Фото: Пиксабеј

Западот одговори на руските воени дејствија во Украина со повеќе етапни санкции, од кои последните имаат цел да поттикнат банкарска криза и да ги оптоварат финансиските одбранбени механизми на Москва, со што руската економија би била втурната во длабока рецесија, пишува „Си-ен-ен“.

– Никогаш претходно не е забележано економија со таква глобална важност како руската да биде цел на ваков обем на санкции, според аналитичарите, кои наведуваат дека постои ризик дека Русија ќе се соочи со финансиска криза. Западните политичари ја опишуваат кампањата како економска војна која треба да го казни рускиот претседател Владимир Путин и да ја изопшти Русија од меѓународниот поредок – дури и да бидат потребни повеќегодишни санкции за уништување на одбраната на руската „економска тврдина“ – наведува американската телевизиска мрежа.

Статусот на Русија на глобален снабдувач со енергенси ја отежнува намерата на Западот, бидејќи Европа од Русија снабдува речиси 40 отсто од природниот гас и 25 отсто од нафтата што ги користи.

Западната коалиција е насочена кон спречување на Централната банка на Русија од продажба на долари и други странски валути, а како резултат на санкциите досега е „замрзнат“ руски капитал во вредност од речиси трилион долари, според францускиот министер за финансии Бруно ле Мер.

САД и Западот ѝ наметнуваат санкции на Москва уште од 2014 година и конфликтот во источна Украина, а Русите прават напори за обезбедување на државната економија во вредност од 1,5 трилиони долари (11-та најголема во светот) од таквите мерки. Според „Си-ен-ен“, меѓу преземените чекори на Москва за одбрана од санкциите се поттикнување на домашното производство со блокирање на одредени странски производи и правењето залихи во странски валути во вредност од 630 милијарди долари од страна на Централната банка на Русија.

Западот најавува дополнителни уште пожестоки санкции кои би можеле да имаат сериозни последици, ставајќи го рускиот одбранбен механизам на тест.

– Не заборавајте дека во историјата економските војни честопати прераснувале со вистински војни – кажа поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев одговарајќи на коментарите на францускиот министер за финансии Ле Мер.