US B52 bomber , voen avion
Фото: ЕПА

Осум лица загинаа при уривање на американски стратешки бомбардер Б-52, кој се срушил кратко по полетувањето од воздухопловната база Едвардс во Калифорнија, соопштија Воздухопловните сили на САД.

 – Денеска воздухопловната база Едвардс доживеа страшна трагедија и загубивме осум извонредни Американци – изјави полковникот Џејмс Хејс на прес-конференција, пренесе „Ројтерс“.

Според него, надлежните институции се во процес на известување на семејствата на жртвите, по што ќе бидат објавени дополнителни информации за загинатите.

Компанијата „Боинг“ потврди дека меѓу жртвите има и двајца нејзини вработени.

Авионот бил ангажиран на тест-лет поврзан со нов радарски систем, а несреќата се случила само неколку моменти по полетувањето. По падот, леталото се запалило.

 – Во овој момент немаме индикации за причините за несреќата. Истрагата е во тек и ќе биде потребно време за да се утврдат околностите – рече Хејс.

Од Воздухопловните сили претходно соопштија дека првичните информации укажуваат оти немало можност за преживување, а спасувачките екипи веднаш биле испратени на местото на несреќата.

Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, изрази сочувство до семејствата на загинатите и до припадниците на американските Воздухопловни сили, упатувајќи благодарност и до службите за итни интервенции кои работат на терен.

Поради несреќата, воздухопловната база Едвардс привремено го затвори аеродромот, а пристигнувачките летови беа пренасочени кон други локации.

Б-52 е стратешки бомбардер со долг дострел, способен да носи конвенционално и нуклеарно оружје, и претставува еден од најзначајните авиони во арсеналот на американските Воздухопловни сили. Истрагата за причините за несреќата продолжува, пренесува „Ројтерс“.