Збогувања и (д)очекувања

Место за збогување со 2022 година нема, таа е веќе вградена во она што доаѓа. Затоа овде нема ни куртоазна честитка за божемниот премин од старото кон новото. Но ќе споделам нешто од Ерих Фром што може да биде сламка за спас за менталното здравје на сите нас, неспособни за еуфорија

Седам пред празниот „лист“. Не дека имам идеја/клик, туку онака од навика, поради работната самодисциплина, која налага секоја сабота да го правам тоа. И додека бесцелно ми лута погледот, очајна што немам никаква инспирација, сфаќам дека е ова последната колумна за оваа 2022 година. Па, ме фаќа уште поголем очај: како да заклучиш/резимираш година што сама по себе била ужасна, а која навестува уште полоши по неа? А божем време на славење е, на украсување и светкави елки и лампиони! Во каква тоа лажга живееме? Нè лажат медиуми, политичари, банкари, аналитичари, амбасадори, лажат и божемни пријатели додека нè гледаат в очи… Се лажеме и самите себе, заменувајќи ја лагата за надеж. Потоа, ги лажеме своите деца и внуци, сакајќи да ги поштедиме од страшната вистина за светот што им го оставаме. Не е ова само наш македонски изум, светот живее во лага. И лагата минува, се простува дури и кога ќе се разголи, затоа што на нејзино место веќе се намножиле нови лаги и ветувања. Потресот од интервјуто со Ангела Меркел, во кое таа призна дека Минските договори биле лага и купување време за да може Украина подобро да се подготви за војна, а не за мир, е веќе минато. Едвај некој и се сеќава на тоа. Пријател со право ги цитира првите два члена од Повелбата на Обединетите нации, за едноставно да заклучи дека тој „устав на меѓународната заедница“ е можеби најголемата лага што опстојала толку децении. Брилијантниот професор од Чикаго Џон Мершајмер не само што ја предвиде војната во Украина уште пред осум-девет години туку и напиша книга за лагите во големата/меѓународната политика. Што е тоа за нас овде, кога имаме материјал за десетици докторати во кои би докажале дека лагата е основата на македонската внатрешна и надворешна политика, дека Минхаузен може да им носи вода на сите шарени, црвено-жолти, премиери, министри, нивни советници, пропагандисти!!? Ако треба да се издвојат само два настана со судбинско значење за нашата земја и за светот, задачата воопшто не е тешка: тоа се т.н. француски предлог (практично, божем европска преговарачка рамка по бугарски терк) и војната во Украина. Двата настана се навидум многу различни по содржината и опсегот на влијание, но дали е така? Вистината е дека двата се израз на битка за моќ, брутална сила и со лажен претекст. Во нашиот случај божем нè европеизираат така што духовно нè кастрираат, а историски ампутираат.

Во случајот на Украина божем ги бранат од агресорот така што ги жртвуваат на олтарот на воено-индустрискиот аждер и на западните интереси. Двете држави и народи жртвуваат сè во наплив на налудничава лојалност кон оние што божем ќе ги примат во својата дружина – тогаш кога ќе исчезнат. Лидерите велат: да, нашите граѓани се подготвени и да се самоубијат за вашите вредности и ветувања. Секако, во Украина се води страшна војна, но многу пострашно е што никој како да не сака да ја запре, кога е веќе толку профитабилна. Ја опишуваат како Мекпрокси војна поради силниот американски влог во неа. Кованицата аналогна на познатиот Мекдоналдс ѝ припаѓа на една брилијантна и храбра жена, Кеитлин Џонстоун. Да, ова е многу смела квалификација, која може да ми донесе неволји од сите оние што (без оглед на компетенциите и знаењето) изигруваат безбедносни експерти и како папагали зборуваат во црно-бели категории на „добри/жртви“ и „лоши/агресори“. На оние што не мислат така, врховниот командант им се заканува, премиерот ги нарекува агенти на хаосот, а во универзитетските кругови со шепот се шират тивки закани за оние што работеле за „црни туѓи дворови“, кои наскоро ќе бидат недобредојдени и исфрлени. Кога САД истураат стотици илјади долари во пропагандната машинерија во земјава за да ја заштитат од наводното „малигно влијание на Русија и Кина“, тоа се „туѓи бели (пардон зелени) дворови“. Нашата понизна улога на пион во големата шаховска игра е патетична гледана како дел од големата слика, но погубна за нашиот сиромашен човек. Кога целиот државен врв се фали колку многу се издвојува за воени потреби, професори бараат уште посилен удар врз Русија, тоа не е ништо друго освен карикатура на она што се случува во американскиот Конгрес и јавна сцена. А таму каде што ќе завладее орвелијанството, војната станува мир, а мирот е рамен на војна. Онака како што на американските граѓани им велат: нема пари за бесплатно здравство и школство, за развој на инфраструктурата и сл., ама мора да има за Пировата одбрана на Украина, дури и повеќе од она што го бара Бајден, така и нам ни велат дека е поважна нашата „стратегиска посветеност на целите на НАТО“ отколку иднината на нашите деца (ним им посветуваат учебници со 30 отсто грешки – мачкина кашлица! И онака не ги подготвуваат за активни граѓани, туку за топовско месо). Рамо до рамо сме со големиот сојузник, кој за идната година издвои рекорден воен буџет со образложение дека тој е неопходен за да се одговори на заканите од Русија и Кина, иако американските издвојувања се четирикратно повисоки од тие на Кина и дури 17 пати повисоки од тие на страшната Русија.

Се разбира, крвта на рацете и совеста се брише пред сегашната страшна наезда (замислете!) во цивилизирана Европа. А само пред неколку дена неколкумина се сетија на божиќното бомбардирање на Северен Виетнам од воздушните сили на САД пред точно 50 години. Во кампањата, која траеше 11 дена, загинаа над 2.300 цивили, беа уништени цели градови, болници, училишта. Никој не одговарал кривично за овие злосторства. Можеби затоа што тие се далеку од Европа. Накратко, во оваа одвратна година сторија сè во зародок да го уништат секој антивоен протест, бидејќи ним војната им е приоритет, а не мирот. Протести како оние против војната во Виетнам сега се незамисливи, иако инсистирањето на воена победа во Украина по секоја цена е недвосмислено крајно десничарска и нецивилизирана идеја. Нека не ве буни тоа што социјалдемократи и луѓе што мислеа дека нивниот лидер треба да добие Нобелова награда за мир навиваат за повеќе војна (додуша во таборот има и бивши конвертити од ДПМНЕ). Тие веќе и не знаат што е лево, а што десно – главен ориентир им е моќта, позицијата, кариерата!
Со месеци седам во еден професорски круг со имиња од светски ранг (Вандана Шива и Ричард Фалк ме импресионираат сè уште, па се прашувам каква среќа имав да бидам една од нив); разговараме за моделите на можни нови модели на светски поредок, свесни за тоа дека владее законот на џунглата, а сите ние сме отпадници. Да можете само да нè видите од некоја страна: кој стар по години а со брилијантен ум ама и кој умее да го надвладее очајот, друг кој не толку стар по години ама едвај го потиснува песимизмот што го задушува. И неколку млади ликови чии очи сè уште го носат сјајот на интелигенцијата споена со визионерство. Го спомнуваме Грамши како икона: песимизам на умот и оптимизам на волјата. Очекуваме да ни се придружат колеги од незападните делови на светот, бидејќи од тие на Далечниот Исток ќе добиеме доза оптимизам и верба во подобро човештво, кое не се заснова на војна, а од оние од Латинска Америка малку повеќе борбеност и потврда дека моќта е во народот. По секоја средба, се чувствувам како прегладнет човек што тукушто се окрепил на прекрасна (интелектуална) трпеза. Тоа ме одржува да не мислам на оние што трпезата ја сфаќаат буквално, па во кафеани прават „дрим-тим“. Ми дава сила и да не потклекнам пред фактот дека пред очи ми се одвива атентат врз мировните студии, затоа што некои одговорни лица не можеле да најдат научна дисциплина во чие име стои „концептот на мирот“. Како да им го раскажеш елементарното? Дека позитивниот мир е мултидисциплинарен концепт што вклучува социоекономски развој, социјална правда, демократија одоздола и човекови права, ненасилство, владеење на правото, меѓународна соработка и коегзистенција, дипломатија, почитување на различностите и, конечно, индивидуална и колективна еманципација и услови за развој на личноста и на заедницата? Како на бирократскиот ум да му објасниш нешто од што тој самиот е „опериран“? Неодамна го гледав култниот филм „Бразил“ од далечната 1985 година: феноменална дистописка претстава на (замислете) времето во кое ние сега живееме, и во сета таа горчлива сторија со примеси на црн хумор ја препознаваш Македонија во секоја сцена. И да, ги препознаваш и светот и сите нас изгубени, отуѓени во него. „Спасот“ е во губење на умот, спржен буквално или симболички, па таму некаде ќе живееш во мир, слобода и убавина.

Место за збогување со 2022 година нема, таа е веќе вградена во она што доаѓа. Затоа овде нема ни куртоазна честитка за божемниот премин од старото кон новото. Но ќе споделам нешто од Ерих Фром што може да биде сламка за спас за менталното здравје на сите нас, неспособни за еуфорија: „ …Оној што не е сосема отуѓен, кој не го изгубил чувството за достоинство, кој сè уште не е на ,продажба’, кој сè уште може да страда за другите, кој сè уште не го усвоил материјалниот имот како начин на постоење – накратко, личност што останала личност, а не станала ствар – не може во денешното општество да не се чувствува осамено, немоќно, издвоено, да не се сомнева во себе и во своите уверувања, па дури и во менталното здравје, да не страда дури и ако доживува моменти на радост и јаснотија каква што не постои во животите на неговите ,нормални’ современици. Таквиот ќе страда почесто од невроза како резултат на живот на здрав човек во нездраво општество за разлика од вообичаената невроза кај болниот човек што настојува да се приспособи на болното општество.“ Изборот е пред секого од нас. Па, секој со сопствената совест, храброст и подготвеност да се соочи со фаталната дијагноза на човековото живеење ако ги следиме овие вождови…