Бугарскиот фалсификат со европски печат

ЕУ не смее да си дозволи да биде „заверувач на фалсификатот“ за стоте пати кажани лаги и фалсификати, со амбиција да станат вистини. Врз лаги и фалсификати не можат да се градат доверба и какви било реални односи. Секое понатамошно одложување на почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, значи поцврсто легитимирање на „дозволата“ билатерален (уште повеќе и апсурден) спор да биде пречка за евроинтегративниот процес на целиот регион на Западен Балкан, но и влегување на Унијата во спиралата на поигрување со фалсификување на вистината

Потпирајќи се на својот статус земја-членка на ЕУ, Бугарија настојува бескрупулозно да ги инструментализира принципите и механизмите на Унијата за да добие некаков „оригинал документ“ на своите фалсификат-конструкции, како за минатото така и за сегашноста. Таквите бугарски амбиции веќе не ја допираат само историјата (па и сегашните состојби) на Македонија туку и нејзината сопствена улога во одредени периоди на светската историја, како и нејзината самоперцепција за „бранител на европските вредности“.
Иако пред претстојниот самит на ЕУ, во средината на декември, навидум е променет наративот во бугарските аргументи за одржување на ветото за почеток на македонските преговори за членство во Унијата, сепак во неговата суштина останува „како што била признаена историската вистина во односите со Грција, истото да биде сторено и со Бугарија“, односно „објективните факти“ од нивната (бугарска) верзија на т.н. заедничка историја, да не бидат подложени на мултиперспективно толкување.
Признанието на бугарските политичари, како последното на техничкиот премиер Стефан Јанев, дека ЕУ-партнерите не ги разбирале нивните позиции за ветото спрема Македонија, главно фокусирано на уцени од историско-национален карактер за „признавање на бугарските корени“ на македонскиот јазик и нација, не ги обесхрабри да бараат нова форма, односно „поевропска обланда“ за постигнување на своите нереализирани национални амбиции и фрустрации поврзани со македонското прашање. Затоа сега, флагрантното оспорување на универзалното право на самоопределување и себеименување содржано во ланскиот објаснувачки меморандум, Бугарија го замени со барање за заштита од дискриминација на „македонските граѓани со бугарска самосвест“, запирање на некаков наводен процес на дебугаризација на македонското општество и отстранување на говорот на омраза за Бугарите во Македонија. Гледајќи ја раската во „македонското око“, бугарската политика настојува својата „греда“ да ја прикаже како заштита на европските вредности.

Иако свесни дека нивните аргументи за ветото не им се докрај (всушност од почеток) јасни и прифатливи на европските сојузници, бугарските претставници во ЕУ остануваат категорични во намерата да ги наметнат своите ставови и барања за Македонија, како дел од преговарачката рамка. Дури и уверуваат дека европските партнери веќе почнале да покажуваат разбирање за бугарските позиции.
Изверзираноста на бугарската политика во синергија со нивните научници за конструирање свои историски вистини, се покажува како добар тренинг за манипулирање и со реалноста на актуелните состојби. Креирајќи ситуација во која треба да се прикаже како заштитник на граѓанските права на „граѓани со бугарска самосвест“ во Македонија (со непотврдена, но речиси секогаш со хиперболизирана бројност во бугарските процени), Бугарија се прави дури навредливо слепа за 17-те пресуди од Европскиот суд за човекови права со барање да ги регистрира македонските здруженија во својата земја. Бара измени на македонскиот устав, за внесување на од неа замислените „бугарско самосвесни граѓани“, а непризнавањето на македонското малцинство во Бугарија го „правда“ со фактот дека малцинствата не се предвидени во бугарскиот устав. Упорно клевети за фалсификати на македонска историографија, а не е подготвена да се соочи со улогата на сопствената држава во повеќе периоди од светската историја – како во Втората светска војна, но и со своето минато во времето на тоталитарниот комунистички режим. Аргументира со сопствените национални интереси, издигнувајќи ги на ниво на европска вредност, дерогирајќи го правото Македонија и македонскиот народ да имаат свои национални интереси. И конечно, Бугарија не се стеснува да ги компромитира европските механизми и привилегии како земја-членка на Унијата за да ги „озакони“ своите конструкции и фалсификати.

Еден таков бугарски обид за манипулирање со принципот на консензус во одлучувањето за проширување на ЕУ беше осуетен од страна на Чешка и на Словачка, кои не дозволија во заклучокот од минатогодишниот самит на Унијата, под германско претседателство, да биде имплементирано подметнувањето на бугарската позиција за историјата како услов за земјите-кандидати. Но позицијата на Бугарија ѝ дозволува да продолжи со таквите обиди, со преформулирање на своите уцени во наратив, привидно прифатлив за европските партнери. Но ЕУ треба да биде свесна дека замижувајќи на еден фалсификат, во интерес да ѝ се угоди на една нејзина земја-членка, и самата станува соучесник во фалсификување на историјата, сегашноста, па и на сопствените принципи и вредности. Секое понатамошно одложување на почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, значи поцврсто легитимирање на „дозволата“ билатерален (уште повеќе и апсурден) спор да биде пречка за евроинтегративниот процес на целиот регион на Западен Балкан, но и влегување на Унијата во спиралата на поигрување со фалсификати на вистината. ЕУ не смее да си дозволи да биде „заверувач на фалсификатот“ за сто пати кажани лаги и фалсификати, со амбиција да станат вистини. Врз лаги и фалсификати не можат да се градат доверба и какви било реални односи.