Да им се стави крај на делбите

Она што загрижува, секако, се длабоката поларизација и вжештените страсти помеѓу македонските граѓани што војуваат меѓу себе на социјалните мрежи. На Македонија како никогаш досега ѝ е потребно единство, кое ќе ја движи државата на патот кон заедничка и подобра иднина. А таму не се стигнува ако сме поделени и раскарани

Кога по две години страдања, ужаси, премрежиња, голем број изгубени животи на познати и непознати, затворени фабрики, пропаднати бизниси, соочување со чумата на 21 век, си помисливме дека ја победивме пандемијата и дека човештвото конечно е на прагот да се спаси од коронавирусот и да се врати во нормала, од неодамна светот се соочува со нов „сој“ на вирус, многу поопасен од ковид-19, кој се заканува да го уништи човештвото. Гледајќи ги снимките од воените случувања во Украина, многумина се прашуваат дали светот се ближи кон трета светска војна, кон својот крај на (само)уништување. Човештвото одново е пред тежок испит. Сите погледи се свртени кон светските лидери, дали ќе најдат излез од безизлезот во кој во овој момент се наоѓаме.
И, како што е познато, старо и непишано правило за време на војните е дека прва жртва секогаш е вистината. Во зависност од тоа што им одговара, секојдневно сме сведоци на разни информации и дезинформации во (дез)информирањето на јавноста за тоа што се случува во овој конфликт.
На социјалните мрежи може да се видат секакви коментари, критики, обвинувања за тоа што се случува во Украина. Социјалните мрежи буквално се преплавени со разни коментари за тоа кој е во право или кој е виновен за воениот конфликт што се одвива меѓу Русија и Украина. Прекуноќ сите станаа воени аналитичари или „историчари“, кои (нај)добро ги познаваат корените на кризата и за тоа кој е виновен.
Она што загрижува, секако, се длабоката поларизација и вжештените страсти помеѓу македонските граѓани што војуваат меѓу себе на социјалните мрежи.
Со ескалирањето на ситуацијата во Украина со (дез)информации е преплавен целиот овој простор, кој и не е доволно регулиран и контролиран, за разлика од печатените медиуми, каде што владеат ред и дисциплина и каде што се знаат и почитуваат највисоките новинарски и професионални стандарди и во кои не може да се провре непроверена информација. Од друга страна, на социјалните мрежи сите се „новинари“ и никогаш не си сигурен во веродостојноста на тоа што се пласира таму.

Како и во многу кризни ситуации, така и сега е особено важно информациите што се примаат преку медиумите, а особено оние што се достапни на интернет и преку социјалните мрежи, да се проверуваат. На тоа предупреди и претседателот на државата Стево Пендаровски, според кого сега е најпотребно јавноста да се информира преку кредибилни извори на информации, а граѓаните да не подлегнуваат на вести што имаат за цел провокации. Тој наведе дека тие и преку Советот за безбедност упатиле апел до сите политички чинители за одговорно однесување и воздржување од потпалувачки говор и ширење дезинформации, кои се спротивни на националните интереси на државата.
И наместо да се обединиме и сите заеднички да се договориме како Македонија да излезе со помалку лузни и последици, ние повторно се поделивме на такви што се ставија на страната на Русија или на страната на Украина. И овој пат дојде до израз нашата вообичаена поделеност. Делбите и поделбите како да станаа наша судбина.
Во една пригода, пред неговата смрт, кога беше во посета на Битола, авторот на антологиската песна „Битола мој роден крај“, Ајри Демировски, разочаран од нашите секојдневни кавги и расправии, рече: „Не знам како ќе ме разберете, но тоа што го видов во изминатите неколку дена, откако дојдов во Битола, многу ме боли, многу повеќе дури и од болеста со која се борам во последно време. Многу сте поделени меѓу себе. Се карате буквално за сѐ и сешто. Но тоа што ме боли е што се расправате и карате најчесто за ништо. Ве изеде суетата. Наместо да се сплотите и да се обедините околу решавањето на проблемите што се од интерес за сите, вие постојано се расправате и се карате кој е во право.“
На Ајри Демировски, човекот што додека живееше во Битола, во педесеттите години од минатиот век, пред да замине за Турција, повеќе беше гладен отколку сит, повеќе бос отколку обуен, му требаа само неколку дена да го констатира тоа што ние и по 31 година од нашата независност не го забележуваме – дека поради делбите и поделбите по разни основи се изедовме меѓу себе и никако да тргнеме да одиме напред.
Откако во 1991 година на акламативно поддржаниот референдум за независност, првпат во историјата плебисцитарно се определивме за самостојна, независна и суверена држава Република Македонија, потоа во изминатите три децении буквално се делевме по сите можни основи. Откако претходно се делевме на пројугословени или Македонци, вмровци или сдсмовци, патриоти, или предавници, за време на пандемијата се поделивме и на ваксери и антиваксери. Сега и воениот конфликт во Украина се користи како повод за нови меѓусебни поделби и кавги.

Ми се чини дека е крајно време конечно да заборавиме на делбите и поделбите и да се изгради единство во државата.
Случајот со Украина покажа колку малку треба да се запали огнот, кој подоцна тешко може да го изгаснат и најголемите светски сили. На Македонија како никогаш досега ѝ е потребно единство, кое ќе ја движи државата на патот кон заедничка и подобра иднина. А таму не се стигнува ако сме поделени и раскарани.