Домашен контраудар против енергетската криза

Енергетската криза сериозно им се заканува на државата, институциите, стопанството и граѓаните. За нејзино надминување се потребни здружени и енергични мерки и стратегии на повеќе нивоа и фронтови. Клучна алатка, секако, е зголемувањето на домашното производство, но истовремено мора да се работи и на планот на штедење и на разработка и користење на сите можни и енергетски алтернативи што ни се на располагање

Војната во Украина продолжува да ескалира и сега дури ни најдобрите светски воени аналитичари не можат да предвидат во кој правец ќе се одвиваат работите, но едно нешто околу кое се согласуваат сите е дека конфликтот нема да заврши брзо. Сето ова наведува само на една логична констатација, дека енергетската криза ќе трае со години и дека сите земји треба да почнат да градат нови енергетски врски и стратегии ако сакаат да се ослободат од зависноста од рускиот гас. Целата оваа криза покажа дека кога земјите не се енергетски независни, тогаш лесно може да се доведат во подредена положба и поради тоа да трпи нивната економија, како и нивните граѓани.

Македонија изминатите три децении не беше во подредена положба, бидејќи домашните капацитети во најголем дел, или речиси 80 отсто, ги задоволуваа потребите за електрична енергија. Оние 20 отсто што се увезуваа не беа сериозен трошок, бидејќи цената на струјата на берзите беше релативно ниска. Проблемите започнаа во моментот кога почна да опаѓа домашното производство, за пред почетокот на кризата да се сведе на едвај 60 отсто, ако е и толку. Оние 40 отсто се набавуваа од берза по екстремно високи цени, што предизвика огромен раст на сметките за струја најмногу за компаниите, од кои некои најавија дека ако продолжи овој тренд, ќе мораат да ги отпуштат работниците и да затворат.

Деновиве владини тимови се раштркани по земјите од соседството и Блискиот Исток, во обид да набават енергенти или, пак, поволни кредити за набавка на струја, но тоа единствено води кон нови долгови на државата, кои на крајот повторно ќе треба да ги плаќаат македонските граѓани. Од тие причини, единствена стратегија во овој момент е да се стават во целосен погон сите капацитети со кои располага државата, да се обидеме да постигнеме 80, 90, па и 100 отсто домашна произведена струја, која ќе биде по поевтина цена од онаа на берзите.

Како да се изведе тоа? Прво, најголемиот енергетски капацитет РЕК-Битола мора да работи со полна пареа со трите блока, тоа значи да произведува 700 мегавати. Несериозно е ремонт на блок да се прави на прагот на грејната сезона, наместо кон крајот на пролетта и во текот на летото. Понатаму, да се ангажираат искусни кадри што работеле во овој комбинат, за да може системот да го одржуваат во целосна кондиција, односно да не се случуваат хаварии и испади кога најмалку е потребно. Следно, јаглен мора да има постојано, без изговори дека багерот се поплавил, па не може да копа.

Втор капацитет што мора да се активира со полн погон е ТЕЦ-Осломеј, втора термоцентрала според инсталирана моќност во државава, која своевремено учествуваше со приближно 10 отсто во вкупното домашно производство на електрична енергија. ТЕЦ-Осломеј се состои од еден блок, со вкупна инсталирана моќност од 125 мегавати.

Трет капацитет е ТЕЦ-Неготино од 195 мегавати и максимална моќност од 215 мегавати.

Следува друштвото за производство на електрична енергија и топлина ТЕ-ТО АД Скопје, претпријатие чија основна дејност е когенеративно производство на електрична и топлинска енергија во таканаречен комбиниран циклус. Просечниот годишен капацитет на постројката е 220 мегавати за производство на електрична енергија.

Од хидропотенцијалот, Македонија во поволни периоди имала просечно годишно производство од 1.200 гигавати, а вкупната инсталирана моќност изнесува 554 мегавати.

Ветерниот парк Богданци во поволни ветровити услови може да достигне производство од 50 мегавати.

Сето ова говори дека со одговорно, планско и домаќинско работење може да се постигне поголемо задоволување на домашните потреби за електрична енергија и помал увоз, но сите системи мора да се одржуваат во добра кондиција и да работат со полна пареа.

Покрај ова, втора важна работа на која мора да се обрне особено внимание е максималното штедење. Во таа насока можеби добро ќе дојде една кампања, секаде каде што е потребно, во основните и средните училишта, на факултетите, во државните институции, како и преку медиумите. Некој ќе рече дека граѓаните и онака штедат, но не е баш така. Имено, многумина од нас и натаму ќе го остават полначот за мобилниот телефон вклучен, иако телефонот веќе е наполнет. Голем дел електронски уреди остануваат во стендбај-состојба, без оглед што дома нема никој. Се вклучуваат поголем број светилки, не се користи рационално шпоретот, бојлерот не е исчистен од бигор и затоа на грејачот му е потребна повеќе електрична енергија да ја затопли водата. Не се исклучуваат ниту компјутерите со часови, така што забележливо е дека и на овие мали работи може многу да се заштеди, со оглед на актуелните цени на електричната енергија.

Понатаму, голем дел компании и натаму инсистираат вработените да одат на работа со физичко присуство, без оглед што работата можат да ја вршат и од дома. Тие компании плаќаат индустриска струја, а со првите пониски температури, речиси вообичаена практика е под бироата да дуваат калорифери, да греат панелки и други дополнителни грејни тела.

Сето ова треба да се избегне ако производствениот процес го дозволува тоа, бидејќи работодавците набргу ќе ги увидат ефектите од ваквото физичко работење на сметките за струја. Впрочем, кога веќе земјата оди кон целосна дигитализација, тогаш нема причини да се скратува и можноста за онлајн работење таму каде што е можно.
Кога ќе се заштеди на овие само навидум ситни неекономични навики, придобивките секако ќе бидат големи. Таа заштедена енергија доволно е да се намени за некоја компанија, која наместо да затвори, ќе може да продолжи да работи и да им дели плата на своите вработени, истовремено придонесувајќи за македонската економија и државниот буџет.

Расположливите капацитети за производство на домашна струја се тие, но проблем ќе биде горивото. Македонија има проблем со набавка на јаглен, бидејќи никој во оваа земја со години не се потруди да отвори нови рудници за јаглен, кој во Пелагонија го има во изобилство. Наместо да копаме домашен јаглен, плаќаме грчки и албански, што директно се одразува и врз цената на струјата. Од тие причини, покрај јагленот, добро би било да почне и помасовно да се употребуваат алтернативните горива, како она добиено од индустриски селектираниот отпад, како отпадоци и текстил, картони и сл. Со него може да се заштеди на употребата на јаглен и до 35 отсто.

Тука е и водородот, кој е можно гориво што во целост ќе ја замени употребата на јагленот и природниот гас, а притоа нема да емитува никакво загадување. Македонија нема можност да изгради нуклеарна централа, но има можност да размислува за изградба на капацитети што би работеле на мали нуклеарни постројки што се употребуваат во подморниците и бродовите, а со што би се добила дополнителна евтина енергија.

Не треба да се заборави ниту на сончевата енергија, а за да се реализира тоа во полн капацитет државата треба вистински (а не шминкерски) да ги олесни постапките за поставување фотоволтаици на секој покрив во државата. На тоа треба да се придодадат субвенциите и до 70 отсто за домаќинствата, како и ослободување од ДДВ на опремата. На тој начин секоја куќа ќе стане централа и во системот ќе испорачува електрична енергија, која во овие несигурни времиња ќе ѝ биде повеќе од неопходна на земјава.

На крајот, треба веќе еднаш да почне да се гради Чебрен, но како државна инвестиција. Може да се вклучат дури и граѓаните како акционери, па наместо странци да го собираат медот од нашиот хидропотенцијал, ние да го користиме за наши потреби.

Енергетскиот пожар е веќе запален и треба заеднички да го гаснеме. Ако сакаме Македонија да биде држава што ќе има своја иднина, тогаш прво што треба да се направи е да се обезбеди нејзината енергетска независност. Тоа ќе доведе до тоа домаќинствата и стопанството да не плаќаат превисоки сметки, семејниот буџет да биде поголем, а цените да почнат да се стабилизираат. Сето ова треба да се направи сега и веднаш, бидејќи други алтернативи нема.