Да го спасиме Личеноски од налетот на колективниот заборав

Со разоткривање на делата на македонските уметници повторно ги осознаваме нивната уметничка големина и нивните индивидуални стилови што ја збогатуваат нашата културна ризница. Тие со своите дела ја внесоа Македонија на културната и ликовната мапа на Европа, а нивните достигнувања прераснаа во идентификација за вистинските вредности во македонското културно живеење. Само ако трајно ги одвоиме и ги изложиме, ќе можеме да ја спасиме нашата кревка култура од налетот на колективниот заборав

Во мојот дваесет и петгодишен работен стаж како новинар од културата сум напишала низа текстови за неопходната санација и реставрација на познатата спомен-куќа на доајенот Лазар Личеноски (1901 – 1964) крај Вардар. Веќе не ни паметам хронолошки што сѐ се случуваше околу овој долгонајавуван, одобруван, па откажуван, капитален проект од областа на културното наследство. Знам дека секоја година влегува во буџетот и во годишната програма на Министерството за култура, ама сѐ до денес не е подготвена да ги пречека новите генерации и туристите за автентично да го доживеат амбиентот во кој живеел и творел уметникот.
Се потсетив повторно на оваа приказна откако минатиот месец ја актуализира порталот „Види вака“ со снимен документарец во кој, меѓу другите, е поместено и потресното сведоштво на Драган Бошнакоски, внук на уметникот, кој со солзи во очите и треперлив глас вели: „За две години ќе имам деведесет и се прашувам дали ќе доживеам да го видам музејот“, видно револтиран, но пред сѐ тажен што државата со години покажува негрижа за овој значаен објект. Од тажните слики во документарецот (додека зборува Бошнакоски седи на столче во една од руинираните простории во куќата), всушност, заклучив дека иако проектот за санација, наводно, е започнат, работите на терен не се многу поразлични од последниот пат кога сум пишувала.
Сместена во подножјето на тврдината Кале во Скопје, во самиот центар на градот, спомен-куќата на Личеноски, основоположникот на македонската современа ликовна уметност, точно 15 години, откако неговата сопруга Зое ѝ ја остави во аманет на државата, чека да биде пренаменета во музеј на Лазар Личеноски.

Таа е изградена од 1961 до 1963 г., по проект на архитектот Славко Брезовски, а процесот на нејзина валоризација како потенцијално културно добро е започнат во 2008 г., по претходно упатеното писмо со намера до канцеларијата на тогашниот премиер Никола Груевски во 2007 г. од Зое Личеноска, која како наследничка ја наведува својата подготвеност да ѝ ја отстапи куќата на државата со услов таму да биде формиран музеј „Лазар Личеноски“, кој треба да функционира како депанданс или организациска единица на Националната галерија на Македонија. Во 2009 г. куќата е прогласена за значајно културно добро, со статус на привремено заштитено добро екс леге, а пак во 2010 г., по барање на Конзерваторскиот центар и со решение на Управата за заштита, доби статус на културно наследство во опасност, кој го задржа до завршување на елаборатот за валоризација, по што во 2017 г. со одлука на Владата е прогласена за културно наследство од особено значење. Што и колку е направено оваа, 2022 година, не е презентирано пред јавноста, а последната информација беше само дека претставници од кабинетот на амбасадорот на Европската Унија во Македонија биле во посета на куќата…
Размислувајќи за ова се потсетив на едно мое патување во малото бајковито селце Сојер во планинскиот дел на островот Мајорка, инаку популарен како атрактивно летувалиште за туристите, каде што го посетив малиот музеј со скромна збирка дела од Пикасо и од Миро, лоциран на самата железничка станица, која е реставрирана, но не само како туристичка атракција туку е целосно функционална. Имено, до селото и до музејот водат шини по кои од главниот град Палма сѐ уште сообраќа мало и симпатично вовче со изглед како пред еден век. Во рамките на фасцинантниот „железнички“ музеј се отворени две изложбени сали, едната со графиките на Миро и другата со керамиката на Пикасо.

Приказната што тука се плете е поттик за илјадници туристи секојдневно да се слеваат по архаичните улички на Сојер… И како што Холандија го има Ван Гог, Шпанија – Пикасо, Франција – Роден, Америка – Џексон Полок, Јапонија – Кусама, Црна Гора – Петар Лубарда…, а Шпанија Пикасо и Миро, така и Македонија има бележити сликарски брендови. Еден од нив неоспорно е Лазар Личеноски, кој заслужува да има свој музеј што ќе ја раскаже приказната на еден поинаков и нов начин, во интеракција со корисниците, туристите и непосредната заедница, по примерот од европската и светската музеолошка практика. Така нема повеќе да си го поставуваме прашањето дали приказната за Личеноски „може да се продаде“, а бројката на посетители во неговиот дом можеби ќе се приближи до онаа на музејот во планините на Мајорка, на пример. Затоа што и најмалиот музеј може да продаде голема приказна. Затоа што со разоткривање на делата на македонските уметници повторно ги осознаваме нивната уметничка големина и нивните индивидуални стилови што ја збогатуваат нашата културна ризница. Тие со своите дела ја внесоа Македонија на културната и ликовната мапа на Европа, а нивните достигнувања прераснаа во идентификација за вистинските вредности во македонското културно живеење. Само ако трајно ги одвоиме и ги изложиме, ќе можеме да ја спасиме нашата кревка култура од налетот на колективниот заборав.