Фото: Принтскрин

Граѓани на Лондон од синоќа веќе чекаат во ред за да не ја пропуштат шансата да ѝ оддадат чест на кралицата Елизабета Втора, која почина на 8 септември.

Ковчегот со посмртните останки на кралицата се очекува во Лондон да пристигне вечер и од утре во следните пет дена да биде поставен во салата Вестминстер, која ќе биде отворена за граѓаните.

Како што се прогнозира, редицата луѓе најверојатно ќе се протега неколку километри.

Фото: Официјален Фејсбук-профил на кралското семејство

Кампувањето не е дозволено во тој дел од Лондон, па граѓаните со себе носат столчиња на расклопување, топла облека и храна.

Британската Влада, предвидувајќи ја долгата редица, нареди зголемена безбедност и поставување монтажни тоалети.

Весникот „Тајмс“ пренесе оти може да се очекуваат и до 750.000 лица, потсетувајќи дека во 2002 година имаше над 200.000 лица на поклонение пред ковчегот на кралицата мајка, мајката на Елизабета Втора.