Мерки, да, ама кој да измери и како да пресече?

Едно е јасно, многу малку научивме за сопствената одговорност во справување со кризите. Сѐ уште не знаеме кој пат да го фатиме. А во светот имаше две искуства, она на Шведска, либерално, но со висок степен на развиен менталитет на почитување на мерките, и едно на Австралија и на Нов Зеланд со јаки и долготрајни карантини. Обидот да се компензира меѓу овие два модела се покажа како лош, пред сѐ поради немањето капацитет за одговорност. Сепак, Македонија има доволно искуство од изминатите неколку брана на коронавирусот, од кои треба да извлече поука и да не дозволи грешки

Од во место. Тоа ли е дефиницијата со која најкратко може да се објасни македонската стратегија во справување со пандемијата? И тоа како да се репризира пред и по секој (нов) бран на новозаразени од ковид-19. Ефектите сите ги гледаме. За парадоксот да биде поголем, од мала држава во која лесно може да се направи антивирусен штит, ние станавме држава со најголема смртност од ковид-19.
Ние не ги оставивме празни трговските центри, кафулињата, рестораните, ама истовремено не ги оставаме празни ниту болниците. Е па, не оди тоа така. Старите ќе кажат дека две лубеници под иста пазува не можат да се носат. Граѓаните мора да се решат или барем мора да знаат на што се овој пат.
Од една страна стравуваме од вирусот, но од друга страна нема некој што не испил кафе во угостителски објект или не седнал на ручек во ресторан. За ново парче облека, секако, се посетува модна продавница во трговски центар. И нема збор. Треба да работат сите, зашто економијата веќе оди во колапс. Но тоа е веќе друга тема.
Додека регионот се справува со којзнае кој бран по ред на новозаразени и веќе на големо планира мерки за невакцинираните, односно за поттикнување на населението на вакцинација, во Македонија за влез во објектите е потребен сертификат со примени две дози вакцина или потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето. И толку. Тоа се единствените мерки што здравствените власти изминатиот период ги презедоа како начин за справување со пандемијата.
Секако, веќе се знае дека во затворена просторија треба да се носи маска и редовно да се прави дезинфекција на рацете. Тие лекции веќе веројатно се научени.

И да се вратиме на бројките. Таму лежи стратегијата. Од почетокот на пандемијата, во земјава се дијагностицирани вкупно 209.449 заболени, оздравени се 193.781 пациент, а починати се 7.337 лица. Според последните статистики на Министерството за здравство, пак, 39 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 38 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина.
Се доцни ли со мерките за заштита од ковид-19? Имаме ли државна стратегија, има ли контрола на спроведувањето на мерките? Сите овие се прашања што бараат сериозен одговор. На хартија здравствените власти велат дека мерките даваат резултат, во практика сѐ е поинаку.
На пример, статистички околу 38 отсто од населението е вакцинирано, а во реалноста секој втор има сертификат за вакцинација со кој може да влезе каде сака и кога сака? Како е можно тоа? Кој е тогаш ефектот од оваа мерка? Зошто нема сериозни контроли и санкции?
Како држава влеговме во процес на имунизација меѓу последните, затоа што кога цела Европа се вакцинираше, ние немавме вакцини. Денес, неколку месеци подоцна, веќе фрламе вакцини, затоа што им поминал рокот на употреба.
Кој е виновен за ова? Треба ли да се менува нешто во пристапот или да се засилуваат рестрикциите за невакцинираните? Токму тоа е сериозна дилема за која здравствените власти мора да имаат одговор.
Никој не ја знае критичната точка кога ќе се случи експлозија на бројките со новозаразени од коронавирусот. Пред нас можеби е сериозен бран што може сериозно ќе го оптовари здравствениот систем. Секаде во соседството има една сериозна епидемиолошка критична состојба, која наскоро ќе се пресели и кај нас.
Во Србија конечно по неколку недели почна да паѓа бројот на заболени, но ковид-пропусниците и натаму се во сила. За разлика од Србија, Хрватска и Словенија во моментов се меѓу првите пет земји во Европа по бројот на заразени на 100 илјади жители. Поради влошената ситуација, хрватската влада воведе задолжителни ковид-сертификати за сите вработени во администрацијата, а пропусници ќе мораат да имаат и странките што влегуваат во државните институции и јавните претпријатија.
Грција и Бугарија се борат со четвртиот ковид-бран, а ковид-пропусниците и таму се задолжителни, но и покрај тоа стапката на вакцинирани е ниска, особено во Бугарија, каде што е под 30 проценти.

Се доцни ли со мерките за заштита од ковид-19? Имаме ли државна стратегија, има ли контрола на спроведувањето на мерките? Сите овие се прашања што бараат сериозен одговор. На хартија здравствените власти велат дека мерките даваат резултат,
во практика сѐ е поинаку. На пример, статистички околу 38 отсто од населението е вакцинирано, а во реалноста секој втор има сертификат за вакцинација со кој може да влезе каде сака и кога сака? Како е можно тоа? Кој е тогаш ефектот од оваа мерка?
Зошто нема сериозни контроли и санкции?

Пандемијата треба да се контролира преку превентивни мерки. Најважно е да се намали бројот на новоинфицирани и на тој начин да се намали притисокот и оптовареноста врз здравствениот систем.
Зошто не се успева во намерите да се креираат здравствени политики, кои од една страна ќе го штитат населението, а од друга страна ќе значат стимулација на луѓето за почитување на здравствените мерки?
Едно е јасно, многу малку научивме за сопствената одговорност во справување со кризите. Сѐ уште не знаеме кој пат да го фатиме.
А во светот имаше две искуства, она на Шведска, либерално, но со висок степен на развиен менталитет на почитување на мерките, и едно на Австралија и на Нов Зеланд со јаки и долготрајни карантини. Обидот да се компензира меѓу овие два модела се покажа како лош, пред сѐ поради немањето капацитет за одговорност.
Сепак, Македонија има доволно искуство од изминатите неколку брана на коронавирусот, од кои треба да извлече поука и да не дозволи грешки.
Навремената реакција е најдобрата превентива. Колку порано се реагира, толку повеќе ќе се ублажат ударите од секој нареден бран. Сите треба да ја сфатат опасноста, која е тука и тлее. Истото тоа важи и за одговорноста кога станува збор за справување со пандемијата.

[email protected]