Јазични мостови (3)

И во овој број на „Колибри“ повторно ќе ве насмееме со мудростите на малата Лана што нејзината мајка Ивана Папеш Богосављев, која е наставничка и писателка, ги собра во книгата „Мамо, слушај“, која на српски јазик ја објави Банатскиот културен центар од Ново Милошево.
Инаку, Лана живее дури во Србија, во градот Суботица. Многу сака да игра, да пее, да се дружи, да се забавува, да трча, да спортува…Често од нејзиното срценце и од нејзиното мозоче излегуваат „бисери“, кои вие можете да ги прочитате на нашите страници


МАМО, СЛУШАЈ!

Лана му вели на кадифеното мече: Те сакам.
Мама: И јас те сакам тебе.
Лана: Не ти реков тебе, не мешај се.

***
Лана: Не го изми јаболкото, те видов.
Мама: Не го измив.
Лана: Ти си заборавила, што ме советуваш секогаш? Нема врска, јас ќе те потсетам. А сега оди и измиј го јаболкото, без разлика што веќе си го гризнала.

***
Сакам и јас да свирам на гитара, па кога ќе пораснам да одам во бенд и да рокам.
Кашла мојата Лана, а јас разговарам со докторката (моја пријателка). Таа ми препорачува со што да ѝ правам инхалации и кој сируп да ѝ го давам.
Лана: Aма јас не го сакам тој сируп. Јас сакам „хербико“.
Мама: Но слушна што рече докторката?
Лана: Jaс не можам да поверувам дека ти повеќе ѝ веруваш на докторката отколку на својата ќерка!!!
(и така… пие „хербико“).

***
Лана црта бубамара.
Мама: Ама Лана бубамарата нема толкава нога.
Лана: Знам, нека лета ако не ѝ одговара.

***
Мама: Направи онака како што вели задачата.
Задачата не зборува и ќе обојам како што сакам јас.
Мамо, ајде роди уште едно бебе. Ако биде женско, јас ќе го чувам, а ако биде машко, ќе му го дадеме на бато.
Лаки ми рече да те убедам и јас прифатив. Знаев дека нема да биде тешко. И онака секогаш лесно те убедувам.
***
Лана: Мамо, кога ќе дојде лето?
Мама: Па, лето е.
Лана: Па, зарем тогаш не треба да има сонце?
Лана: Зошто тато не ми дозволува да имам куче?
Мама: Затоа што живееме во стан.
Лана: Jaс ќе го прашувам секој ден сѐ додека не му здодее и не ми дозволи да имам куче. Почнувам денеска.
(денес веќе имаат куче)

Превод од српски на македонски: Филип Димкоски