Фото: Маја Јаневска-Илиева

Надежите за нов европски пристап на новата бугарска влада кон Македонија се распрснаа како меур од сапуница уште по првиот телефонски разговор меѓу македонскиот премиер Димитар Ковачевски и неговиот бугарски колега Николај Денков. Стана повеќе од јасно дека и овој бугарски премиер, за жал, засега нема да се охрабри да тргне по патот на објективноста, вистинитоста и правдата, уважувајќи ги принципите на меѓународното право, почитувајќи ги легалитетот и перемпторното право, за да ги ревидира бугарските позиции усвоени со декларацијата во бугарското Народно собрание, со која не се признаваат македонскиот народ, јазик и историја… Во таквите утврдени позиции на Бугарија има само хегемонија, повеќеслојни претензии, демонстрирање сила и игнорирање на правото и правдината, ирационалности, политички суети што се анахрони за едно современо демократско општество, како што се претставува Бугарија, во рамките на Европската Унија

И новата бугарска влада со несменет курс во однос на Македонија

Надежите за нов европски пристап на новата бугарска влада кон Македонија се распрснаа како меур од сапуница уште по првиот телефонски разговор меѓу македонскиот премиер Димитар Ковачевски и неговиот бугарски колега Николај Денков.
Имено, уште при првиот куртоазен контакт на премиерот Ковачевски со новоизбраниот бугарски премиер и честитката упатена од македонска страна за неговиот избор, Денков јасно му ја потврдил бугарската определба дека Софија нема да отстапува од она што значи официјална бугарска политика кон Македонија.
– Какви напори и да вложуваме за позитивен развој на билатералните односи, тие ќе останат во втор план или нема да се реализираат доколку не се реши соодветно прашањето за вклучување на Бугарите во македонскиот устав – изјавил Денков.
Според соопштението на прес-службата на бугарскиот премиер, од Македонија се очекува да постигне брз напредок во реформскиот процес и да ги исполни договорените услови усвоени со заклучоците на Советот на Европската Унија во 2022 година, преговарачката рамка и билатералните протоколи на состаноците на Меѓувладината комисија од чл. 12 од Договорот за пријателство, соработка и добрососедство од 2017 година.
– Нашата земја е подготвена да работи заедно со својот сосед за исполнување на преземените обврски – порачал Денков.
Без оглед што овој дел од телефонскиот разговор меѓу Ковачевски и Денков не беше пренесен во соопштението од македонската влада, стана повеќе од јасно дека и овој бугарски премиер, за жал, засега нема да се охрабри да тргне по патот на објективноста, вистинитоста и правдата, уважувајќи ги принципите на меѓународното право, почитувајќи ги легалитетот и перемпторното право, за да ги ревидира бугарските позиции усвоени со декларацијата во бугарското Народно собрание, со која не се признаваат македонскиот народ, јазик и историја… Во таквите утврдени позиции на Бугарија има само хегемонија, повеќеслојни претензии, демонстрирање сила и игнорирање на правото и правдината, ирационалности, политички суети што се анахрони за едно современо демократско општество како што се претставува Бугарија, во рамките на Европската Унија.

Денков во пораката упатена до македонските власти го кажува истиот радикален став на претседателот Радев дека секаков напредок на земјава на патот на евроинтеграциите ќе мора да биде претходно заверен во Софија, односно без исполнување на барањата во протоколите што се дел од преговарачката рамка, нема напред.
Ова е само уште една потврда дека со прифаќањето на „францускиот предлог“ Македонија прифати бугарско туторство во евроинтеграциите и од тоа задоволство нема да се откаже ниту една бугарска влада, било да ја предводат харвардовци, академици или, пак, поранешни еврокомесари.
Повеќето соговорници што се добро упатени во надворешната политика, особено во македонско-бугарските односи, сметаат дека нема ништо да се смени во односот на која било бугарска влада кон Македонија.

– Бугарската политика кон Македонија е константа најмалку 70 години и ниту една влада, било да ја нарекуваме проевропска, прореформска или едноставно прогресивна, не може да ја напушти бугарската главна линија кога станува збор за односот кон земјава. Без оглед дали пораките стигнуваат од националистот Костадинов, од Трифонов или од европратеникот Ковачев, кои некои кругови во земјава ги претставуваат како политички маргиналци, истите пораки ги упатува секоја бугарска влада. Кога пред некоја година се потпиша Договорот за пријателство и соработка, тогашните премиери Борисов и Заев се гушкаа и се нарекуваа браќа, за малку подоцна истиот тој Борисов да ја поддржи бугарската декларација во Народното собрание, која е целосно негаторска за Македонците, македонскиот јазик и историја – велат соговорниците.
Според нив, од кои некои биле дел од македонската дипломатска мисија во Софија, која било бугарска влада да го напушти поставениот курс кон Македонија, веднаш ќе падне.
– Бугарија речиси пет години не можеше да формира политичка влада и со земјата де факто раководеше претседателот Радев. Сега, кога конечно успеаја да формираат влада, Денков, а ниту Габриел подоцна, нема да си го дозволат тој луксуз да им падне владата само поради променет став кон Македонија, која, без оглед на сите проблеми со кои се соочува Бугарија, сепак е најчувствително прашање таму. Затоа новиот бугарски премиер во телефонскиот разговор со Ковачевски отворено го кажал она што е официјален став на Софија, дека патот на Македонија кон ЕУ оди преку бугарската престолнина – појаснуваат нашите соговорници.