Јубилејот и значењето на весникот добиваат уште повеќе на тежина во светлината на последните случувања и обиди од некои соседни држави да се оспорат или негираат македонската историја, култура, јазик и идентитет. На Македонија и македонскиот народ никогаш не им било лесно. Но македонскиот народ секогаш, и во минатото и сега, имал своја потпора, свој силен корен, стамен столб и истовремено искрена и топла прегратка, закрила и поддршка секогаш кога било потребно. Ја има покрај себе „Нова Македонија“
Да се опстои 75 години низ сите бури, премрежиња, искушенија, сцили и харибди низ кои минале и сѐ уште минуваат македонскиот народ и држава, а притоа секогаш да се биде на вистинската страна, на страната на фактите, историјата, традицијата, идентитетските обележја, јавниот интерес – со еден збор на страната на граѓаните, е исклучително голема и одговорна задача. Или повеќе би рекол мисија. Тоа е подвиг сам по себе, со кој ретко кој на овие простори може да се гордее. Токму еден таков светол датум, значаен јубилеј е денешниот роденденски 29 октомври 2019 година, кога првиот македонски дневен весник одбележува 75 години од излегувањето на првиот број.
Чувствата по тој повод кај сите нас се толку длабоки и силни што на моменти како да нѐ поткреваат од земја. Како минатото, сегашноста и иднината да се среќаваат тука, на едно место и во исто време. На страниците на весникот.
За миг затворете ги очите и замислете – седумдесет и петгодишна традиција на секојдневно печатење и 24.769 испечатени броја, заклучно со денешното издание на весникот. Тоа го нема никој друг освен „Нова Македонија“.
Јубилејот и значењето на весникот добиваат уште повеќе на тежина во светлината на последните случувања и обиди од некои соседни држави да се оспори или негираат македонската историја, култура, јазик и идентитет. На Македонија и македонскиот народ никогаш не им било лесно. Ниту во 1941-та, во 1944-та, во 1991-та, во 2001-та… Не им е лесно ниту денес. Низ сиве овие години се насобра многу бигор, многу неспокој, неправди, направени отстапки и залудни надежи. Изгубивме многу години напразно.
Но македонскиот народ секогаш, и во минатото и сега, имал и има своја потпора, свој силен корен, стамен столб и истовремено искрена и топла прегратка, закрила и поддршка секогаш кога било потребно. Ја има покрај себе „Нова Македонија“. Да се радува заедно со него на секој постигнат успех, победа, развиено национално знаме, но и заедно да се одболува и преброди секој неуспех, нанесена болка или неправда.
Уште во својот прв уводник, со наслов „Првиот наш слободен лист“, пишуван во 1944 година, се одредуваат и стратегиските начела по кои ќе се води весникот, кои се актуелни и денес.
„Многу задачи стојат пред нас. Треба да ја зацврстиме нашата демократска власт, да го зацврстиме братството меѓу Македонците, Турците, Власите, Албанците и другите народности што живеат во Македонија. Да создадеме свое национално стопанство, да изградиме своја прогресивна национална култура, со еден збор смело да тргнеме напред кон една подобра иднина“, пишувало во уводникот од 1944 година.
И денес, 75 години потоа, важат речиси истите начела. Напорите и заложбите за зацврстување на демократските процеси се актуелни и сега, градењето на заедничкиот соживот меѓу македонскиот народ и другите националности што живеат во земјата останува и понатаму на листата на приоритети, зацврстувањето и одбраната на идентитетските обележја, растот на економијата итн.
За значењето и улогата на „Нова Македонија“многу е кажано и пишувано низ годините. Сепак, по повод денешниот роденден, вреди да се споменат барем неколку факти.
Во „Нова Македонија“ во 1945 година се објавува решението за македонската азбука, при што како нови букви во азбуката се воведуваат: ѓ, ќ, ѕ, љ, њ, џ. Со тоа весникот станува буквар во македонските училишта од кој младите генерации учат да читаат и да пишуваат. Со самото тоа весникот не само што е ризница на македонската историја туку претставува и најголема архива на македонската култура и најревносен борец за македонската национална иднина. Зашто историјата на државата без моќта и силината на пишаниот македонски збор, што се роди во „Нова Македонија“ и се пренесуваше од човек на човек, ќе личеше на пустина. Понатаму, весникот отсекогаш важел за школа кога се работи за чистотата на јазикот, што денес, за жал, не е случај во многу медиуми. Тој бил и останува учебник по писменост, јазик, култура… Сѐ што е обележје на идентитетот на еден народ. „Нова Македонија“ единствена го чува и плакатот за референдумот за независност од 8 септември 1991 година, објавен на насловната страница на весникот. Со тоа весникот станува и нишка што спојува два Илиндена. Во ерата на глобалниот проблем и предизвик со лажните вести, од кои не е имуно ниту нашето општество, „Нова Македонија“ останува несомнено еден од ретките медиуми што цврсто држат до професионалноста и во кои се применуваат и почитуваат највисоките новинарски стандарди. Зашто 75-те години зад нас се непроценливо искуство и богатство, но истовремено и огромна обврска и одговорност.
Што понатаму?!
Одговорот на ова прашање е јасен и го знае секој што на еден или друг начин е поврзан или бил дел од весникот.
Весникот и понатаму ќе продолжи да ги негува асномските принципи на вистински народен лист. На вистината и објективноста нѐ обврзуваат и Горно Врановци и славното историско минато како прв македонски дневен весник. Ако во Врановци во 1944-та се создавала историјата, ние денес имаме света должност да ја зачуваме таа историја. Весникот овозможил Македонците да станат свесни за своите корени и таква „Нова Македонија“ треба да им оставиме и на нашите внуци, правнуци.
„Нова Македонија“ секогаш, и во претходните и во сегашниот систем на уредување, застанувала во одбрана на македонскиот национален идентитет, меѓународната позиција на државата, правата на малцинствата во соседните земји. Весникот и денес ги продолжува овие идеали, на Методија Андонов-Ченто, Кузман Јосифовски-Питу, идеалите на АСНОМ. Се залага за македонска нација, јазик, име, култура, идентитет. Тие вредности и по 75 години се загрозени, некој сака да ни ги оспори, да ни ги одземе. Во таа насока страниците што сега ги испишуваме ќе им дадат претстава и на идните поколенија и хроничари какви сме биле, како сме го чувале својот идентитет, колку сме ја сакале државата. Зашто „Нова Македонија“ е Македонија. Таа е и јазик, име, идентитет, традиција историја, писменост, култура. Со еден збор, „Нова Македонија“ сме сите ние.
И покрај својот 75-ти роденден, „Нова Македонија“ никогаш не старее. Напротив, таа постојано се подмладува. Со своето знаење и искуство, дополнети со младешки елан и дух, воопшто не се сомневам дека весникот и понатаму ќе опстои на самиот врв како релевантен, цитиран, респектабилен медиум, не само во домашни туку и во пошироки рамки.
Нека ни е среќен роденденот и да ни бидат вековити и „Нова Македонија“ и нашата Македонија.