Грст приказни за Македонија, адут за нејзината иднина

Овие приказни, и визуелно раскажани, се несоборлив доказ за македонскиот идентитет и можеби се најдобриот адут за иднината на Македонија, во оваа бесмислена но, сепак, неизбежна неполитичка и дипломатска битка на меѓународен план. А пред сѐ, ова е пример како ентузијазмот на само еден човек, и тоа без научно портфолио, може да создаде огромно дело, какво што генерации историчари, дури ни во рамките на највисоките институциите, не успеале да создадат

Пред извесно време, а сосема случајно, непосредно пред промоцијата на извонредниот „Лексикон на странски сликари во Македонија во периодот помеѓу 1850-1950 година“ во Охрид, во почетокот на месецов, налетав на купче фасцинантни приказни на истоимената веб и фејсбук-страница, предводена од авторот на книгата Влатко Милошевски. Не знам како (отпосле видов дека неколкупати било пишувано за оваа иницијатива), но страницата на Лексиконот ми се провлекла во океанот информации по социјалните мрежи, кои поради својата масовност, дисперзираност и неселективност често само ги прелистувам, не обрнувајќи посебно внимание. Во случајов, иако редок (вообичаено заклучувам дека е подобра таа некоја дистанцираност или површност во примањето на најчесто, бескорисни, информации), мојата незаинтересираност се покажа како пропуст.
Побрзав да направам интервју со авторот на книгата, кој, како што дознав подоцна, вложил цели 20 години во колекционерство и истражување и речиси две години напорна работа во подготовка на книгата, и тоа интервју да излезе непосредно по претставувањето на Лексиконот и изложбата во Куќата на Уранија. Не успеав да отидам на промоцијата во Охрид, ама сѐ уште ги препрочитувам приказните на неговата страница, кои тој ги нарекува „свои мали љубовни писма до Македонија“. Што поточно ме фасцинира?

Лексиконот ја раскажува историјата на Македонија на еден поинаков начин, низ призмата на уметниците што ја посетиле во периодот 1850 – 1950. И како што вели и самиот Милошевски, историјата на Македонија не е само приказни за нашите револуционери или преродбеници, таа е вткаена во илјадници лични приказни. Овој проект се фокусира токму на личните приказни на странските сликари што ја посетиле и се инспирирале од Македонија, а секое откритие на нов сликар, открива една нова лична приказна и едно ново и непознато парче од историјата на Македонија…
Најпросветлувачко во сите овие стории е што кај голем дел од оние над 300 странски сликари и 500 нивни дела се споменува името Македонија. На пример: британскиот сликар Чарлс Франк Трангмар (1889 – 1965) во 1914 година, кога почнала Првата светска војна, се пријавил како доброволец во Кралската армија и бил пратен да се бори на Македонскиот фронт. Претходно тој студирал сликарство на Ликовното школо во Брајтон, а потоа и на Ликовниот колеџ во Лондон. Кон крајот на војната, околу октомври 1918, тој поминал низ Кратово, каде што направил скица од која подоцна направил бакрорез. На бакрорезот јасно се читаат неговиот потпис и локацијата каде е направена скицата – Македонија. Два бакрореза на Чарлс Франк Трангмар, заедно со уште педесетина дела, беа на изложбата во Охрид од приватната колекција на Милошевски. Терминот Македонија го употребуваат и сликарите: Готхард Бауер, Густав Бајол, Вернер Биркенфилд, Алберт Гартман и многу други, чии дела се во оваа исклучителна колекција.

Во мноштвото приказни, интересна е и онаа за една од најстарите илустрации на Македонка што се наоѓа во книгата „Патувања низ Турција“, напишана од Французинот Никола де Николај дури во 1567 година. Книгата доживува голем успех, преведена е и реобјавена и во Холандија, Италија и во Германија. Книгата оставила големо влијание врз ориенталистите сѐ до 19 век. Никола де Николај на неколку страници пишува и за Македонија. Тука се појавува и цртежот „Македонска жена“ (Donna di Macedonia), каде што Македонката, со горд и исправен поглед, носи христијанска модерна облека и накит, а во рацете носи штица со леб, кој симболизирал грижа за семејството…
Сите овие помалку познати податоци за пошироката јавност укажуваат на тоа дека токму ваквите приказни, во случајов собрани во една приватна колекција и во една книга, се само уште еден цврст, досега неодоволно истражен и не докрај разоткриен, доказ за македонското битисување, кое било предмет на дискусија отсекогаш, но последниов период уште позасилено, по последните бугарски напади и ултиматуми. Овие приказни, и визуелно раскажани, се несоборлив доказ за македонскиот идентитет и можеби се најдобриот адут за иднината на Македонија, во оваа бесмислена но, сепак, неизбежна неполитичка и дипломатска битка на меѓународен план. А пред сѐ, ова е пример како ентузијазмот на само еден човек, и тоа без научно портфолио, може да создаде огромно дело, какво што генерации историчари, дури ни во рамките на највисоките институциите, не успеале да создадат.