За „тивките пресметки на Блискиот Исток“

776

Иако крајно свесен за тоа дека актуелноста на настаните околу Украина е тема што ја преокупира јавноста, особено фелата од областа, за денес се решив да направам мал излет надвор од темата за конфликтот во Украина. Причината не е дека нема што да се пишува за Украина, оти има многу. Барем ако ништо друго за хуманитарната катастрофа што допрва ќе ги тресе Европа и светот или, пак, за бегалската криза, која веќе дава нов спин на мигрантската криза и вооружувањето на истата таа како закана по безбедноста на Европа од тој дел од светот. Или, пак, можеби за сѐ по евидентниот проблем на руската страна во оперативна смисла, односно за контрадикторниот проблем што го мачи Западот како во Сирија со ИСИС, овој пат – неонацистите – десни екстремисти. Сепак, со оглед на тоа што преку овој медиум воспоставивме тренд да зборуваме за многу работи од доменот на безбедноста, геополитиката, дипломатијата, меѓународното право и односи, и тоа за прашања многу пред другите и да ги отворат, така и овој пат излетот ќе нѐ „ресетира “ во контекст на Украина. Овој пат ќе се осврнеме на активности што се случуваат под радарот на главниот фокус на употребата на сила во и околу Украина.
Пред неколку дена, додека сите се фокусираа на илегалната инвазија врз Украина, Иран изврши напад во Ирак, целејќи на, како што тие објавија, израелски цели во Ербил, Ирак. Имено, според Техеран, серијата напади на различни локации биле со цел да се разбие потенцијална база на израелски тајни оперативци што биле распоредени во тој дел од Ирак. Според Техеран, оваа група имала цел да врши следење и саботажа на нуклеарната програма на Иран. Дека на Израел оваа програма му е сериозен трн во окото е повеќе од јасно. Таквата загриженост не само преку дипломатски и информативни канали Израел ја демонстрирал во пракса и оперативно.

Наводно, израелски и американски агенти во 2010 година успеаја преку посебен софтвер (црв) познат како „Стакснет“ да ја уназадат нуклеарната програма на Иран. Имено, според информациите што беа објавени во 2010 година или претходно, електронскиот систем што ја контролирал работата на центрифугите (поточно нивната фреквенцијата на работа) во нуклеарната централа на Иран бил нападнат со повеќеслоен црв познат како „Стакснет“. Овој црв, за кој се верува дека бил развиван цели пет години, бил дизајниран да се шири преку „Мајкрософт виндоус“. Денес нашироко помеѓу експертската и академската јавност е прифатено (иако никој официјално не го потврдил тоа) дека оваа програма е израелско-американски продукт. Операцијата наводно се вика „Олимписки игри“. Како програма е започната во времето на претседателот Џорџ Буш, а продолжила и се комплетирала за време на претседателот Обама. Начинот на кој е изведен нападот е софистицирана операција на физичко вградување (вметнување) на црвот во системот на компјутерите што ги контролирале центрифугите и оптимизацијата на нивната работа. Грешката била воочена дури кога имала ефект врз продуктот, односно кога било констатирано дека процесот на збогатување на ураниумот не се одвива според планираното.
Таквиот шок го чинеше Иран многу. Прво, оперативно ја одложи намерата за развивање нуклеарно оружје. Второ, претставуваше јавен срам, за асиметричниот блам што го доживеаја властите во Техеран, посебно поради фактот што тие имаа доктрина со која требаше асиметрично да им пркосат на Западот и на Израел.
Оттука, актуелноста на неодамнешниот напад на еден или друг начин е голема. Тоа е така, гледано изолирано или ако сакате во целосен контекст на збиднувањата околу Украина, особено околу дебатата што ја развивме за судирот на вредности. Изолирано бидејќи тој дел од светот ја тресе јавноста подолг период – веќе неколку декади. Пошироко, пак, претставува уште еден сегмент во целиот мозаик на судир на вредности и трасирање на новиот мултиполарен поредок.

Новиот напад, сепак, е актуелен и во оперативен контекст бидејќи, според некои аналитичари, тоа претставува пркосење на доминацијата на Мосад. Актуелноста на нападот доаѓа поради фактот што целиот тек и дизајн на кој се лиферуваше информацијата дава еден поинаков тон или, пак, укажува на тоа дека нешто друго се случува во тој дел од светот. Имено, во минатото многу често кога ќе имало некаква операција или успех, Иран го правел тоа бомбастично и театрално. За културата што има перцепција на регионален хегемон (што во пракса и е) и што негува традиции на големата Персија тоа е разбирливо. Но она што е интересно е дека целиот пакет информации што беа лиферувани беа со скромен осврт на нападот, дури и артикулирање на поранешните успеси на Мосад. Тоа во пракса го прават оние што се сигурни во себе. Дополнително, досега никој не ја негирал информацијата за нападот. На пример, кога Турција наводно фабрикуваше информација за разбивање шпионска ќелија на Мосад со објава на иницијалите и лицата на наводните шпиони, поранешниот шеф на Мосад, Рам Бен Барак, побрза да ги негира овие информации како дезинформација. Тоа во конкретниот случај не се случи. Овој напад, покрај другото, е сериозен индикатор за тоа дека Иран е подготвен на поагресивни и офанзивни чекори, не само дефанзивни. Ако овој напад се стави во контекст на низа други операции што се преземени во минатото, тоа секако би можело да значи и дека Иран заокружува сериозен оперативен напредок што може да биде проблем за Израел. Покрај историски ад хок спорадични успеси, понов успех што Иран го имал против Мосад е оној кога синхронизирано со Кина во периодот од 2010 до 2013 година беа елиминирани неколку агенти на ЦИА, од кои во еден случај имаше и директно поткажување на агент за сопствен спас.

Во секој случај, нападот што помина некако под радарот на информациите околу Украина е поврзан со една друга линија, која е проблематична и за Турција. Имено, една од целите на нападите беше и куќата на курдскиот нафтен тајкун во тој дел од светот, за кој се смета дека соработува со оперативците на Мосад. Иако Баз Карим Барзини, шеф на компанијата „КАР груп“, ја негира неговата поврзаност со Мосад, многумина добро упатени извори јасно укажуваат дека Израел има сериозен интерес во Ирак, особено во делот што е под доминација на Курдите и од каде што се продава гориво. Ирачки разузнавач, пак, кој за дел од оскудните извештаи околу овој настан инсистирал да биде анонимен, тврди дека не е точна поврзаноста на курдскиот тајкун со Мосад. Тоа, според извори слични на него, е само дело за да се подигне моралот кај Иран, кој во изминатиот период е значително омаловажуван и исмеван поради големиот број неуспеси. Сепак, она што од нападот би можело да се заклучи е дека целата операција е доста професионално изведена и не наликува на несмасните операции што порано биле изведувани. Во овој напад бројот на жртви е ограничен и целата операција има „хируршки“ префикс. Тоа значи внимателно да се избегне директна конфронтација со САД. Во исто време оваа демонстрација на сила, најверојатно, е и јасен сигнал за Ирак за тоа во која насока и како треба да течат преговорите за новата влада. Конечно, овој напад има поголема стратегиска порака, која можеби и сака да го искористи моментот кога целиот фокус е ставен на тоа како да се решат слепите улици во оперативна и стратегиско-политичка смисла во Украина за кои веќе говоревме. Во таа насока, заспаните преговори во Виена околу договорите за нуклеарно оружје може да имаат поинаков тек што му дава покомотна позиција на Иран.

Методи Хаџи-Јанев

Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот
универзитет во Аризона, САД