Фото: Игор Бансколиев

Со години клучни политички прашања од идентитетско значење за македонскиот народ и држава почнувале или завршувале токму во период на најголемите христијански празници. Во два наврата, токму пред Божиќ ни беше испорачана Тиранската платформа, со која целосно се преуреди државата и се воведе двојазичноста, на Божиќ започна процесот на менување, односно губење на името во согласност со Преспанскиот договор, а сега токму пред Велигден е крајниот рок за номинирање претставници што треба да го сменат Уставот за внесување на Бугарите во него. Кој за време на најстрог пост повторно ги мрси рацете со македонскиот национален идентитет и дали токму 10 април е своевиден почеток на крајот за Македонија, онаква каква што народот претходно ја знаел и посакувал?

Еден друг ракурс на обидите во континуитет за деноминација на македонскиот национален идентитет

Денеска истекува крајниот рок за екипирање на работната група чија задача е да форматира и поднесе конкретни предлози во врска со иницијативите за промена на Уставот на Македонија, чија основа се однесува на внесување на Бугарите во највисокиот правен акт, во согласност со препораките што произлегуваат од францускиот предлог. Министерството за правда, со кое раководи кадар на ДУИ, минатата недела испрати допис до Кабинетот на претседателот на државата, Секретаријатот за европски прашања, парламентарните партии и други институции со назнака токму до денеска, 10 април, да ги номинираат своите претставници, по што треба да отпочне и процесот на уставните измени околу кои изминатиот период се кршат копјата во јавноста. За многумина правни експерти токму овој најнов обид за отворање на Уставот и промена на преамбулата оди во насока на целосна деноминација на македонскиот народ како конститутивен народ во државата и продолжување на ерозијата на македонскиот национален идентитет.
Според професорката Билјана Ванковска, македонскиот устав е претворен во обична крпеница и уште една промена, која сега се предвидува за внесување на Бугарите, ќе значи само дефинитивно расчистување со Македонија онаква каква што народот ја знаел и посакувал.
– Ова може да биде последниот клинец во мртовечкиот ковчег на Македонија онаква каква што ја знаеме или посакуваме – смета Ванковска.

Во политиката нема случајности

И бидејќи во високата политика нема случајности, туку сè е однапред испланирано и изрежирано, самиот денешен датум 10 април како краен рок за номинирање кандидати за почеток на уставните измени носи и одредена симболика. Имено, последната недела пред големиот христијански празник Велигден (која почнува токму денеска, на 10 април) уште се нарекува и страдална седмица. Оваа недела, од Велики понеделник до Велика сабота, верниците ја поминуваат во строг пост, молитви и покајание.
Според црковните учења и сведоштва, во страдалната седмица сите треба да бидеме подобри, пострпливи, повоздржливи и посправедливи кон своите ближни, правејќи дела на љубов и милосрдие. Во тие дни се смета за недолично да се оди на суд и да се обвинува или да се осудува. Оваа седмица не се прават ниту панихиди, помени и акатисти, заради посветеноста на целото внимание и молитва кон големите настани, тврдат црковните великодостоинственици.
Наспроти ваквите религиски учења и сведоштва за доброчинителство, молитва и покајание, македонската политичка реалност е преполна со примери што го потврдуваат токму спротивното. За жал, и овој пат се повторува старата практика во период на големи верски празници да се влечат потези со кои се атакува врз македонскиот народ, неговиот идентитет и самобитност. Така е и сега. Токму за време на страдалната седмица треба да почне процесот на менување на Уставот и дерогирање на супстанцијата во Уставот во кој се дефинира македонскиот народ. Веројатно веќе од денеска може да очекуваме и силна политичка реторика и нови меѓусебни обвинувања и поделби, кои само ќе го нарушат амбиентот на празнување кај мнозинскиот македонски народ.

Празнични атаки врз македонскиот народ и неговата самобитност

Од друга страна, речиси сите судбоносни (а потоа погубни) барања или спогодби ни биле испорачувани токму за време на големите празници.
Пред неколку години токму на Божиќ од Тирана беше испорачана таканаречената тиранска платформа, која потоа го преуреди политичкиот систем, наметна нови услови, промена на Уставот, воведување двојазичност и редица други импликации. Сето тоа ја чинеше државата многу пари, време и енергија, потрошени на голо политикантство, кое не донесе ниту подобар живот, ниту благосостојба за граѓаните, туку, напротив, состојбите уште повеќе се влошија. Сето тоа предизвика и отворени критики од Венецијанската комисија, како тело на ЕУ, која посочи дека воведувањето на двојазичноста на целата територија практично ќе го парализира функционирањето на државата. Но сѐ остана по старо и забелешките на Венецијанската комисија никој досега не ги уважи.
Истото непријатно сценарио ни се случи и оваа година. И пак на Божиќ. Од Тирана добивме тиранска платформа бр. 2, во која се поставени и нови услови и отстапки што треба да ги направи државата, и овој пат наводно во име на некаква европска иднина. Сегашното ново отворање на Уставот, со цел внесување на Бугарите, секако ќе се искористи и за нови и поголеми барања и отстапки кон албанското малцинство.
Пред неколку години, на 9 јануари, или на третиот ден на Божиќ, беше одржана последната финална фаза од собраниската процедура за уставните измени за спроведување на спогодбата од Преспа. Како потоа заврши сето ова е добропознато, со губење на уставното име на државата и наше идентитетско обезличување, кое продолжува и понатаму.
Не толку одамна на големиот празник Василица во Скопје дојде висока државна делегација од Бугарија, при што слушнавме и пораки со крајно провокативна и ретроградна идеологија за територијални претензии кон нашата држава, но и манифестирање великобугарски национализам, шовинизам и фашизам.
Сега, пред Велигден, на почетокот на страдалната седмица, треба да започне процесот на промена на Уставот на државата, како резултат на бугарските уцени и условувања, кои се на штета на македонскиот народ и државата. Зошто постојано некој се обидува на вакви големи празници да му пркоси и да му брца прст во око на правдољубивиот и мирољубив македонскиот народ? Патем, која е и пораката што на овој начин, меѓу редови, се испраќа до мнозинскиот македонски народ во неговата држава.
Според Ефтим Клетников, претседател на здружението „Македонски манифест“, воопшто не се случајни ваквите обиди за идентитетско обезличување на македонскиот народ .

– Уште од многу одамна се изведува тој проект македонскиот народ да се доведе до состојба на очај, иако очајот на некој начин е енергетска база и тера на бунт. Затоа би рекол дека експериментот што се прави врз македонскиот народ и држава е со цел тој да се понижи, да се доведе во состојба на апатија, некој вид траорна рамнодушност. И ова почна уште со Лисабонската декларација, па случувањата во 2001 година и рамковниот договор, потоа Преспанскиот договор, Тиранските платформи, францускиот предлог и сега менувањето на Уставот. Едноставно, намерата е овој народ да се доведе до состојба едвај да дише. Во тој концепт на страдање и понижување на македонскиот народ се вклопуваат и овие случувања поврзани со страдалната седмица и почнување на процесот на уставните измени – вели Клетников
Според него, првиот столб на идентитетот е името и тој е разурнат со Преспанскиот договор. Клетников нагласува дека потоа на ред дошле историската меморија и атаките кон јазикот, што сега се прави преку бугарските барања и условувања. И третиот столб, кој исто така е предмет на нападите, се црквата и религијата, која одиграла капитална улога во минатото.
Професорот и протоѓакон Ратомир Гроздановски порачува да му се посветиме на празнувањето на големите празници, бидејќи во спротивно се губи аурата на доброто, на радоста. Не е погодно да му се намалува радоста на народот за време на празниците.
– И во Библијата има стих што вели дека има време за сè, и тоа треба да се почитува – вели проф Гроздановски.
Ако во минатото, според црковните записи и сведоштвата, сите настојувале да бидат подобри, пострпливи, повоздржливи и посправедливи во периодот пред велигденските празници, да се надеваме дека ваквиот пример ќе го следат денеска и политичарите. Во интерес на својот народ и држава.