дали тие биле на основен или повисоките судови, доколку не им одговараат – дали и тие пресуди се „фабрикувани“ или „политички мотивирани“?! Ама ви се молам… Каква е таа глумажа? Какво е тоа непочитување на законите и процедурите? И каква е таа анемичност на надлежните институции?
Во изминатите децении на македонската независност ние денешните генерации сме се изнаслушале и изнагледале голем број случаи на вакви или слични изјави, кога одредени јавни и државни функционери откако ќе се соочат со обвиненијата се повикуваат, како Тито, на мислењето и судот на партијата.
И во времето на конфликтот во 2001 година, кога ексминистерот за одбрана Љубен Пауновски беше фатен во злоупотреби и малверзации со набавките, тогашниот премиер на државата, Љубчо Георгиевски, изјави дека нему ќе му суди партијата и дека партијата е таа што ќе одлучи дали тој е или не е виновен за злоупотребите.
Деновиве бевме сведоци кога и актуелниот директор на ЈП „Државни патишта“, Ејуп Рустеми, изјави дека нему шеф му е Али Ахмети, зашто тој го именувал за директор на ова државно претпријатие, а дека премиерот го почитува како и сите други граѓани. Со други зборови кажано, лидерот Али Ахмети е тој што ќе му каже каде и кој ќе гради.
Ваквите или слични изјави во последно време на македонската политичка сцена, за жал, станаа сѐ почести и повеќебројни. Брука! Постојано за сите грешки, гафови или, што е најлошо, за злоупотреби во извршувањето на државните функции, некои политичари постојано се бранат дека за нив единствено меродавна е пресудата на партијата или на лидерот.
Притоа намерно или не, забораваат дека партијата нив не ги избрала да извршуваат партиски работи или задачи, туку државни функции, кои се плаќаат од парите на народот. Најголемиот број од нив, со нивниот избор не се заколнале пред партискиот статут, туку пред државните органи и институции. Со нивниот избор на државна функција тие веќе не вршат партиски задачи, туку државни работи што ги финансираат и плаќаат граѓаните на оваа држава, која како и граѓаните едвај составува крај со крај.
Избраните државни функционери, или носители на јавните функции, треба и мора да знаат дека функцијата што ја добиле не ги ослободува од одговорност пред законите и државните институции. Со нивниот избор престанува да важи судот на партијата и на лидерот и затоа никој нема право при извршувањето на државните функции да се повикува на судот на партиите.
Судовите на партиите или лидерите важат сѐ до нивниот предлог. Откако таквите партиски предлози ќе ги поминат партиските филтри и кога нивните кандидатури ќе се најдат пред државните институции, тогаш веќе ситуацијата целосно се менува. Од тој момент сите тие единствено мора да ги почитуваат не само кодексите на работа и однесување туку и правилата и прописите во институциите каде што ја вршат својата функција, како и законите на државата и тие мора да работат исклучиво во нејзин интерес.
За жал, со сегашниот модел на функционирање на партиите и особено на коалициите, Македонија тешко може да се ослободи од влијанието на партиите во (не)функционирањето на државата и државните институции.
Праксата покажа дека кај нас секоја влада е резултат на меѓупартиските договарања и пазарења. А кога работите се такви, тогаш воопшто не треба да се чудиме зошто ни се случуваат вакви работи. Во најголем број случаи, партиите именуваат на високи јавни и државни функции свои партиски поданици и послушници, кои во најголем број случаи размислуваат со главата на лидерот.
Иако во јавноста постојано се повикува при изборот на кадрите да се води сметка за нивната образованост, стручност и професионалност, за жал, во најголем број случаи, речиси сите партии избираат некадарни кадри, кои најдобро ја научиле лекцијата за послушност.
А кога човек има заробен ум и размислува со туѓа глава, тогаш не треба воопшто да се чудиме зошто ни се случува сето ова и зошто Македонија е таму каде што е. Лошата кадровска и селективна партиска политика досега многу скапо ја чинеше Македонија. Цената што ја имаме платено досега е превисока.
Крајно време е институциите да почнат да си ги извршуваат своите задачи на професионален и стручен начин, притоа, без разлика на влијанието на политичарите и политичките партии, да судат и пресудуваат по словото на законите. Избраните функционери, особено на највисоките државни функции, да ги интересираат само стручната работа, знаењето и однесувањето, а пред сѐ одговорноста, и секој оној што ќе се однесува поинаку да биде санкциониран, без разлика на тоа дали со таквиот потег ќе се нарушат односите во коалицијата.