„Запинг“ без политика – поука за медиумите

Денес, кога современиот микрочип на мал простор може да содржи милијарди вмрежени информации, теоретски достапни секому и во секој миг, ноторен факт е дека информацијата сама по себе не претставува спознание… вистинската реалност е побрза од вестите, информациите… Голем дел од читателското братство, аудиториумот, понекои и од новинарскиот еснаф, не го разбира ниту сфаќа тој пресврт во внатрешното битие на дејноста

Запинг е, всушност, сурфање (скокање) по ТВ-каналите без координација, медиумски обред и оркестрација на тактилно-визуелна наслада, при што се ослободуваме од прекумерната стварност. Тоа е она блажено чувство што нѐ обзема при честото и брзо менување на ТВ-каналите, каде што денес ги читаме и онлајн изданијата на весниците. Тоа е и активна улога во масмедиумскиот глобален кастинг, при што се претвораме во медиумски навигатор и чинител во „културата на далечински управувач“. Освен како „злоупотреба“ на ТВ-апаратот при прошетка низ кабелските, земските и сателитските фреквенции и сигнали, тоа е наедно и значајна перцептивна и спознајна рамка на постинформациски модерен сензибилитет. Запинг е повеќе од технологија, повеќе од техничка операција.
Запинг е институција на случајни содржински спојувања, зона на апстрактна екстериторијална преобразба, уште еден во низата феномени на културата на далечински управувач. Уживањето не е резултат на спознавање на содржината, која ја прифаќаме сама како назнака, туку го пронаоѓаме во компулзивното скокање од една во друга различна егзистенција, случајно и без координација. Притоа (доброволно) се подложуваме на интензификација на сопствениот ритам на перцепција и несвесно образуваме сфера на алтернативна онтолошка натструктура во спознајниот видик кај себе, како гледач активен чинител. Стварноста се образува (се едитира) и се доживува како еден сублимиран неред со кафкијанско студенило, во кој последиците им претходат на причините, надреална сеанса на масмедиумската метафизика.
Запинг може да се окарактеризира и како своевидно ослободување од прекумерната стварност што ни ја сервираат медиумите секојдневно во вид на бескрајна, непрегледна секвенца од паралелни фикционални и алтернативни емпириски светови низ кои со глобалната медиумска поддршка се движиме спокојно и без последици.

Во напорите за ослободување од прекумерната стварност сѐ повеќе се претвораме во заедница на „танатоиди“, дигитализирани суштества меѓу животот и смртта, кои во своите информациски тела ја преживуваат сопствената смрт, осознавајќи ја единствено како метафизичка апсолутна граница и конечна онтолошка недофатност.
Па, така, постмодернизмот од модернизмот во медиумите се разликува според тоа што за него наместо епистемолошките прашања, примарни стануваат онтолошките. Наместо „што можам да знам за светот“, сега прашањето е „кој е овој од световите“ и колку сме подготвени за неговото акцептирање. И како да го препознаеме и третираме скокањето по каналите, со притискање на далечинскиот управувач. Гледање и секвенционално стопување на педесет различни светови, од што произлегува композитен видеодискурс, сличен на мозаик во кој високите ги скратуваме, ниските ги издолжуваме, сѐ додека сите содржини, сите емисии, убиства, квизови, политики, илјада и една разновидни содржини и радости, ужасни вистини и фантазии, не добијат еднаква тежина.
Кога е во прашање нивото на политичката култура на поединци и општествените групи и генерално на општеството, медиумите имаат огромна улога. Тие, со своите реакции на општествените појави, можат и треба да влијаат на издигање на нивото на политичката култура и нејзиниот развој. Изборот на тоа што и како ќе ѝ пренесат на јавноста, покажува како медиумите ја гледаат сопствената улога во јавниот живот и како влијаат врз политичката култура.
Кодексот на новинарите на Македонија во членот 6 вели: „Новинарот не смее да го користи медиумот за објавување или прикривање информации заради стекнување лична корист. Не смее да се дозволи рекламирањето и другите комерцијални мотиви да влијаат врз слободата на информирањето“.
Преминот од аналогна во дигитална ера не подразбира само технолошки иновации туку и проширување и на онтолошката рамка на журнализмот како моќен глобален поглед што ја детектира, набљудува и креативно, професионално и одговорно ја преобликува стварноста и од традиционален ја преобразува во иновативен мултимедијален процес во кибер-просторот на интернет и редица нови непрегледни можности.

Денес, кога современиот микрочип на мал простор може да содржи милијарди вмрежени информации, теоретски достапни секому и во секој миг, ноторен факт е дека информацијата сама по себе не претставува спознание… вистинската реалност е побрза од вестите, информациите… Голем дел од читателското братство, аудиториумот, понекои и од новинарскиот еснаф, не го разбира ниту сфаќа тој пресврт во внатрешното битие на дејноста.
Се наметнува нов вид поимање на жанровите, дејностите, а и на журнализмот. Во тек е силен процес на редефинирање и проширување на онтолошката рамка на новинарството како глобален поглед што ја детектира и следи стварноста. Голема е веројатноста журналистичката дејност да се трансформира, преобликува од традиционалното перцепирање и известување во иновативен мултимедијален процес комплетно преселен во кибер-просторот, на интернет и редица нови технолошки алатки. А, во нашиот медиумски сокак и понатаму упорно се дебатира за слобода на медиумите, политиката и така до недоглед. Кутрите македонски медиуми!

Aвтор: Аљоша Симјановски