Антиципација и планирање кога се во прашање пазарните движења и односи

Дека нешто не е во функција во трговските односи во прометот со храна, и сето тоа на штета на граѓаните, одамна е јасно. Тоа ја наметнува потребата од посуштинска промена во аграрната политика, која е посветена првенствено на поттикнување на примарното домашно производство. Но без целосно заокружен систем преку воспоставување антиципирани пазарни движења и, во тој контекст, воспоставување односи на сите учесници во синџирот во снабдување со храна и воспоставување гарантирани откупни цени и без организирање на извозот на македонските производи, земјоделците и граѓаните ќе бидат ставени во подредена улога и ќе зависат од милоста на малиот број увозници

Телевизиските прилози за прескапото јагнешко месо во домашните месарници го најавуваат доаѓањето на големиот христијански празник Велигден. Со години ја слушаме истата траорна „исповед“ на сточарите за неоткупеното македонско јагне, кое останало неизвезено. Но и покрај големата понуда, свежото јагнешко месо ќе биде недостижно за мнозинството македонски граѓани! Цената на јагнешко месо достигна рекордни 550 денари, а и при вака високи цени, сточарите се незадоволни?! Зошто?
Велат дека откупна цена од 200 денари жива мера е ниска. Приказната со „велигденското“ јагне јасно ја отсликува состојбата при формирањето на цените на земјоделските и сточарските производи во Македонија, што во сите изминати години беше на штета на непосредните производители и на крајните потрошувачи. Носителите на економските политики во земјава, понесени од заложбата за функционирање на принципите на понудата и побарувачката, дозволија цените на основните прехранбени производи да бидат диктирани по условите што ги поставуваат неколкуте крупни трговци и препродавачи на јагниња, домати, пиперки, краставици… Резултатот од ваквата „пазарна“ економија го гледаме на зелените пазари во земјава, а граѓаните најдобро го чувствуваат тоа по својот џеб, и покрај зголемувањето на просечната плата од петстотини евра.
Во сета оваа игра со цените за храната, малку кој гледа зад завесата за тоа што ни се случува во нашата земја, која може да произведе доволно храна за нашите граѓани, така барем велат сите досегашни аграрни романтичари. Колку повеќе расте цената на земјоделските и сточарските производи, толку повеќе расте незадоволството на земјоделците, кои се жалат дека не можат да го продадат и извезат својот род. Сточарите велат дека во споредба со лани извозот на македонското јагне на европските пазари е помал. Тоа што ќе остане дома, не можат да го продадат поради ниските откупни цени. Иста е состојбата и со раноградинарските култури, а сопствениците на оранжерии од Струмичкиот Регион, уште пред да почне големата откупната сезона, се жалат на ниската побарувачка. Во исто време, сѐ повеќе расте увозот на земјоделски производи и од земји во кои порано бевме главни извозници на домати и пиперки. Се најдовме во состојба кога Албанија бележи зголемување на извозот на земјоделски производи во Македонија. И кромидот, кој некогаш не успеавме да го продаваме, а кој земјоделците го фрлаа во реките, поради нашата неспособност да го продадеме надвор, годинава го плаќавме по рекордни 100 денари за килограм кромид увезен од Албанија и од Косово!

Последиците од досегашното водење на македонската аграрна политика ескалираа во изминатата година, кога цените на храната достигнаа астрономско ниво, највисоко од сите земји во нашето опкружување. Инфлацијата, која многу брзо го достигна историскиот максимум од 19 отсто, се намалува со брзина на полжав. Граѓаните во март, споредено со февруари годинава, имале за 0,1 отсто намалени трошоци за живот, а за толку биле пониски и цените на производите на мало, објави Државниот завод за статистика. Намалување на индексот на трошоците на живот има кај лебот и житата, кои биле пониски за 4,7 отсто. Млекото имало пониска цена за 4,6 отсто, а маслото и маснотиите за 2,4 отсто. За 2,2 отсто пониска цена имале сирењето и урдата, а свежото и разладеното овошје за 1,2 отсто. Но затоа кај свежиот и разладениот зеленчук цените пораснале за 8,8 отсто. Во споредба со март лани, трошоците на животот се зголемени за 14,7 отсто, а цените на мало за 10,7 отсто.
Притиснати од незадоволството на граѓаните од високите цени на прехранбените производи, кои беа диктирани од трговците и увозниците, надлежните државни институции и министерствата за земјоделство и економија се обидоа да „интервенираат“ преку административни, за да се смири ценовното цунами. Намерата е да се држат цените на храната под контрола додека поминат велигденските празници. Се чини, мерката за замрзнување на цените, која беше изнудена поради неразумното однесување на трговците и желбата за високи профити, не може долгорочно да ги реши нарушените пазарни односи во производството и прометот со храна. Телевизиските прилози за „акции“ на пазарните инспекции во магацините за храна на кванташките пазари с е само во функција на смирување на незадоволството на граѓаните од намалениот животен стандард. Информациите за прикажаните фактури за увезените производи по пониска цена само да се платат пониски давачки при увоз со цел цената на компирот, кромидот, пиперката и доматот, треба да завршат со соодветна постапка. Но тоа што не смее да се допушти е повторно да се дозволи корекција на замрзнатите цени и нивно зголемување, под изговор дека претходно „трговците прикажувале пониски калкулации за увозните земјоделски производи“: Најавите се дека по утврдувањето на реалната цена на производите, од понеделник ќе се коригира и замрзнатата цена на дел од производите, особено замрзнатата цена на доматите и краставиците! Тоа само дополнително ќе ги поттикне недовербата и конфузијата кај граѓаните, кои не можат да се снајдат со ценовната анархија кај трговците. Дека нешто навистина не е во ред во трговските односи во прометот со храна одамна е јасно. Тоа ја наметнува потребата од посуштинска промена во аграрната политика, која е посветена првенствено на поттикнување и планирање на примарното домашно производство. Но и понатаму, во преработувачката верига.
Без целосно заокружен систем преку воспоставување фер пазарни односи на сите учесници во синџирот во снабдување со храна и воспоставување гарантирани откупни цени и без организирање на извозот на македонските производи, земјоделците и граѓаните ќе бидат ставени во подредена улога и ќе зависат од милоста на малиот број увозници.

Носителите на економските политики во земјава, понесени од заложбата за функционирање на принципите на понудата и побарувачката, дозволија цените на основните прехранбени производи да бидат диктирани по условите што ги поставуваат неколкуте крупни трговци и препродавачи (на домати, пиперки, краставици, на јагниња…). Во сета оваа игра со цените за храната, малку кој гледа зад завесата за тоа што ни се случува во нашата земја, која, без никаков проблем, може да произведе доволно храна за нашите граѓани! Колку повеќе расте цената на земјоделските и сточарските производи, толку повеќе расте незадоволството на земјоделците, поради тоа што не можат да го продадат и извезат својот род

И на крајот, само за споредба со македонските состојби и цените на храната што ја плаќаме деновиве. Цените на храната на светските пазари во март биле на најниско ниво во изминатата година и половина, објави агенцијата за храна на Обединетите нации. Индексот на цените на кошничката основни прехранбени производи во март падна за 2,8 поени во однос на ревидираната вредност за февруари, на просечни 126,9 поени, што е најниска вредност од јули 2021 година. „Иако цените на светско ниво паднаа, тие сè уште се многу високи и продолжуваат да растат на домашните пазари, што претставува дополнителни предизвици за безбедно снабдување со храна“, предупреди главниот економист на ФАО, Максимо Тореро. Ова колку да се знае на што се должи минималното мартовско намалување на цените и колку на тоа влијаело „замрзнувањето“ на цените на лебот, урдата, зеленчукот, овошјето и макароните.