Изгребани, но не окрвавени

Оттаму, она што се наметнува како императив е дека сега, во овој миг, е најважно да се задржи безбедносната стабилност и да се отфрлат неспокојството и стресот од загрозување на мирот кај граѓаните, а потоа следува сѐ друго. Нема никаква потреба да се долева масло на огнот во ситуација што и онака е доволно тензична. Затоа е потребно политичарите да бидат крајно внимателни во своите изјави, бидејќи нивната одговорност е најголема. Ситуацијата налага висока одговорност од засегнатите страни за да се најде излез од оваа несакана криза, која може многу лесно да се изроди во нешто многу поголемо и поопасно. Токму затоа, во такви кризни ситуации доаѓа до израз вештината на политичарите да се справат со нив и да покажат дали се зрели за своите функции или се само случајни минувачи и грејачи на фотелјите

Во едни дамнешни времиња, кога децата уште не беа заразени со мобилните телефони, таблети и лаптопи, затоа што уште не беа измислени, а главниот Фејсбук или Инстаграм беше собирањето пред зграда или во маало, помалите играа една игра што се пееше приближно „иде мачката покрај тебе, внимавај да не те изгребе“. Оваа игра веќе никој не ја игра, но затоа злокобниот призвук на песната се навраќа секогаш кога во непосредната близина на Македонија ќе се случи некој непријатен инцидент, кога некој ќе затропа со ѕвонливиот метален звук на оружјето.
Повторно звукот на борбените тапани одекнува низ Европа, овој пат многу блиску до нас. Како да не беше доволно што секојдневно следиме што се случува во врска со конфликтот во Украина, како да не беа доволни вознемирувачките вести откако не толку одамна се кренаа дел од африканските држави, каде што се расчистуваат стари недоразбирања, пред два дена застрашувачки одекнаа рафалите во Косово. Информациите за оружениот судир, за загинатите и ранетите, кои доаѓаа од час на час од нашето непосредно соседство, за жал, ги вратија лошите спомени на настаните за кои никој не посакува да се вратат.
Иако многумина крвавиот инцидент во селото Бањска, во близината на Северна Митровица, Косово, ќе го протолкуваат како сигнал дека е можно да се отвори уште едно воено жариште, сепак реалните аналитичари ќе кажат дека е ова само изолиран инцидент. Додуша еден од сѐ почестите инциденти, но дека сепак разумот ќе надвладее и дека никој нема да тргне на патот од кој нема враќање. Секој разумен би сакал да верува дека е така, дека лекциите од минатото се научени и дека никој не сака непотребни жртви.

Оттаму, она што се наметнува како императив е дека сега, во овој миг, е најважно да се воспостави мир, а потоа следува сѐ друго. Нема никаква потреба да се долева масло на огнот во ситуација што и онака е доволно тензична. Затоа е потребно политичарите да бидат крајно внимателни во своите изјави, бидејќи нивната одговорност е најголема. Ситуацијата налага висока одговорност од двете страни за да се најде излез од оваа несакана криза, која може многу лесно да се изроди во нешто многу поголемо и поопасно. Токму затоа, во такви кризни ситуации доаѓа до израз вештината на политичарите да се справат со нив и да покажат дали се зрели за своите функции или се само случајни минувачи и грејачи на фотелјите.
Овој инцидент со оглед на близината и на многубројните фактори што нѐ поврзуваат со едната или со другата страна, со будно внимание се следи и кај нас. Или барем така треба да биде. Во секој случај, најмалку што ни треба е некакви избрзани изјави додека целиот случај не се расчисти докрај. Најмалку што ни треба е да се правиме „поголеми католици од папата“ и дека ние сме некаков фактор за расчистување или расветлување на целата ситуација.

Уште помалку ни се потребни душегрижници што ќе се претставуваат дека нивна грижа е Македонија. Ако толку ја сакаа Македонија имаа шанси да го докажат на дело тоа кога требаше, за време на конфликтот во 2001 година или кога се случи Диво Насеље, на пример. А тогаш тие нѐ уверуваа во спротивното. Затоа, ако навистина си ја сакаме државата, да бидеме будни и внимателно да следиме што се случува отаде границата, да бидеме подготвени за секакви ситуации.
Но, истовремено, максимално да се посветиме на нашите внатрешни проблеми, кои, богами, не се малку. Доволно е само да ги нотираме забелешките што доаѓаат од меѓународната заедница, па надлежните да имаат работа прекуглава. Ако на тоа ги додадеме и внатрешните случувања, многубројните штрајкови, протести и слични видови изразување револт, тогаш станува повеќе од јасно дека имаме голема незавршена домашна задача како држава, како државен апарат што некаде чкрипи и треба да се подмачка, да почне да работи како што треба.

Навистина, власта е убедена дека работи најдобро што знае и умее и дека нејзините резултати се видливи, а ние блескаме, но сепак како голем прашалник над таквите нивни уверувања се исправаат илјадниците луѓе што секојдневно штрајкуваат – било да се пензионери, земјоделци, незадоволни пациенти, студенти, едноставно сите оние што секојдневно се судираат со нефункционирањето на делови од тој државен апарат.
Затоа, да ги засукаме ракавите и да видиме што можеме да направиме за Македонија, да не звучам премногу претенциозно. Велат, пред избори ништо не се почнува, оти можеби нема да се заврши. Но ако не почнеме, ќе го завршиме ли некогаш она што мора да се почне. По избори, кој и да ги добие ќе бара време за адаптација, ќе се изродат и други проблеми, ќе почнат внатрешни расправии за тоа кој подобро се снаоѓал во криза и повторно ќе снема време за решавање на проблемите што се натрупуваат.