Спорт број еден

Статусот на ракометот како спорт број еден во Македонија е статус граден со години, со постојаност од учества на големите натпреварувања, светски и европски првенства, во два наврати и настап во квалификациите за пласман на летните олимписки игри (за Лондон во 2012 година и за Рио де Жанеиро во 2016 година), но и со постојаност во работата во базата, каде што неуморно се создаваат ракометните наследници на сениорите и каде што почнува сѐ

Новата ера на ракометната репрезентација на Македонија, со новиот селектор Кирил Лазаров, почна на спектакуларен начин, со една од најголемите победи во македонската спортска историја, кога во официјален натпревар, од квалификациите за пласман на Европското првенство во 2022 година, црвено-жолтите ја совладаа Данска, која е актуелен олимписки и двоен светски првак (во минатото била и европски шампион) и која Лазаров ја опиша како „најдобрата репрезентација на денешницата, која дејствува речиси совршено во сите сегменти на ракометната игра“. Поразот потоа не ја промени сликата за тоа дека има придвижување, според дел од најавите на самиот селектор, дека „Македонија ќе игра брз и модерен ракомет“. Мечот со Данска во Скопје беше и исполнување веќе на првата најава на новиот кормилар, кој во пресрет на натпреварот рече: „Сакам на терен да видам борбена и концентрирана Македонија“.
Статусот на ракометот како спорт број еден во Македонија е статус граден со години, со постојаност од учества на големите натпреварувања, светските и европските првенства, во два наврати и настап во квалификациите за пласман на летните олимписки игри (прво за Игрите во Лондон во 2012 година и потоа за Игрите во Рио де Жанеиро во 2016 година), но и со постојаност во работата во базата, каде што неуморно се создаваат ракометните наследници на сениорите.

За да се одржи тоа ниво, сениорската репрезентација се потпираше токму и на работата во базата. Лазаров најавува дека ќе се обиде да воведе и „ист систем на работа во кадетската, младинската и во сениорската репрезентација“. Сево ова е одлична најава дека овој спорт ќе продолжи со одржување на високото ниво и стандарди.
Сениорската репрезентација е на прагот од 11-то учество по ред на континенталните и на планетарните шампионати (низа почната во 2012 година, на Европското првенство во Србија), а во следниот период со засилена работа во младите категории добро би било, на пример, да се повтори и да се надмине 2017 година.
Таа година македонската младинска репрезентација го освои шестото место на Светското првенство во Алжир, за ракометари до 21 година. Таквите успеси на младите категории, мерливи во светски рамки, се секако и најава за посигурна перспектива на сениорската селекција.

И само пласман на едно младинско светско или европско првенство ќе биде показател, како врвот на една санта мраз, само за видливиот дел од една стратегија на македонскиот спорт број еден, а вниманието, како и секогаш, треба да биде насочено кон „невидливиот“ дел, затоа што таму почнува сѐ.
Таму се поставуваат темелите за широката база, за спортскиот врв секогаш да биде висок и меѓународно конкурентен, како што е веќе една деценија во низа во ракометот. Оттаму се ракометните ѕвезди, оттаму се мундијалите и европските првенства, оттаму се наследниците…
Со таков приод, и природниот тек на нештата, како што е смената на генерациите, ќе се одвива без резултатски потрес (како што е во ракометот), а секоја следна генерација ќе има високопоставена граница, која ќе треба да ја стигне или да ја надмине, како потстрек за вкупен напредок.
Во спортот одамна нема поделба според возраста, туку според квалитетот, но ракометот уште еднаш посочи дека треба и да се форсираат младите. Во овој спорт повеќе од една деценија се работи посветено, сериозно и постојано се берат плодови од тој труд, а тоа само ја покажува исправноста во давањето доверба и вложувањето во младите и талентирани спортисти.
Но самото „засилување на работата со младите“ подразбира и создавање широка база стручни луѓе, потоа и стрплива работа со години, нешто што дава и ќе дава резултати на подолг рок.

„Отсекогаш верував дека ако работите на нешто, резултатите ќе дојдат“, рекол славниот американски кошаркар Мајкл Џордан. Спортските патишта се испреплетени со подеми и со падови, но, како што велат, не се работи за тоа како сме паднале, туку за тоа како ќе станеме. Тоа веројатно ја прави разликата и на други спортски нивоа. А успешните во спортот потоа испраќаат и порака за единствениот пат кон успехот – многуте часови напорна работа, максималната волја, беспрекорната организација, силните карактери, големиот ентузијазам…, за потоа само на изглед лесно да се победува.

[email protected]