Тендерската постапка за избор на фирма што ќе ги храни децата трае долго време, поради што во меѓувреме децата треба да останат без храна, а ретко кое училиште бара нов оператор со храна во случај на утврдени неправилности и испорачан неквалитет. Иако директорот на училиштето може да го раскине договорот, сепак, во практика тоа ретко се случува
Иако беше познато дека со новиот закон за основно образование мора да се регулира прашањето за избор на фирма-оператор со храна во училиштата, сепак, работите остануваат исти во поглед на изборот и постапката. Овие фирми и натаму ќе се избираат на тендер, иако имаше реакции од многу родители дека тоа треба да престане бидејќи на тендер се избира најевтината понуда, која во практика секогаш не гарантира квалитет.
Тоа беше клучно прашање што требаше да се реши, со оглед на тоа и дека тендерската постапка трае подолго време, поради што во меѓувреме децата треба да останат без храна, а ретко кое училиште бара нов оператор со храна во случај на утврдени неправилности и испорачан неквалитет. Иако директорот на училиштето може да го раскине договорот, сепак, во практика тоа ретко се случува.
Родителите, најчесто на социјалните мрежи, бараат да се промени начинот на избор на понудувачи, бидејќи главен критериум не може да биде најниската цена. И во право се, бидејќи понудувачите мора да имаат гаранција за квалитет, а менијата да ги прават нутриционисти. Во практика се случува децата да јадат неквалитетна храна, односно најчесто кифли, мекици, пици, ладни сендвичи, а во правилникот за храна јасно стои дека тоа треба да е најмалку застапено во менијата.
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) редовно го следи квалитетот на храната што ја јадат децата на училиште. Во еден од нивните извештаи стои дека исхраната е на незадоволително ниво. Многу е мал внесот на нутритивно богата храна како овошје, зеленчук и млечни производи. Во институтот препорачале дека е неопходен засилен мониторинг на исхраната кај децата со целодневен престој. А колку што е познато, досега никој не е казнет поради ваквите пропусти.
Освен тоа, во ИЈЗ било констатирано и дека доставените листи на топол оброк се со незадоволителен квалитет односно во нив не била наведена енергетската вредност и истата таа не била прикажана во грамови. Биле дадени и препораки и насоки како да се постапи, но не биле преземени мерки за понатамошно подобрување на квалитетот на исхраната.
Најчесто на социјалните мрежи родителите бараа да се промени начинот на избор на понудувачи, бидејќи главен критериум не може да биде најниската цена. И во право се, бидејќи понудувачите мора да имаат гаранција за квалитет, а менијата да ги прават нутриционисти. Во практика се случува децата да јадат неквалитетна храна, односно најчесто кифли, мекици, пици, ладни сендвичи, а во правилникот за храна јасно стои дека тоа треба да е најмалку застапено во менијата
Она што е ново во Законот за основно образование, а што ќе се применува од претстојниот први септември, е тоа што директорот на училиштето ќе има обврска да го следи обезбедувањето на стандардите за исхраната и за оброците во основните училишта и за забележаните неправилности веднаш, а најдоцна во рок од три дена од денот на утврдувањето на неправилностите, да ги извести Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат или Државниот пазарен инспекторат, зависно од утврдената неправилност.
Исто така, советот на родители може да побара вонреден инспекциски надзор дали во основното училиште оброците се во согласност со стандардите за исхраната. За утврдените неправилности при спроведување на стандардите за исхраната и за оброците во основните училишта и преземените мерки, надлежните органи го известуваат директорот. Инспекцискиот надзор за следење на утврдените стандарди за исхрана и за оброците во основните училишта го вршат Агенција за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат или Државниот пазарен инспекторат.
Децата што одат во целодневен престој, наоѓаа остатоци од пластика во чиниите, отпад од зеленчук во манџите, а неретко се случувало и да им се послужува храна со помала грамажа од пропишаната. Некогаш за овие неправилности се молчи, некогаш родителите реагираат, но во практика фирмите најчесто поминуваат со опомена.
Пред неколку години, кога министерка за образование и наука беше Рената Дескоска, таа истакна дека никој не смее да си игра со здравјето на децата, а за сметка на тоа да се приоритет бизнис-интересите на градоначалниците и општините, кои се основачи на училиштата. Но, и покрај тоа, денес имаме закон за основно образование, кој не го регулира прашањето за избор на фирма што ги храни децата, односно тоа продолжува и понатаму да се прави на тендер. А сепак, и одговорните во институциите и граѓаните знаат дека не може исти правила да важат и при избор на фирма што ќе гради, на пример, пат, со оние при избор на фирма што храни ученици. Најевтината понуда не значи испорака на квалитет. Бидејќи нема промени во критериумите и постапката за избор, неправилности и натаму ќе се провлекуваат што, се разбира, е недозволиво кога станува збор за децата.