Доброто е лошо, лошото е добро

Пред 150 години сме имале воз до Солун, кој возел со некоја за тоа време пристојна брзина. Денес, ако добро разбравме, патнички возови веќе немаме низ земјава, а оној што оди за Битола се враќа во три часот наутро(?!) од конзулскиот град за да дојде во Скопје. Кому му служи таквиот воз знаат само генералните директори на Железницата, кои изминатиов период се изнаредија како на сериска лента, но ниеден не се задржа барем колку да му го запаметиме името

Пред извесно време, пријател што одреден период живееше во странство се врати назад во Македонија. Разбирливо, следуваше испрашување од наша страна за да видиме на кое дереџе сме, каде е светот и, разбирливо, првото прашање беше она што секогаш си го поставувавме кога некој од нас ќе се вратеше од странство – „пропаѓа ли тоа Западот“, како што нѐ учеа другарот Тито и Комунистичката партија едно време.
Откако сите слатко се изнасмеавме на старата и веќе апсолвирана шега, добивме неочекуван одговор. Пропаѓа и повеќе отколку што можете и да замислите, беше неговиот експресен и за нас изненадувачки одговор. Според нашиот гостин/домаќин, добар дел од земјите во светот, а пред сѐ речиси цела Европа е комплетно вмрежена во неколку системи – информатички, финансиски, безбедносен, но и други што овозможуваат непречен проток на информации, но и финансии во дел од секундата затоа што „планетата Земја нема време за чекање“.
Во една ситуација на постковид, на воени и конфликтни судири, на финансиски ломови, според нашиот соговорник, целиот систем, како што го нарече тој, е во сериозна криза, што се одразува во многу земји на конкретен начин со осиромашување на населението, но и слабеење на државите во целина.
Но она што уште повеќе нѐ изненади е неговиот заклучок дека Македонија е поштедена од овие глобални процеси. Не дека ние имаме нешто повеќе од другите или дека скриеното богатство од Алшар ќе нѐ извлече од кризата. Напротив, неговите аргументи се дека токму тоа што ние сме заостанати во глобалното поврзување е нашиот спас во моментов. Имено, затоа што не сме вмрежени како другите, туку во најголема мера и натаму работиме како во 20 век, ние сме поштедени од големите глобални потреси и не ги чувствуваме сериозните последици директно, па дури ниту индиректно.
Не бевме докрај уверени во неговите зборови, иако е сосема во право кога вели дека работиме како во 20 век, Иако мислиме дека малку претерува, нам ни се чини како да сме во 19 век. Па, почнавме да му набројуваме. Еве, на пример Железницата, која некогаш се сметала за едниот од главните показатели за напредокот на една држава. Пред 150 години сме имале воз до Солун, кој возел со некоја за тоа време пристојна брзина. Денес, ако добро разбравме, патнички возови веќе немаме низ земјава, а оној што оди за Битола се враќа во три часот наутро(?!) од конзулскиот град за да дојде во Скопје. Кому му служи таквиот воз знаат само генералните директори на Железницата, кои изминатиов период се изнаредија како на сериска лента, но ниеден не се задржа барем колку да му го запаметиме името.

Но, еве, да не се вртиме многу на Железницата, можеме да патуваме со автомобили. Можеме да уживаме на автопатот Кичево – Охрид, кој уште не е готов, а кај и да е набрзо ќе добиеме уште едно ветување за ново одложување на крајниот рок на неговото завршување. Добро, не мора да одиме кон Охрид, еве да свртиме кон Косово, таму има исто така еден автопат од цели два (2) километра, кој се гради три години, ама и тој никако да се заврши. Кај и да е, ќе биде, веројатно се чека да се завршат долгогодишните реконструкции на автопатот Скопје – Гевгелија.
Па, добро, не мора многу да излегуваме оддома. Можеме да си седиме во Скопје, да уживаме, да излеземе на кафе во некој од моловите, кои никнуваат на секое ќоше. Но и тука има еден мал проблем, не е лошо да си облечеме панцирна кошула, има сега фини од тенок кевлар, ќе завршат работа. Можеби тие ќе спречат некој залутан куршум да не нѐ погоди додека се пресметуваат низ градот криминалните групи за кои неколкупати слушнавме дека биле ставени под контрола.
И тука, нормално, избувнува нова кавга на масата. Еден од собеседниците уфрли дека работите не се така црни, а како клучен контрааргумент ги цитира зборовите на премиерот дека од Европа добиваме сигнали дека ние сме држава со најдобри перформанси од земјите кандидатки за влез во ЕУ и дека треба да ја искористиме шансата за неопходни промени што широко ќе ни ја отворат европската капија. Нормално за македонски услови – штом има повеќе од двајца на една маса, кавгата е неизбежна. Иако дури и со двајца нема гаранција дека нема да се здават.
Цела среќа што дојде келнерот, па нѐ смири. Дојде ред да се плаќа. Одеднаш сите се смиривме и онемевме. Плативме и молчејќи си излеговме. Отиде буџетот за цела недела на две пијачки.
Со вакви цени, никој не треба да ми кажува колку ни е убаво тука и како живееме. Самите си знаеме.