Ценовни енергетски алхемичари

Последната јавна расправа околу формирањето на цената на електричната енергија е одраз на досегашната практика, која се сведуваше главно на задоволување на внатрешните дневнополитички потреби, а не долгорочно решавање на проблемите со кои се соочуваат граѓаните и пред сѐ големите стопански субјекти, кои се изложени на ценовната неизвесност што владее на меѓународниот пазар на енергија. Пример за тоа е воведувањето на евтината дневна тарифа. Но тоа е и најмалата работа во вкупната „разубавена“ енергетска слика што се обидуваат да ни ја прикажат претставниците на енергетската власт во земјава. Тоа што е многу посуштествено во овој момент е дали и колку македонскиот енергетски систем е доволно подготвен за да се соочи со нова претстојна енергетска криза

Медиумското лицитирање за висината на новата цена на електричната енергија за домашните потрошувачи е затворено. Денеска Регулаторната комисија за енергетика ќе ја расчисти дилемата за тоа дали „ќе има“ или „ќе нема“ зголемување на јулските сметки за струја. Пред главното регулаторно тело се доставени калкулациите на главните производители и дистрибутери во земјата за зголемување на цената, кои, според поднесените извештаи за трошоците на работењето, би требало да се зголеми за дваесетина проценти, каде што треба да се вкалкулираат и барањата за мрежарина од ЕВН, за пренос од МЕПСО и за покривање на загубите на „Електродистрибуција“. Според анализите на енергетичарите, сосема е извесно дека ќе има покачување на цената, по одлуката на Владата за враќање на стапката на ДДВ од десет на 18 отсто. Наспроти економските параметри, носителите на извршната власт исто така излегуваат со свои „аргументи“ дека во наредните шест месеци нема да има ново поскапување на електричната енергија! Како ќе се изведе оваа „ценовна алхемија“ ќе се знае по завршувањето на денешниот состанок на Регулаторната комисија за енергетика, која до крајот на неделата конечно ќе треба да ја соопшти цената што ќе ја плаќаат граѓаните и помалите потрошувачи на електрична енергија.
Последната јавна расправа околу формирањето на цената на електричната енергија е одраз на досегашната практика, која се сведуваше главно на задоволување на домашните дневнополитички потреби, а не долгорочно решавање на проблемите со кои се соочуваат граѓаните и пред сѐ големите стопански субјекти, кои се изложени на ценовната неизвесност што владее на меѓународниот пазар на енергија. Пример за тоа е воведувањето на евтината дневна тарифа. Како се приближувавме кон први јули, кога се прават нови полугодишни пресметки за цената на струјата, така се топеа и ветувањата за враќање на евтината дневна тарифа, за сега да пристигнат нови оптимистички изјави од регулаторот, дека тоа ќе биде направено најрано од следната година, кога рачно ќе бидат приспособени електричните броила!? Но, тоа е и најмалата работа во вкупната „разубавена“ енергетска слика што се обидуваат да ни ја прикажат претставниците на енергетската власт во земјата. Тоа што е многу посуштествено во овој момент е дали и колку македонскиот енергетски систем е доволно подготвен за да се соочи со нова енергетска криза, како што беше минатата година, кога домашните производствени компании платија превисока цена за задоволување на сопствените потреби за електрична енергија поради недоволното домашно производство.

Тоа што минатата зима ја пребродивме „полесно“ повеќе беше резултат на сплет на меѓународни економски и политички фактори, кои брзо можат да бидат променети. Потпирањето исклучиво на моменталната поволна цена на електричната енергија на берзите може да нѐ одведе во погрешна насока, а со почетокот на есента повторно да се соочиме со прескапа струја што се увезува во големи количества. Да не заборавиме дека евтината струја се должи на помалата побарувачка од економиите од Европската Унија, која се соочува со рецесија. Но со смирувањето и економската криза и со високата инфлација и намалувањето на меѓународните политички тензии, цената на струјата и на другите извори на енергија брзо ќе ги достигне максималните берзански цени, што може да се одрази неповолно на кревката македонска економија. Пораст на цените на струјата и на нафтата веќе е забележан во јуни, споредено со мај, а овој тренд може да продолжи со приближување на постудените месеци во годината.
Македонските експерти за енергетика посочуваат на слабостите на моменталната енергетска политика што се води во Македонија, затоа што се состои од купување енергија од странство, на сметка на развојот на домашните енергетски капацитети. Ваквиот пристап е неодржлив на долг рок и се доведува во прашање развојот на домашниот енергетски систем. Затоа, според енергетичарите, останува нашиот најголем приоритет во производството на домашна енергија, која би требало да задоволува, според резултатите од изминатите години, во висина 70 отсто од потребите. Но за да се постигне тоа е потребно обезбедување доволно количество јаглен за термоцентралите во Битола. Се чини дека пребрзото откажување од користењето на јагленот, во сегашните енергетски услови, е погрешна политика, а за тоа доволен доказ е и однесувањето на Европската Унија, која беше принудена да се врати на јагленот во производството на струја. За илустрација, производството и потрошувачката на јаглен во ЕУ се зголемени во 2022 година во однос на 2021 година. Според податоците на „Евростат“, во 2022 година во ЕУ се произведени 349 милиони тони јаглен, што претставува годишен раст од пет отсто, а се потрошени 454 милиони тони – два отсто повеќе од 2021 година. Кафениот јаглен има најголемо учество во производството и потрошувачката, а во 2022 година во ЕУ се произведени 294 милиони тони од овој вид јаглен, што е раст од шест отсто на годишно ниво.

Потпирањето исклучиво на моменталната поволна цена на електричната енергија
на берзите, може да нѐ одведе во погрешна насока, а со почетокот на есента повторно да се соочиме со прескапа струја што се увезува во големи количества. Да не заборавиме дека евтината струја се должи на помалата побарувачка од економиите од Европската Унија, која се соочува со рецесија. Но со смирување на економската криза и со високата инфлација и со намалување на меѓународните политички тензии, цената
на струјата и на другите извори на енергија брзо ќе ги достигне максималните берзански цени, што може да се одрази неповолно на кревката македонска економија

Пораката за Македонија би требало да биде дека преминувањето на фотоволтаично производство на струја може да биде само алтернатива, но не и главен извор на снабдување со енергија, особено што и за тоа сега постојат ограничувачки фактори за преземање на „сончевата“ од преносната мрежа. Обезбедувањето поевтина базична домашна енергија е од суштествено значење за подобрување на конкурентноста на домашните извозни компании и за раст на националната економија. Тоа подразбира сеопфатна стратегија, во која треба да бидат вклучени сите фактори што ќе нѐ доведат до поевтино домашно производство на струјата. Вака, префрлањето на трошоците од една на друга „ставка“ при формирањето на цената на струјата и префрлањето на разликата во цената на сметка на буџетот се само привремено решение, зашто на крајот и така сметката ќе ја платат граѓаните и стопанството, поточно нема да можат да ја платат сметката за електрична енергија. А кога застанува снабдувањето со енергија, застанува и општественото движење.