Меѓународниот ПЕН-центар објави отворено писмо во кое изразува солидарност со Украина и повикува на прекин на руската агресија врз оваа земја. ПЕН собра илјадници потписи за само 24 часа од автори што го потпишаа отвореното писмо до колегите писатели, новинари и сите луѓе во Украина.
– Ние, писателите низ светот, сме згрозени од насилството на руските сили врз Украина и итно повикуваме на прекин на крвопролевањето. Ја осудуваме војната што ја започна Владимир Путин и неговото одбивање да го прифати правото на народот на Украина да донесе одлука за својата иднина, без мешање на Москва. Заедно стоиме во поддршка на писателите, новинарите и сите луѓе на оваа земја што минуваат низ своите најтемни денови. Ја чувствуваме вашата болка. Сите луѓе имаат право на мир и слобода на изразување. Војната на Путин е напад врз демократијата не само во Украина туку и во целиот свет. Обединети сме во повикот за мир, бараме прекин на пропагандата што го храни насилството. Не може да има слободна и безбедна Европа без слободна и независна Украина. Мора да завладее мирот – се вели во отвореното писмо на меѓународниот ПЕН.
Меѓу потписниците се најреномираните писатели од светот, нобеловци и добитници на други високи книжевни награди: Светлана Алексиевич, Маргарет Атвуд, Пол Остер, Џонатан Францен, Александар Хемон, Сири Хуствед, Јан Мартел, Бенџамин Мозер, Орхан Памук, Салман Ружди, Елиф Шафак, Колм Тоибин, Олга Токарчук, Људмила Улиќ и многу други.