Навистина, короната ги стави во втор план сите други болести и загрозувачки предизвикувачи на здравствени непријатности, но се чини дека комарците, барем налето, не дозволуваат да бидат фрлени во заборав
Додека не нѐ демантира некој нов развој на настаните, дома и во светот, веќе имаме доволно аргументи и „минат труд“ ова лето да го идентификуваме како она „куково лето“, што според народната итроманска мудрост никогаш не се случува. Ако во денешно време социјалните мрежи се факторот што му даваат „легитимитет“ на некој феномен, ова лето 2020-то (летото може да биде сфатено и како „година“) и „официјално“ е куково лето, зашто веќе низ интернетските кулоари циркулираат досетки како – „ако се прашувавте кога се паѓа куково лето – да си знаете дека е во оваа 2020 година“!
Шегата настрана, но сепак никој не се спротивставува на фактот дека во сѐ почесто употребуваната вербална конструкција „новото нормално“ е содржано токму прифаќањето и приспособувањето на неизвесноста и на многу нешта што до пред шест месеци ни изгледаа неприфатливо, здодевно, смешно, па и апсурдно. Секако, познатата причината за тоа е коронавирусот, чија закана сѐ уште демне и покрај силните и постојани обиди за нејзино релативизирање, па дури и негирање, како од (пара)здравствено-научни така и од (високи) политички кругови. Иако делумно олабавени од почитувањето на мерките за превенција од короната, најмногу во однос на опасноста од групирања и одржување физичка и социјална дистанца, сепак, користењето на маските и дезинфекцијата во голема мера се претворија во еден вид условен рефлекс на населението.
Но исто така, коронавирусот се претвори и во алиби за сите стари болки и парадокси: од менталитетски до политички и социоекономски. Хроничното македонско политичко функционирање според принципот „кажи – откажи“, за време на пандемија, се претвори во своевидна „политичка корона-коректност“, претставено како грижа за јавното здравје. Па, така, се истуркаа некако предвремените парламентарни избори, прво со одложување, па потоа со брзање за нивно одржување, а сега повторно домашната политичка сцена живее со драмската неизвесност за формирање влада.
Од друга страна, корона-состојбата ги става на преиспитување повеќето менталитетски стереотипи, кои функционираат речиси како аксиоми што не се докажуваат. Еден од таквите разнишани стереотипи е општата увереност дека учениците не сакаат да одат на училиште.
Додека политиката се занимава самата со себе, па за едно од суштинските општествени прашања како образованието, си даде време одложувајќи го почетокот на учебната година за две седмици, учениците средношколци најавуваат протест ако биде (политички) одлучено да не се вратат на училиште и да продолжат со онлајн настава, воведена токму поради корона-пандемијата. И самата најава за протест за да се оди на училиште е своевидно уривање на стереотипите, што до минатата година беше прифатливо само како мотив за комично-сатирични остварувања, во смисла на критика на општеството. Сега, се чини дека е избришана и таа „невидлива линија“ меѓу сатирата и реалноста, па никој веќе не ни помислува да се смее ако образовните власти ги охрабруваат децата да „бегаат“ од училиште дури и од здравствени причини, а учениците да сакаат да се вратат на училиште.
Дури и да се формира Владата во Македонија, и учениците да (не) се вратат на училиште, економската неизвесност на државата е толку извесна, што и ваквиот оксиморон се чини не е веќе само стилска фигура, туку претставува краткорочна и долгорочна економска проекција. Мандатарот вели дека во овој мандат ќе се фокусира на економијата, но тоа во овој миг никако не ги намалува загриженоста и претпазливоста на стопанството…
Во таква ситуација, кога стереотипите се уриваат, но од непретпоставени причини; кога короната-заканата за некои ќе биде реалност до пуштањето во продажба на целосно испитана вакцина, а за други до претседателските избори во САД, во ноември; кога не се знае до кога ќе бидат затворени границите на Македонија од истите вирусни причини; кога не се препорачуваат долгорочни планови… за крај на летото како да ни недостигаше само уште инвазија на познатите (не)пријатели – комарците. Навистина, короната ги стави во втор план сите други болести и загрозувачки предизвикувачи на здравствени непријатности, но се чини дека комарците, барем налето, не дозволуваат да бидат фрлени во заборав.
И покрај политички коректните соопштенија и заложби на локалните власти дека преземаат сѐ што е во нивна моќ за уништување на овие традиционално здодевни и непријатни инсекти, секако со почитување на еколошките стандарди, инкриминираните „зујачи“ им воведоа спонтан полициски час на скопјани, но и на жителите и туристите во другите градови во Македонија. Односно штом се стемни и комарците почнат интензивно да напаѓаат, а се чини дека не помага никаква хемиско-козметичка заштита, граѓаните се принудени да ја применат најстарата заштитна метода – криење во затворени простории, што налето и не е толку пријатно, дури и со климатизер. За денеска, за Скопје е најавено ново прскање против комарци! Со оглед на претходните искуства ефектот е неизвесен! Или, пак, од сета неизвесност на ова куково лето, веќе почнавме да се чешаме и кога не нѐ јаде?